1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Не е лесно да си полицаец во Германија

Наоми Конрад
10 февруари 2017

Во Германија расте бројот на напади врз полицајци, санитарци и пожарникари. Владата планира да го спречи трендот со носење нов закон, што наидува и на критики за гола „симболичка политика“.

Deutschland Polizeikontrolle
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Gercke

„Вџашувачки и запрепастувачки“: вака почнува едно соопштение за медиумите на градската служба за итни интервенции од Гелзенкирхен, град во Северна Рајна-Вестфалија, издадено во септември 2016. година. Двајца болничари „ненадејно и неочекувано“ биле нападнати од група мажи при ноќна интервенција на службата за итна медицинска помош во една зграда. Санитарците биле удирани, едниот паднал на земја, „каде продолжиле да го удираат“. Конечно, двајцата болничари успеале да избегаат до една бензинска станица, каде ја информирале полицијата, по чие пристигнување можеле да го извршат  пружањето медицинска помош.

Вакви случаи, според германскиот министер за правда, Хајко Мас, не се реткост во Германија: „Бројот на напади врз полицајци и медицински лица е во пораст.“ Полицајците секојдневно доживуваат брутални напади. Криминалистичката статистика вели дека 64.371 полицаец во 2015. година бил жртва на деликти, додека во 2014. година биле 62.770 случаи, што за министерот Мас е целосно неприфатливо.

Се случува и попречување на пружањето помош Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Steinberg

Нов закон

Неговото министерство поради тоа достави нов предлог-закон, кој подобро ги заштитува полицајците и санитарците од насилни напади, кој денеска беше усвоен од владата.

Законот предвидува во иднина да се казнува примена на насилство кон службените лица не само при извршувањето акции, како апсење или сообраќајни контроли, туку и при сите напади против полицајци, екипи за медицинска помош и пожарникари во текот на вршењето на нивната работа. Предвидена е казна од три месеци до пет години затвор.

Предлог-законот содржи и една промена - во иднина, за посебно тежок случај на пружање отпор ќе се смета ако лицето кај себе има оружје или друг опасен предмет, дури и покрај тоа што не го користи при нападот врз службеното лице. Кога повеќе лица заеднички напаѓаат полицајци или членови на екипите за итна медицинска помош, исто така ќе се смета за тежок случај на пружање отпор.

Критика од адвокатите и судиите

За полицискиот синдикат законот е „голем успех“, зашто со него државата дава недвосмислен знак дека нема да толерира насилство.

Критики меѓутоа стигнуваат од Германското здружение на адвокати и Германскиот судски сојуз, според кои законот е само „акт на симболичка криминалистичка политика“. Од аспект на правниците, не постои воопшто потреба од нови прописи. Новите одредби кои би требало да ги штитат полицајците при вршењето на службата, според адвокатското здружение, се целосно излишни, зашто сосем се доволни и постојните правила.

Министерот за правда Хајко Мас освен тоа инсистира и на подобра опременост на полицијата. Токму кај полицијата и во судството „беше вршена заштеда повеќе од потребното“, истакнува министерот. Во минатите години беше спроведена рационализација во овие области, што резултираше со кратење на повеќе илјади работни места во полицијата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми