1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помошта за Грција ги разединува евро-партнерите

15 јуни 2011

Министрите за финансии од еврозоната не донесоа одлука, која требаше да ја смири нервозата на финансиските пазари. Во неизбежниот нов пакет помош за Грција спорно е учеството на приватните доверители.

Без договор за новото спасување на Грција- Од средбата во Брисел на министрите за финансии оид еврозонатаФотографија: AP

Едно е веќе јасно: првичниот план кај Грција не функционира, земјата и покрај финансиската помош не може сама да излезе од спиралата на долгови и до 2012 година самостојно да земе кредити на пазарот на капитал. Но, прашањето како да реагира Еврогрупата? За нејзиниот претседател, луксембуршкиот премиер Жан Клод Јункер, не смее да постојат табуа:

„Веќе реков дека во игра ќе бидат сите опции“, истакна Јункер.

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во Брисел отпатува со сосем конкретни претстави:

„Решавачки важно е зајакнувањето на развојните сили, зашто без нив Грција нема да успее. Се разбира, учеството на приватниот секотор е составен дел на дополнителната програма за помош“, смета Шојбле.

Советувањата на министрите за финансии од еврозоната продолжуваат в недела во ЛуксембургФотографија: AP

Спор околу учеството на приватни доверители

Но, синоќа не дојде до компромис, а Шојбле веќе ја наведе спорната точка. Дали приватните доверители, што значи банките и осигурителните компании треба да се откажат од дел од своите побарувања кон Грција? Германците сакаат со тоа да спречат одново целиот товар да падне врз грбот на граѓаните како даночни обврзници. Конкретно, германската влада предлага старите грчки државни обврзници да ги заменат со нови на подолг рок на отплата, што претставува блага форма на преструктуирање на долгот. Но, тоа може да се случи само доброволно, мисли белгискиот министер Дидие Рејндерс.

„Ја сметам за грешка принудата на партнерот, тоа може да предизвика блокирање на кредитите и тешки проблеми за целата еврозона“.

Рејтинг- агенциите имаат преголема моќ?

Неговиот фински колега Јуркли Катаинен признава дека Германците не се осамени во своите барања. Но и тој е загрижен дека блокирањето на кредитите нема да се ограничи само на Грција:

„Поголемиот дел земји навести дека е решавачко некакво учество на приватниот сектор. Но, потенцирам, мора да направиме се‘ за да спречиме натамошна криза. Се работи за деликатна рамнотежа“.

Кај мнозинството во врска со темата блокирање на кредитите очигледно се работи за проценка врз основа на факти: рејтинг-агенциите не треба толку малата неподдршка да ја третираат како ускратување на кредити. Но, се заканува токму тоа, со што рејтинг-агенциите во очите на многумина стануваат оние лошите, зашто наводно располагаат со премногу моќ.

Идниот претседател на Европската Централна Банка Марио ДрагиФотографија: dapd

Притисокот за конкретна акција е голем

Претседателот на италијанската Емисиона бнака Марио Драги, кој е номиниран за нов шеф на Европската централна бнака, ја застапува класичната позиција на оваа европска институција. Европската централна банка отфрла сценарија за преструктуирање на долгот. Драги ги предупреди европолитичарите на консеквенците:

„Ако постојат загуби, мора да учествуваат националните централни банки, но сите актери мора да бидат свесни дека ќе има последици и потоа, по банкротот. Грчките банки по него ќе мора да бидат рекапитализирани, значи, мора да бидеме свесни за трошоците, а дали сме подготвени за тоа ?“.

Прашањето звучи реторички, но притисокот за конкретна акција е голем. Со секој ден неизвесност расте ризикот. Најдоцна до 23 и 24 јуни, до самитот на ЕУ, мора да биде јасно како Унијата ќе се справи со досега најтешката криза.

Автор: Кристоф Хаселбах

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми