1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помош за Опел - да, но под услов...

Нина Веркхојзер18 ноември 2008

Германската влада сигнализираше подготвеност за давање гаранции за Опел - се вели дека Опел е посебен случај. Државата ќе даде гаранција само доколку Џенерал Моторс, концернот-мајка на Опел, навистина банкротира.

Фотографија: AP

Сеуште не е донесено решение дали на Опел му се потребни државни гаранции, изјави германската канцеларка, Ангела Меркел по разговорот со раководството на концернот: „Тоа зависи од развојот на ситуацијата во САД, но ние од страна на владата рековме дека ќе пристапиме конструктивно кон преиспитување на една ваква гаранција.“

Адам Опел ГмбХ не е во акутна нужда за пари, стави јасно до знаење Карл Петер Форстер, претседател на Џенерал Моторс Европа: „Но, ние како органи на Адам Опел ГмбХ се чувствуваме обврзани да обезбедиме натамошен опстанок на фирмата и под најлоши услови, дури и во услови на лош развој на состојбата во САД.“

Се разговара за гаранција од една милијарда евра

Германскиот производител на автомобили стопроцентно му припаѓа на американскиот концерн, Џенерал Моторс, кому му се заканува банкрот. Адам Опел има намера да се обезбеди доколку се случи банкрот.

„Не станува збор за субвенции, туку за сигурносна капа во некаков апсолутно неверојатен случај, кога не би можеле да обезбедиме никаква друга ликвидност освен со ваква сигурносна капа, среднорочно и долгорочно.“

По средбата во Берлин - канцеларката, Ангела Меркел и Карл Петер Форстер, претседател на Џенерал Моторс ЕвропаФотографија: AP

Предмет на дискусија е гаранција во вредност од милијарда евра. Доколку државата даде гаранција, ќе постави и услови, нагласи канцеларката Меркел. Така, парите на германските даночни обврзници не смеат во никој случај да се влеат во празните каси на американскиот концерн-мајка: „Во разговорот имавме единствен став дека во случај на давање гаранција мора да се обезбеди - парите од гаранцијата да останат во Германија, значи во Опел ГмбХ. За такво нешто, се разбира, мора да бидат договорени соодветни постапки.“

Како тоа би можело да функционира треба да се преиспита до Божик, а дури потоа да се донесе одлука за гаранција. Канцеларката не ги дели стравувањата дека и други концерни би можеле да се обратат до владата со слични желби. Опел, поради испреплетеноста со американскиот концерн-мајка е посебен случај.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми