Поместување на тежиштата во светскиот фудбал
30 јуни 2010
Европскиот првак Шпанија заслужено се пласираше во четвртфиналето, откако синоќа во соседскиот дуел со Португалија во Кејптаун славеше минимална победа од 1:0. Во дуелот меѓу втората и третата екипа на ранг листата на ФИФА, Шпанците направија повеќе шанси за гол.
Една од нив иако од офсајд позиција ја круниса голгетерот Давид Вилја во 63 минута. „Беше навистина многу тешко. Меѓутоа знаевме дека ова ќе биде тврд натпревар и оти ќе мора да се совлада силната одбрана на Португалија. Среќни сме дека одиме натаму и оти оставивме еден тежок противник зад нас,“ изјави по мечот Вилја кому ова му беше четврти гол на мундијалот. Во четвртфиналето Шпанија в сабота во Јоханесбург ќе игра против Парагвај. Јужноамериканците во најздодевниот меч досега на првенството успеаја дури по изведувањето на пенали да ја победат Јапонија со 5:3. Единствен кој промаши пенал беше Јапонецот Јуичи Комано.
Парагвај со тоа стана четврта јужноамериканска екипа која обезбеди пласман меѓу осумте најдобри на мондијалот. Досегашниот биланс од СП во Јужноафриканската република говори за поместување на тежиштата во меѓународниот фудбал.
За разлика од Јужна Америка, Европа досега се нема толку лошо претставено на еден Светски шампионат. Имено меѓу осумте најдобри има само три претставника од вкупно 13 екипи кои го започнаа првенството. Гана пак е единствениот претставник на Африка во четвртфиналето. За екипите од Азија, Северна и Централна Америка краен дострел беше осминафиналето. За разлика од фазата по групи, кога испаднаа големите фаворити - актуелниот светски првак Италија и вицешампионот Франција, во првата нокаут рунда немаше такви изненадувања. Најеминентни жртви во неа беа Англија и Португалија, кои меѓутоа загубија од подобрите репрезентации на Германија и Шпанија.
Автор: Јоахим Фалкенхаген/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска