1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помирувањето бара и дијалог меѓу Заев и Мицкоски

30 ноември 2018

Не ме изненадува што и втора група пратеници е подготвена да се вклучи во процесите за помирување и ги охрабрувам сите кои размислуваат на тој начин, вели ексминистерот Ристовски. Растат и повици за дијалог Заев-Мицкоски

Mazedonische Premier Minister Zoran Zaev  und Hristijan Mickovski
Фотографија: Regierung der Republik Mazedonien

Во опозицискиот кампус расте поддршката на заложбите за помирување и за неопходноста од интеграциски перспективи на Македонија. Во таа насока, вниманието е особено насочено кон денешниот втор состанок на собраниското координативно тело за реформи, интеграција и помирување, на кое, како што беше најавено, ќе биде поканет и премиерот Зоран Заев за да ги образложи неговите ставови за севкупниот процес.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ одби да учествува во работата на ова тело, што во овој исклучително сензитивен политички момент наидува на критики и во редовите на самата партија. По информацијата од партиски извори, дека и втора група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да дадат поддршка на тековните процеси во парламентот, се множат одобрувањата и охрабрувањата до пратениците во таа насока.

Спиро Ристовски, поранешен функционер во владите на ВМРО-ДПМНЕ (министер за образование и наука од 2013 до 2014 и министер за труд и социјална политика од 2011-2013), за Дојче веле изјави дека ги охрабрува пратениците активно да се вклучат во процесите кои се одвиваат во Собранието.

Спиро РистовскиФотографија: MIA

„ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш важела за партија во која имало силна внатрепартиска дискусија на демократски принципи во однос на стратегиските прашања. Очигледно е дека се наоѓаме во чувствителен момент и не ме изненадува тоа што и втора група на пратеници е подготвена да се вклучи во процесите на национално помирување и заштита на националниот идентитет. Никој подобро од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да го направи тоа. Во таа насока ги охрабрувам и нив, и сите оние кои размислуваат на овој начин, активно да се вклучат во процесите кои се одвиваат во Собранието на Република Македонија“, порачува Ристовски.

Повеќе: Македонско помирување

Партијата чувствителна на изјави

Ристовски не е осамен во ваквите пораки. Како што ни изјави, ваквиот став го поддржува и поранешниот министер за образование и наука (2011-2013) Панче Кралев, но и голем број други партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Единствена разлика е што едните своите ставови ги кажуваат јавно, другите - засега анонимно. Вторите, како причина за барањето да не бидат именувани, го наведуваат „тешкиот и чувствителен период во партијата“, кога дури и најдобронамерните изјави неоправдано се толкуваат и читаат како „напад врз партијата“.

„Сакаме да успее процесот на помирување, но сметаме дека тоа не треба да биде заложба само на 8 или 80 пратеници, туку на сите. И не само во парламентот, туку во сите општествени сфери. Засега, најголем хендикеп е што нема дијалог меѓу премиерот Заев и нашиот партиски претседател. Преку нивниот дијалог најбрзо би била испоратена порака за помирување. И двајцата мора да се надминат себеси, без стравувања дека некому ќе му се намали политичкиот 'маневарски простор', бидејќи низ дијалог ќе ѝ отворат простор и перспектива на Македонија“, велат поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

И пратеници на ВМРО-ДПМНЕ посакуваат да започне таков дијалог. Свесни се дека одговорноста за претстојните важни одлуки за иднината на Македонија е и кај париските водства, а особено кај нив како народни избраници. Како што изјави за ДВ извор од партијата, во насока на надминување на поделбите „големо и охрабрувачко влијание врз пратениците имаат изјавите на угледни членови на партијата кои даваат поддршка на интеграциските процеси, но и писмото кое го обелодени Владимир Пешевски, а е поддржано од голем број поранешни партиски функционери“.

За денеска е закажан втор состанок на собраниското координативно тело за реформи, интеграција и помирувањеФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Процесите не се лесни

Една од копретседателките на координативното тело, Фросина Ташевска Ременски, по првиот состанок на координативното тело за помирување упати апел до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат во работата на ова собраниско тело. Таа информираше дека на првиот состанок била утврдена динамиката за работа и основните начела - реформа, интеграција, помирување и простување.

„Се согласивме да формираме три подгрупи за реформата, интеграцијата и помирувањето. Интеграцијата се однесува на уставните измени за членство во ЕУ и во НАТО. Втората подгрупа е за поширок план на помирување и ќе работи на решенија поврзани со настаните за 27-ми април. Ќе има долгорочен план. Ова е чин на консензус меѓу одговорни пратеници кои сметаат дека без соработка за темите што нѐ делат не можеме да одиме во реформи и интеграција. Третата подгрупа ќе биде за реформскиот процес. Тоа ќе го овозможиме преку инклузивен процес - одлуките за реформи и двотретински закони да се градат преку консензус“, образложи Ременски.

Повеќе: Кој пат ќе го отвори помирувањето?

Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, која исто така е копретседавач со координативното тело, изјави дека очекува забрзување на процесот.

„Очекуваме процесите да добијат на динамика и да се отпочне со нивна имплементација. Ова се условени процеси, не се бланко потписи и затоа ги повикуваме сите учесници, а пред сѐ власта и премиерот Заев да почне уште денеска со својот придонес кон забрзување на овој процес. Сепак, нѐ очекуваат процеси кои нема да бидат лесни за сите, но ние како независни пратеници одлучивме дека треба да застанеме на таа страна на нашата држава и дека во оваа ситуација нема простор за импровизација“, рече Александрова.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми