1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полските судии под притисок

23 септември 2017

Со новиот закон, полското правосудство е под контрола на владата. Министерот за правда може да именува и да разрешува судии. Критички настроените судии се под притисок.

Polen Proteste gegen die Justizreform der Regierung
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. A. Nicolas

Едно летно јулско неделно попладне, демонстрантите се собираа пред зградата на парламентот во Варшава. Валдемар Зурек им се обрати на насобраните: „Уставот е нашиот највисок закон и затоа ќе го бранам до крај. За тоа сум дал заклетва како судија." Следеа овации.

Валдемар Зурек е судија и портпарол на Полскиот судски совет, орган кој ја надгледува независноста на судството. Дел од новите реформи на национал-конзервативната влада во Варшава предвидуваат и овој Совет да се стави под контрола.

„Ова е војна за правна држава", изјави Зурек за Дојче Веле. Владата сака со „едноставни закони" да ја промени државата, вели тој и додава дека „ немаат сила за тоа бидејќи го немаат потребното уставно мнозинство во парламентот." Но, еден ваков закон веќе стапи на сила. Со него му се дава право на министерот за правда да ги именува и разрешува претседателите на сите основни судови.

Апсурден лавиринт"

Неговата храброст и критички став му носат ризици на Валдемар Зурек. Со месеци веќе се чуствува како „во еден апсурден лавиринт"

„Одеднаш разбрав дека се води истрага против мене", вели тој. Официјално се вели дека не се спроведува истрага против судијата, туку тоа се врши поради негова заштита. Јавното обвинителство дознало од медиумите дека тој им раскажал на колегите дека добил писмо со заканувачка содржина. Иако судијата не подигнал никакво обвинение, ниту случајот го пријавил во полиција, Јавното обвинителство се активираше. Но, наместо да го бара испраќачот на писмото, тие го сослушуваа Зурек.

Тој стравува дека иследниците ќе побараат истрага и за неговиот компјутер со сите информации и контакти. „Тие веќе ги пребаруваа моите телефонски разговори и тоа без моја согласност, " вели Зурек. Законот во Полска го дозволува тоа. За судијата, писмото со закани е само изговор за обвинителството да го стави под надзор.

Валдемар ЗурекФотографија: KRS

Чудни испрашувања

Стравувањата на судијата се потврдуваат со новите истраги на Антикорупциската служба. Таа „сосем случајно" сега започна да ги истражува неговите даночни пријави од последните години.

„Истражувачите на пример прашуваа колку пари сум имал на сметка пред пет години," раскажува Зурек за испрашувањето. „Јас им велам, толку колку што пишува на даночната пријава, но тие продолжуваат понатаму. Дали беа 5000 злоти? Или имавте повеќе или пак помалку од 5000 злоти? Јас секако дека не можам точно да се сетам."

5000 злоти се отприлика илјада евра. Начинот на кој властите го третираат, за судијата е шиканирање. Антикорупциските власти одбија да дадат интервју за Дојче Веле, но во испратеното соопштение стои дека проверка на даночните пријави на судиите е рутинска постапка. Властите истражувале по објавен напис на интернет портал кој пишува дека судијата располагал со „значителни средства". Но, властите не поднесоа никакви конкретни докази за ваквите тврдења, ниту се подигнати обвиненија.

Илјадници Полјаци протестираа против реформата во правосудствотоФотографија: picture-alliance/dpa/J. A. Nicolas


Судиите како посебна „класа“

Зурек е навикнат на напади од провладините медиуми. Тој ги „застапува интересите на судската класа" на старите комунисти, го обвинуваат медиуми блиски до власта. „Власта нѐ претставува како елита која е поврзана со стариот систем и која е против реформи", објаснува тој. Фактот дека овој 47- годишен судија во младоста во комунистичка Полска бил активен во опозициското движење и не бил никаков функционер, не игра никаква улога.

Зурек е песимист во однос на иднината. Тој не верува дека Јарослав Качински, поради критиките од Брисел или поради протестите во сопствената држава, ќе го промени строгиот курс за реструктуирање на државата. Тој смета дека многумина ќе го следат слепо во остварување на неговата цел - целосно да го стави под контрола судството во земјата.

Мрачни прогнози

Во Уставниот суд веќе доминираат судии кои се блиски до власта, со што е нарушена неговата независност и имиџ. Многумина во Полска го квалификуваат како „марионета“. Со новиот закон се зајакнува и позицијата на министерот за правда и неговото влијание врз судиите. Од пред неколку дена тој може да именува или разрешува претеседатели на основните судови, без да даде објаснување за одлуката.Претседателот Анджеј Дуда стопираше два слични закона со кои се предвидуваше зголемена контрола врз Судскиот совет и повисоките судови. Сѐ уште е неизвесно во каква форма ќе стапат на сила. И покрај протестите, Качински се обидува да го стави под контрола и највисокиот суд во земјата, кој меѓу другото одлучува и за валидноста на изборите.

Валдемар Зурек смета дека е многу можно да ја изгуби позицијата на судија во Краков. Три недели по неговиот критички настап пред демонстрантите во Варшава, тој дознал дека му се подготвува и дисциплинска постапка поради политички ангажман. Но, и покрај сѐ, тој нема намера да се откаже.


 


 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми