Светскиот ден на населението 11-ти јули, Македонија го дочекува без релевантни податоци во графата население. За пописот со години се зборува, но не се реализира.
Реклама
Светскиот ден на населението 11-ти јули, Македонија и годинава ќе го дочека со неславен рекорд - таа е единствената земја на тлото на Европа во која не е спроведен попис на населението во стандардниот период од една декада. На светски план, во ваквото доцнење друштво ѝ прави единствено Сомалија.
Денес во светот живеат над 7 милијарди жители. Најмногу од светското население живее во Азија (60%), во Африка 15%, во Европа 11% , во Јужна Америка и Карибите 9%, во Северна Америка 5% и во Океанија 0,5%. Бројот на населението во светот расте за една милијарда жители во период од околу 12 години. Бројката од пет милијарди жители е достигната во јули 1987 година, а во октомври 1999 година - шест.
Колку жители има Македонија, никој точно не знае. Според проценката објавена од Државниот завод за статистика, (состојба од 30.06.2016 година), во Република Македонија има 2.072.490 жители, а густината на населението изнесува 80.6 жители на квадратен километар.
Свет кој старее
До крајот на 2050 година, бројот на лица постари од 65 години ќе се искачи на 15,6% од вкупната светска популација. Како се случи ова и што значи за светот?
Фотографија: Munir Uz Zaman/AFP/GettyImages
Неизбежна старост
Светот старее. Во 2010 година бројот на луѓето со повеќе од 65 години изнесувал 7,7% од светската популација. Според проценките на ОН, овој број ќе се искачи на 15,6% до крајот на 2050 година. Причините за ваквиот развој се ниските стапки на природен прираст на населението и зголемениот животен век на луѓето. Во земјите во развој особено се очекува луѓето да живеат подолго од претходно.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Енергични пензионери
Пред еден век да се доживее 75 години беше исклучок. Луѓето на оваа возраст биле сметани за многу стари. Денес, пензионерите се често во добра здравствена состојба и целосно уживаат во животот. Во Германија има пет пати повеќе постари лица отколку пред 30 години.
Фотографија: Fotolia/Gina Sanders
Активен живот
Добрата физичка кондиција на постарите лица е поврзана со подобрената медицинска нега и просперитетот кој се зголемува. Овој тренд се појавува и во земјите во развој, каде што во иднина ќе бидат најголемиот дел на повозрасни лица и пензионери.
Фотографија: Patrizia Tilly/Fotolia
Низок приоритет
Во годините што доаѓаат ќе продолжи и трендот кај младите смејства кои сакаат сè помалку деца. Ова, делумно, се должи на тоа што жените повеќе ја ценат својата финансиска независност, а комбинацијата од деца и кариера тешко се балансира.
Фотографија: Fotolia/Fotowerk
Жените сакаат образование
Друга причина поради која жените имаат помалку деца е затоа што сакаат подобар живот за нивните деца. Тоа е особено забележливо во посиромашните земји, каде што жените ги испраќаат своите ќерки во училиште наместо да ги обврзуваат да се грижат за семејството и домот.
Фотографија: DW/H. Hashemi
Лоши пензиски системи
На земјите во развој во основа им недостасуваат пензиски фондови и социјални системи, а поранешните високи стапки на природен прираст на населението неминовно ќе водат кон зголемување на бројот на возрасните.
Фотографија: Issouf Sanogo/AFP/GettyImages
Само негата не е доволна
Дури и во развиени земји како Германија, добрата грижа за возрасните е само дел од равенката. Иако има голем број на негувателски домови, тие се скапи. Како што се намалуваат пензиите, сѐ повеќе и повеќе возрасни стануваат сиромашни.
Фотографија: Fotolia/Kzenon
Помеѓу пукнатините
Во посиромашните региони, возрасните жени често се принудени да просат за да преживеат. Многу од нив целиот свој живот работеле во полињата и немаат право на пензија.
Фотографија: picture-alliance/Lehtikuva/Hehkuva
Гласот на пензионерите
Низ целиот свет, пензионерите протестираат за соодветни пензиски фондови. Во Никарагва, на пример, пензионерите бараат минимална пензија од 70 евра месечно.
Фотографија: REUTERS
Кариера и во пензионерските денови
Обединетите нации бараат од државите низ светот да создадат можности за вработување за повозрасните луѓе. Нашето сегашно сфаќање за животот во пензионерските денови мора да биде променето. Дури и денес, голем дел од пензионерите работат како сопственици на мали бизниси.
Фотографија: Munir Uz Zaman/AFP/GettyImages
10 фотографии1 | 10
„Да се немаат валидни статистички податоци во 21 век е голем проблем“, велат експерти, укажувајќи дека стандардот е да се прави попис на десет години, бидејќи токму врз тие податоци се прават клучните планови за развој на секоја земја.
Поажурни во минатото
Првите документи кои сведочат за парцијални форми попис на територијата на Македонија, датираат од 15 век. Поорганизирана форма пописот добил во 19 век, а првиот современ попис бил спроведен во 1921 година. По Втората светска војна во Република Македонија се спроведени осум пописи - во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година. Бидејќи пописот во 1991 година бил со нецелосен опфат, спроведен е уште еден попис во истата декада - во 1994 година. Тој е всушност и првиот попис во Република Македонија по нејзиното осамостојување, а последен е пописот од 2002 година. Обидот да се реализира таа статистичка операција во 2011 година заврши со фијаско: процесот беше прекинат откако членовите на Државната пописна комисија поднесоа оставки поради недоследна примена на Законот за попис. Причините до денес останаа предмет на бројни шпекулации, a податоците за населението стануваат предмет на разни лицитирања кога е на дневен ред сивата бројка на иселени и причините за тоа. Во некои случаи најавата за попис служи и како закана, на пример, кога се спомнува потребата за проширување на употребата на албанскиот јазик. За ова шефот на државата Ѓорге Иванов говореше во редовното годишно обраќање, во декември 2016 година.
„Службената употреба на кој било јазик во Република Македонија зависи од статистиката, а единствен начин за добивање реална статистика е пописот. Последниот попис во Македонија беше пред цели 14 години. Тоа е предолг период за која било држава. Без нов попис на населението, не може да се бараат права што зависат од статистиката. Очекувам новата влада што поскоро да спроведе попис за да видиме колку сме, да видиме дали реалноста на теренот соодветствува со тврдењата на некои политичари“, рече тогаш Иванов.
Статистичка, а не политичка операција
Фактот дека во Македонија поминаа 15 години од последниот попис и земјата веќе 5 години доцни со спроведувањето на нов, е акцентиран и од европската статистичка служба „Евростат“.
„Пописот не е политичка, тука статистичка операција, и треба да се врши само на лица кои при спроведувањето и се наоѓаат на територијата на земјата и не се отсутни повеќе од една година од неа. Методологијата за спроведување попис е определена од ООН и не смее да биде предмет на политички договор и на измена на принципот и начинот на нејзиното извршување“, изјави деновиве директорот за меѓународна соработка на Евростат, Пјетер Евераерс.
По дебаклот на пописот во 2011 години, тогашната влада на Груевски најави дека „ќе спроведе електронски попис, според највисоки меѓународни стандарди, што нема да влее сомнеж кај никого, кај ниту една етничка заедница, граѓанин, индивидуалец, политичка партија или кој било друг субјект“.
До денес тоа не се реализираше. Други предлагаа комбинирани форми на попис (теренски, плус регистри), трети се залагаа исклучиво за традиционален начин на попишување - теренски, кој е најскап, но најсигурен и најприменлив. Ветувањата за попис влегоа и во изборните програми на партиите. Но, заради обемот на подготовки потребни за негово реализирање, според експерти, тој може да се одржи најрано во 2019 или 2020 година. А, ако за целосна обработка на податоците се потребни две години, тогаш Македонија би ги добила статистичките податоци со доцнење од цела една декада. Она што сигурно е потврдено, е дека недостигот од релевантни податоци создаде и создава тешкотии за планирање на многу активности - економски, политички, образовни, социјални, истражувачки, развојни... Но досега никој сериозно не се загрижи за тоа.
Македонија- земја на иселеници
Илјадници луѓе секоја година си заминуваат од Македонија во потрага по подобар живот низ земјите на Западна Европа, северна Америка или Австралија. Традицијата не е нова, но во последниве години трендот е растечки.
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Battefeld
Масовно иселување
Според податоците на Светска банка, од прогласувањето на независноста до 2010 година од Македонија се иселиле над 440 илјади луѓе. Трендот последниве години повторно се засилува. Проценките се дека во последниве 5 години, најмалку по 20 илјади луѓе годишно ја напуштаат земјата.
Фотографија: picture alliance/AP Photo/N. Denette
Охрид – неславен рекордер
Во Охрид – градот рекордер по бројот на иселувања во Македонија, неславно рекордна е 2012 година, кога заминале 983 лица. Од Охрид за 11 години се иселени 7860 лица, или по две лица дневно. Најчесто се иселуваат младите.
Фотографија: picture alliance/landov/Z. Yi
Бесперспективност
Според податоците на Светска банка објавени неодамна, невработеноста кај младите во Македонија изнесува 50,08%, додека најновиот извештај на Евростат покажува дека речиси 40% од младите немаат работа, ниту се вклучени во процес на образование. Ваквите состојби поттикнуваат голем дел од нив својата иднина да ја гледаат надвор од државата.
Фотографија: DW/E. Milosevska
Правец Германија
Само во 2015 година, над 24 илјади македонски државјани ја напуштиле својата татковина во потрага по подобар живот во Германија. Од нив, 12 илјади останале. Бројката на македонски доселеници во Германија се приближува до рекордни 100 илјади.
Фотографија: Fotolia/clabert
Sprechen Sie Deutsch?
Според анкети спроведени во регионот и во земјата, германски јазик во Македонија во моментов учат околу 63.500 луѓе. За студирање во Германија потребно е познавање на германски јазик, кое се проверува преку специјални испити ТестДаФ и ДСХ. ТестДаФ се организира во 90 земји, меѓу кои е и Македонија. Но, може да се учи и во Германија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Kastl
Јагма за работни визи
Според податоците на ОЕЦД над 17 илјади луѓе од земјите на Западниот Балкан во првата половина од годинава добиле работни визи во Германија. На Македонија отпаѓа над 10 проценти од вкупната бројка. Германските власти им издале точно 1.841 работни дозволи на македонски државјани во првите шест месеци од годинава.
Фотографија: AP
Бугарски пасош
Илјадници Македонци во меѓувреме побараа и добија бугарски пасош, во обид полесно да заминат во некоја од западноевропска земја. Нивниот точен број не е познат, но според неодамнешното истражување на Призма, само во последните 10 години, 57 илјади Македонци земале пасош од источниот сосед. Се проценува дека вкупната бројка надминува 100 илјади луѓе.