1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помпео и германско-американското пријателство

Керстен Книп
8 ноември 2019

При посетата на Помпео во Германија, не доаѓаат до израз постоечките разлики меѓу двете земји. Тој ќе се сретне со канцеларката Меркел, која им контрира на критиките на Макрон кон НАТО.

Leipzig US-Außenminister Pompeo und Maas
Фотографија: picture-alliance/dpa/AFP/J. Macdougall

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас му се обрати на својот американски гостин Мајк Помпео со зборовите „драг Мајк" на истото место каде пред 30 години започнаа демонстрациите што доведоа до распадот на Источна Германија и му се заблагодари за придонесот на САД за повторното обединување на земјата.
„Без лидерството на САД немаше да има повторно обединување", рече Мас. „Ние ви должиме голема благодарност и поврзаност. Нашата слобода и единство главно ви ги должиме вам."
Помпео возврати со пријателски зборови. „Германија е одличен партнер во решавањето на многу меѓународни проблеми. Имаме исти принципи, исти грижи. Понекогаш имаме различен пристап. Тоа се случува меѓу пријатели и сојузници."

И натаму спорни двата проценти

Со тоа алудираше на НАТО, за чие финансирање веќе некое време се водат дискусии.  Американскиот претседател Доналд Трамп постојано објаснува дека од европските партнери очекува поголема финансиска поддршка. Како цел беа дефинирани два проценти од БДП на поединечните земји членки. Но, таа бројка беше споменувана веќе со години уште пред Трамп да стане претседател. За да се исполни, Германија би требала својот буџет за одбрана да го зголеми за повеќе милијарди евра.

Макрон ја критикува состојбата на НАТО, Меркел со критика за Макрон

Токму на првиот ден од посетата на Помпео во Германија во  британскиот весник „Економист" излезе интервју со францускиот претседател Макрон.  Во него тој со лоши оцени за НАТО вели: „Она што го доживуваме сега е мозочна смрт на Алијансата". Нема „никаква координација за стратешки одлуки меѓу САД и сојузниците".
Канцеларката Меркел  пак, се огласи со критика за јасните квалификации од Макрон и изјави дека има многу области во кои НАТО успешно соработува. „Трансатлантското партнерство за нас е незаменлио", изјави Меркел. Гернералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг и` даде за право на германската канцеларка: „НАТО е силен."

Мајк Помпео и Анегрет Крамп - Каренбауер Фотографија: AFP/Getty Images/H. Hanschke

Крамп-Каренбауер е за поголем ангажман од Германија

На денот на посетата министерката за одбрана Анегрет Крамп Каренбауер од ЦДУ во говор околу безбедноснополитички теми пред младите офицери на Бундесвер во Минхен се залагаше за поголем, похрабар и лидерски воен ангажман на Германија во меѓународни конфликти и при загрозување на либералниот поредок.
Германија не може „само да стои настрана и да гледа, да чека и потоа повеќе или помалку одлучно да учествува или да остане пасивна", изјави министерката Крамп-Каренбауер.

Мас ја потенцира улогата на Германија на надворешнополитички план

Во Лајпциг Мас се погрижи демонстративно да креира попозитивна слика за министерството што го предводи. „Германската надворешна политика во моментов меѓународно е активна на начин што веќе подолго време го немало", изјави тој. Како примери ги наведе претстојниот самит за Украина, водечката улога на Германија за изнаоѓање политичко решение за Либија, како и дипломатскиот ангажман во Јемен и Авганистан. Освен тоа, Бундесвер актуелно учествува во 10 меѓународни мисии. „Знаеме дека очекувањата од Германија се големи", рече Мас и појасни дека со членството во Советот за безбедност станале уште поголеми. „Ние сакаме да ги исполниме таквите очекувања", изјави тој. На Твитер извлече позитивно резиме за денот. САД остануваат најважниот сојузник за Европа. По прес-конференцијата двајцата министри ја посетија црквата Николај во Лајпциг. Помпео ја нарече „една од лулките на германската слобода". Лајпциг е посебно место, во кој луѓето во 1989 се покажаа особено храбри, а тоа инспирираше многу луѓе, подвлече Помпео.

Мајк Помпео во посета на американските војници стационирани во ГерманијаФотографија: picture-alliance/AP Photo/J. Meyer

Други пропратни станици: Графенвер, Медларојт и Хале

Утрото Помпео ги посети баварските области Графенвер и Вилсек. Таму постои пункт на американската армија со вкупно 10.000 војници. Во базата Помпео појадуваше со припадници на армијата, а потоа во Графенвер присуствуваше на воена вежба. Како помлад секретар за одбрана и поранешен шеф на ЦИА бил и самиот во 80-тите години стациониран како војник во Германија. Служел како командант на тенковска единица во близина на Бајројт. Потоа Помпео заедно со Мас го посети некогашниот германско-германски граничен премин кај Медларојт. Внатрешногерманската граница 41 година се протегаше низ баварско-тирингиското село наречено „Мал Берлин“ и Медларојт во времиња на Студената војна го делеше на источен и западен дел. Тој бил „инспириран" од престојот во селото, пиша на својот Твитер профил Помпео. Вечерта политичарите ја посетија синагогата во Хале и оддадоа почит на жртвите од терористичкиот напад од 9. октомври. Вооружен напаѓач тогаш се обиде да влезе во синагогата во време кога 50 верници го славеа еврејскиот празник Јом Кипур. Помпео и Мас положија венец пред киоскот каде напаѓачот застрела две лица.


 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми