1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помош од Германија за настраданите во поплавите на Балканот

Марина Мартиновиќ/Жана Ацеска3 јуни 2014

БиХ, Србија и Хрватска, само што закрепнаа по војната, повторно се опустошени, сега од разорни поплави. Но, следеше голем бран солидарност, меѓу другото и од Германците, но и од иселениците од поранешна Југославија.

Фотографија: Help – Hilfe zur Selbsthilfe

Во Дортмунд, еден од најсиромашните градови во Германија, луѓето немаат многу пари, но затоа имаат големо срце. Во еден од клубовите нема забава, како обично. Тука се собираат пакети со помош за жртвите на поплавите на Балкан.

Се испраќа најпотребното: облека, производи за хигиена, храна. Целта на овие пакети е Тузла, погодена од поплавите. Солидарноста и во Германија е голема.

„Од оваа поплава не е погодена само Босна, туку и Србија и Хрватска. Бидејќи прочитав и видов како и хрватски полицајци помагаа во Србија, си помислив, добро е и јас овде да помогнам. Овде ми е друштвото, а освен тоа - не е важно кој кому помага и дали јас како некој кој зборува српски, им помагам на луѓето кои не зборуваат српски“, истакнува Стојан Стајиќ.

Поплавени градови и урнати куќи поради лизгање на земјиштето, фотографии кои предизвикаа сочувство и кај Германците.

„Се разбира дека ќе помогнеме, зашто некогаш и ние можеме да се најдеме во таква ситуација. Затоа, не е прашање кој од каде доаѓа или каде е тоа. Ако има можност да се испрати нешто таму, супер, ништо поедноставно. Еден ден работа за мене значи илјада среќни луѓе што добиле барем нешто, а тоа многу значи“, вели Јудит Хезелинк.

За пакетите да стигнат до оние на кои им се потребни, производите, според препораките кои се пренесуваат преку социјалните мрежи, се обележуваат со буквата „Х“.

„Чувме дека, за жал, доаѓа до злоупотреба на хуманитарната помош. Ние им ја испраќаме помошта на луѓе кои ги знаеме, но сепак, никогаш не се знае како ќе биде кога ќе им се дели на луѓето. Се надеваме дека никој нема да се обиде тоа да го препродава, а ние се придржувавме на советот производите да ги означиме со буквата „Х“, како хуманитарна помош“, објаснува Аида Демировиќ-Кребс, соорганизатор на акцијата за помош во ТНТ-клубот Дортмунд.

Заедно со познаниците од добротворното здружение „Ворлд бит клаб“, Аида Демировиќ и нејзиниот брат Мирза дошле на идеја да организираат акција за собирање помош.

Фотографија: Help – Hilfe zur Selbsthilfe

Токму ова здружение го искористи својот штанд на еден фестивал во соседниот Бохум за да собере натамошна помош за жртвите од поплавите во БиХ и Србија.

„Нашето здружение е доста поврзано и за само два дена во мојот стан имаше 20 пакети. Сега ќе побараме магацин и ќе организираме натамошни проекти“, вели Мерсиха Печенковиќ од „Ворлд бит клуб“, Бохум.

Покрај вакви приватни иницијативи, помагаат и професионални хуманитарни организации, како „Хелп“. Таа беше меѓу првите која веднаш реагираше и испрати свои луѓе во поплавените области. Притоа, ним им е многу важна транспарентноста.

Тимо Штегелман од организацијата „Хелп-помош за самопомош“ истакнува:

„Во одделни случаи, секогаш е можно да дојде до препродавање на примената хуманитарна помош. Тоа се исклучоци. Ние, се разбира, не можеме да го контролираме секого посебно. Но, во нашата организација има многу добра контрола, правиме се‘ што е можно за помошта да стигне до луѓето до кои треба да дојде“.

Тимо Штегелман преку видео и аудио чет е во постојан контакт со соработниците на „Хелп“ во погодените подрачја. Организацијата досега стави на располагање околу 60.000 евра како итна помош, а потоа уште 40.000 евра. Нејзината долгорочна цел е пружање економска помош, за луѓето повторно да застанат на сопствени нозе.

„Се обидуваме на луѓето кои таму загубиле се‘, да им дадеме надеж, па дури и работа. Зашто, друг е психолошкиот ефект кога овие луѓе повторно ќе имаат работа и сами можат нешто да придвижат. Значи, се обидуваме од почеток да ги инволвираме луѓето“.

Во Дортмунд минатиот викенд беа собрани над 220 пакети за жртвите од поплавите, а ќе следат и натамошни акции за помош.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми