Договорот со Бугарија помина, почетокот на преговорите се случи, но болката, мислам, ќе остане. Длабоките поделби околу содржината на пакетот, начинот на кој е постигнат договорот, и балансот помеѓу цената и придобивките, имам впечаток дека уште долго време ќе ја брануваат и онака поларизираната јавност во Македонија. Мислам дека за оваа епизода да ја оставиме зад себе, и да се посветиме на следните предизвици, кои секако не ни недостасуваат, неопходен е интензивен период на трезвени соочувања, интроспекција, но и помирување, и внатре и надвор.
Соочување со илузиите
Најнапред, мислам дека треба да се соочиме со неколку илузии околу целиот пакет – не само врзано за преговорите, туку и она што нѐ чека после тоа, и дека тоа соочување треба да се случи од двете страни на полемиката. Централно место во оваа фиксација на илузиите, во домашната дебата, зазема македонскиот јазик и едностраната позиција на Бугарија. Оттаму доаѓа и првата илузија – дека јазикот ни е загрозен, па со тоа, дека во моментов постои некаква борба истиот да го „заштитиме“. Нашиот јазик е факт, и неговото постоење не може да го загрози никој освен ние самите, ако упорно сме несигурни во неговата уникатност, позиција, и негување. Во таа смисла, не знам зошто преживуваме толкава драма околу моменталната позиција на Бугарија по тоа прашање. Освен констатација за соголување на крајната невоспитаност (во 21-ви век да оспоруваш нечиј мајчин јазик) не гледам што друго во моментов би било упатно да се прави. Јазикот постои, единствен е, се говори, и на истиот ќе се одвиваат преговорите со ЕУ. И толку. Нема потреба од премногу драмолетки, напротив, ние треба на Бугарија „да ѝ одбиеме на глупост“, и да продолжиме напред. Оттаму мислам дека треба и да се повлече нашата линија околу унилатералната изјава, документ околу кој се дигна премногу прашина, а кој во основа треба да се игнорира. Унилатерална изјава е за лузери, особено во ЕУ. Оној кој ја изгубил битката, дава унилатерална изјава, одвоена и изолирана, додека останатите продолжуваат понатаму со заедничка позиција. Во оваа фаза, тоа е најдобрата наша позиција. Ние, во времето на преговорите со Грција, токму тоа го нудевме како посакувано сценарио за решение за спорот – фамозната двојна формула: светот нека нѐ нарекува Република Македонија, а вие како сакате – па оттаму не знам зошто истата формула би била неповолна за нас сега со Бугарија. Светот нека говори со нас на македонски, а Бугарија како сака.
Втората илузија е дека прифаќањето на „францускиот предлог“ и отпочнувањето на преговорите со ЕУ, со вклучување на некакви позиции за разговори (па вклучително и протоколот), на некаков начин ја слабее нашата позиција, односно дека на Бугарија ѝ дава моќ врз нас во текот на процесот. Таква моќ, Бугарија, како членка на ЕУ, секако имала отсекогаш. Ете, две години уредно нѐ блокираше, без за тоа да им е потребен било каков документ или наша согласност. Оттаму, не е точно дека со почнувањето на преговорите ние на Бугарија сме ѝ дале сила која ја немала, напротив. Ние единствено сме ги формулирале областите во кои имаме отворени прашања (па со самото тоа и проблемите сме ги ограничиле на истите области), и процесот сме го преселиле на поширока арена. Дали е тоа добро или лошо за нас, допрва треба да се види.
Тука доаѓаме до следната илузија (овој пат од пропонентите на процесот), а тоа е дека големата цена е платена, и планината префрлена, и дека оттука натаму „сѐ е удолница“. Тоа исто така не е точно. Дури и ако се исклучат билатералните прашања (кои да, ги имале, и ги имаат, и други земји кандидати), остануваат илјадници задачи кои треба да го трансформираат нашето општество кон европски стандард, и огромен дел од тие задачи се непријатни за нас. Имаме многу домашна работа, и ако мислиме дека разговорот за Гоце Делчев е најтешкиот дел, малку сме се зезнале. Затоа, подобро е да се фокусираме на вистинските предизвици, одошто да си измислуваме нови.
Третиот феномен, кој е исклучително интересен за социјална опсервација, е природната лицемерна биполарност на квази патриотскиот сентимент. Дали сте забележале дека мантрата „македонштината не ја даваме“ и „да бегаме од државава“ обично доаѓаат од исти кругови? Е сега, кое е од овие две? Македонштината не ја даваме, или бегаме од државата? Зашто, ако ја напуштиш Македонија, ако се иселиш, ако земеш, на пример, бугарски пасош, ако во странство, наместо дома, работиш, придонесуваш за економијата и плаќаш даноци, нели малку од македонштината си дал? Нели е тоа барем малку контрадикторно со борбата за вечна Македонија? Овој психолошки феномен на контрадикторност е нормален, зашто луѓето на различен начин размислуваат за својата лична судбина одошто за општествената, но тука и лежи дел од проблемот – мораме со истата трезвеност, рационалност, и прагматичност да ја согледаме и државната перспектива, ако сакаме во вакво проблематично време да се движиме напред.
Колективен проблем
Последната мантра, поврзана со феноменот на напуштање на колективната судбина, а која најмногу заживеа, парадоксално, токму откако го направивме најголемиот исчекор на кој чекавме 17 години е – никогаш нема да влеземе во ЕУ. Оваа малодушност можеби ме погодува најмногу, зашто е дестилат на нашиот колективен проблем, а тоа е убеденоста дека исклучиво некој друг ни ја крои судбината. Овој психолошки синдром толку нѐ блокира, зашто во основа претставува лесен изговор за неуспех, што може навистина да се претвори во пророштво кое сами ќе направиме да се исполни. Дали ќе влеземе во ЕУ, и со кое темпо, сепак, шокантно, најмногу зависи од нас самите. Ако се заглавиме во болката, во дефетизмот, и во чекањето некој друг да ни ја заврши работата, сами ќе се блокираме подобро одошто тоа било кој би можел да го направи било кога.
За нас нема друго освен да се трудиме да одиме напред – на крајот нашиот успех ќе се сведе на тоа дали ова ќе го искористиме како повик за будење и дали ќе успееме да фокусираме некаква колективна енергија околу новите можности кои се пред нас (колку и да се тие валкани и нефер), или ќе се заглавиме во поделби и обвинувања, додека задачите стојат. За таква нова енергија, мислам дека се неопходни најмалку две помирувања: едното е самите со себеси внатре, а второто е со Бугарија. Внатре, мораме да ги оставиме ситните политички лешинарења околу предавници и патриоти, и заедно да се обидеме од оваа, неспорно висока цена, да извлечеме некакви поволности координирано и заедно. Со Бугарија пак, мораме да се обидеме да извлечеме некакви поуки од договорот од Преспа, кој успешно ги подобри нашите односи со Грција со квантен скок. Мислам дека и тука, колку и да звучи тешко во моментов, мораме да најдеме начин да се движиме напред, и повторно да измислиме или создадеме нова енергија за добра волја во иднината.
Да бидеме искрени, овој чекор не е ниту момент за ловорики, ниту повод за парастос. Вистината е дека плативме висока цена, но тоа е зад нас. Сега е редот да ги осигуриме придобивките кои ги плативме – а тоа можеме само заедно.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.