1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Масовно иселување од Центар Жупа, Маврово и Ростуше

ДТЗ
31 март 2022

Над 60 општини во земјата имаат изгубено голем процент од своето население, дел со внатрешни, а дел и со надворешни миграции.

Nord-Mazedonien | Kleinstadt Arachinovo
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Внатрешноста на Северна Македонија драматично се празни, додека Скопје и околните места изминативе две децении добиле нови станари. Над 60 општини во земјата имаат изгубено голем процент од своето население, дел со внатрешни, а дел и со надворешни миграции. Најдраматична е ситуацијата во Центар Жупа, Маврово и Ростуша и Ново Село кои изгубиле од 39 до 42 проценти од последниот попис од пред 20 години. 

Според податоците од најновиот попис којшто беа соопштени во средата (30.03) во Северна Македонија живеат 1.836.713 жители, што е намалување од 9,2 отсто, или 185.834 лица помалку во однос на последниот попис од 2002 година. Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, соопшти дека вкупното резидентно население во земјата изнесува 1.836.713 лица, а нерезидентното - 260.606 лица. Експертите пак посочуваат дека според меѓународните бази на податоци, бројката на иселени од земјата е далеку поголема. Проценките се дека само за десет години од Северна Македонија заминале 175 илјади граѓани. 

Преполовено население 

Центар Жупа е една од општините која што останала со преполовено население, или поткрепено со статистички податоци таа е во минусно салдо од 42,94% во споредба со 2002 година. Слична е ситуацијата и во Маврово и Ростуша (-41,49%), Ново Село (-39,73%), Зрновци (-36,09%), Дебарца (-32,74%), Кичево (-30,08%).  Во Гостивар за две децении има 21.272 помалку граѓани, во Кичево 17.065, во Струга 12.396, а во Битола 10.221. 

Иселување имало и од Гевгелија, Неготино, Гази Баба, Чаир, Центар и Долнени, но таму бројките се далеку помали и се движат под 10 проценти. Намалување на населението се забележува и во Вевчани (3,26%), а најдолу на листата е Тетово коешто изгубило околу 3.04% од жителите.  

Главниот град Скопје и неговата околина се полнат со нови жители.Фотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Според бројот на жители најмала општина е Зрновци – 2.086 жители  додека на првото место според бројот на жители предводи општина Куманово каде живеат 98. 104 жители. Потоа следи Битола со 85.164, Тетово со 84.770 жители, а во скопската општина Аеродром се регистрирани 77,735 станари. 

Внатрешноста се празни, Аеродром се полни 

И додека во внатрешноста на земјата се регистрирани дури 207 населени места во кои не е останат ниту еден жител, главниот град Скопје и неговата околина се полнат со нови жители. Скопје за две децении стана град во кој живее речиси една третина од населението. Во него, со последниот попис се евидентирани 526.502 жители со 171.171 домаќинства. 

-повеќе на темата: Иселување: Младите бегаат во странство, државата ќе остане без работна сила

Најмногу нови жители има во скопски Аеродром (+5 726), потоа во Кисела Вода (+4 729), по што следи Студеничани (+4 724). Тука се забележува и најголем процент на зголемување на населението - од 27,39%. Се повеќе граѓани кои заминале од својот роден крај, својот нов дом го пронашле во Сопиште (+18,69%), Шуто Оризари (+16,85%), Петровец (+10,84%), Илинден (+9,7%), Арачиново (+9,3%), Сарај (8,45%), Чучер-Сандево (8,32%)...

Просечната возраст на населението изнесува 40.08 години. Според возрасната структура, најголем процент од населението 7 отсто – се во возрасната група од 40-44 години.Во Северна Македонија е попишанo и 51 лицe на возраст над 100 години. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми