1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Збогум на сиромаштијата

Астрид Пранге
10 јули 2017

Гладот и сиромаштијата се намалуваат, а просперитетот расте во светски рамки. Сепак, доминираат негативни наслови за кризи и катастрофи. Доста е од страв од позитивни вести, коментира Астрид Пранге.

Symbolbild Afrika Medienentwicklung Digitale Medien
Фотографија: picture-alliance/Godong

Сожалувањето претставува глобална сила. Таа придвижува милијарди евра околу Земјината топка. Без моќта на сочувството, не би постоел ни ангажман за човекови права, ниту борба против гладот и мизеријата во светот. Но, што се случува ако наводно сѐ оди само на полошо? Ако кризите, војните и катастрофите доминираат во медумските наслови, како што е најновиот пример со самитот Г20 во Хамбург?

Меѓусебни обвинувања и префрлување на вината за сиромаштијата и бедата во светот, не недостасуваат. Поранешниот специјален пратеник на ОН за право на храна,  Жан Циглер, својата критика ја изразува со драстични зборови: „Ве оставаме да прегладнете. Масовно уништување во Третиот свет“, гласи насловот на неговата книга на оваа тема. Тој е гневен на „швајцарскиот банкарски бандитизам“ и повикува на уривање на „канибалскиот светски поредок“.

Хуманитарни организации предупредуваат од гладување во Африка, од разурнувачки последици на „Ел Нињо“, од климатски катастрофи, сида, маларија и бегалска беда. Без оглед на оправданоста и важноста на апелите за помош, со оглед на бројните кризи и војни, се премолчува важен развој: успехот во светското сузбивање на сиромаштијата.

Астрид Пранге де Оливеира

Можен е свет без глад

Во изминатите 30 години, гладот и сиромаштијата се во опаѓање, болестите како сида и маларија земаат помалку жртви, намалена е смртноста на децата и бремените жени, а пристапот кон основно образование бележи енормно подобрување. Според податоците на Светска банка, уделот луѓе кои живеат во екстремна сиромаштија, односно оние кои дневно имаат на располагање помалку од 1,90 долари, од 37 проценти во 1990, е намален на 10 проценти во 2015 година.

Експертите за развој, како израелскиот историчар Јувал Ноах Харари и американскиот економист Џефри Сакс се убедени: можно е постоење свет без глад. За една од своите главни цели во областа на одржливиот развој, ОН декларираа „Нула глад до 2030 година.“ Но, зошто се премолчуваат успесите во искоренувањето на сиромаштијата? Од каде доаѓа стравот од позитивни вести? И уште колку долго катастрофите ќе ги полнат касите на бројни добротворни организации?

Прогон на хуманитарците

На доброволните хуманитарни работници и донатори, кои се ангажираат за запоставените луѓе, им е потребно признание и мотивација за нивната драгоцена работа. На политичарите, кои се борат за сузбивање на сиромаштијата и социјалниот расцеп, им е потребна поддршка наместо лавини навреди и понижувачки коментари.

Треба да се стави крај на потценувачките критики од т.н. добронамерни луѓе! Зашто, гласи нивниот наратив, ако наводно сѐ станува само полошо, зошто би требало некој да се труди да промени нешто? Ако ангажманот за општа благосостојба е бесмислен, зошто некој би вршел општокорисна волонтерска работа? Секојдневното подгревање на теориите за пропаст, не го подобруваат светот, туку имаат спротивен ефект. Тие ги засилуваат чувствата на немоќ и фрустрираност. Тие ја кршат надежта и шират песимизам, тие ги дифамираат добротворите и им ги јакнат позициите на циниците.

Крикот против неправдата во светски рамки дејствува само во поврзница со конкретна помош, само со истакнување на успесите и нивен придонес за иницирање политички реформи за долгорочни промени. Зашто, и глобалната сила на сожалувањето некогаш стигнува до своите крајни граници. Милостината може да ја намали акутната беда, но не може да ја сузбие структуралната сиромаштија. Политичките фрази на божемните критичари на капитализмот самите по себе не им се од помош на луѓето во беда.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми