Американскиот министер за надворешни работи на Северна Кореја ѝ вети економска помош и благосостојба, под еден услов- откажување од нуклеарната програма.
Реклама
САД на Северна Кореја ѝ ветуваат просперитет и тесна партнерска соработка, доколку земјата се откаже од атомско оружје. Ако земјата преземе храбри чекори во правец на денуклеаризација, САД се подготвени да работат заеднички со Северна Кореја за таа да го достигне нивото на општ стандард какво што владее во Јужна Кореја, изјави во Вашингтон американскиот министер за надворешни работи, Мајк Помпео. „Ако претседателот Ким го избере вистинскиот пат, севернокорејскиот народ го очекуваат во иднина мир и богатство“, рече Помпео на прес-конференција со својата јужнокорејска колешка Канг Кунг Вха. Целта според него е целосна и проверлива денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.
Новиот американски шеф на дипломатијата, во подготовка на планираниот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот властродржец Ким Јонг Ун, веќе двапати беше во посета на Пјонгјанг. Самитот треба да се одржи на 12. јуни во Сингапур, а на него ќе се разговара околу севернокорејската атомска и ракетна програма. Американскиот претседател е оптимистичен пред средбата: „Двајцата ќе се обидеме од неа да направиме специјален момент за светскиот мир!“, напиша тој на Твитер. Како што јавуваат севернокорејските државни медиуми, Ким во разговорот со американскиот министер Помпео во средата во Пјонгјанг изјавил дека во самитот со Трамп гледа историска шанса. Ким во таа прилика даде наредба за ослободување на тројца Американци, кои во комунистичката земја биле затворени под обвинение за антидржавни активности. Потегот кај Трамп наиде на задоволство како гест на добра волја од страна на Ким.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.