1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попис по нов метод, но со стари дилеми

ДТЗ /ДВ
15 октомври 2020

Пред најавениот попис на населението во април 2021 година се отвораат дебати дали ќе се менува уставот и ќе се ревидира Рамковниот договор. Премиерот вели „таман работа“.

Северна Македонија | Попис |
Резултатите од Пописот нема да водат кон ревизија на Рамковниот договорФотографија: DW/Petr Stojanovski

Попис во април ќе има, а какви и да бидат резултатите Уставот нема да се менува. Ова е пораката којашто ја испрати денеска премиерот Зоран Заев, кој не отстапува од плановите конечно да се спроведе пописот во земјава, откако во 2011 година постапката беше прекината поради несогласувања меѓу тогашните коалициски партнери во Владата – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а подоцна и СЈО отвори истрага.

„Таман работа по пописот да се менува Уставот и да се ревидира Охридскиот рамковен договор“, вели Заев, отфрлајќи ги шпекулациите дека во зависност од резултатите на пописот ќе има промени во клучните документи.

„Пописот го одложивме затоа што Христијан Мицкоски и опозицијата бараат да биде одложен неколку месеци пред пандемијата, а беше усогласено сѐ. Сега гледам се отвораат некои дебати дали ќе се менувал Уставот, Рамковниот договор. Таман работа, сто пати кажав пописот и резултатите никако не влијаат на Уставот и Охридскиот рамковен договор. Да се растеретиме од оваа работа. Пописот треба да се спроведе заради рамномерниот развој, економските параметри, статистиките кои ни требаат во државата“, вели премиерот.

Потребна е политичка декларација

Изјавата следи откако претседателот на државата Стево Пендаровски во емисијата Топ тема на ТВ Телма порача дека одговорните лидери и на власта и на опозицијата ќе мора да седнат и да договорат закон за попис кој ќе биде во склад со сите највисоки европски стандарди на Еуростат, и да договорат политичка декларација дека резултатите од пописот нема да доведат до ревизија на Рамковниот договор или на Уставот, се со цел да не се оспоруваат бројките од пописот.

#dw_BalkanBooster: Масовно иселување

03:19

This browser does not support the video element.

Тој посочи дека предлогот за политичка декларација може и тој да го поднесе и дека не би била потребна лидерска средба.

Според него, срамота е што земјава 20 години нема спроведено попис, кој е важен за релевантни статистички податоци, потоа за изборите и за прочистување на Избирачкиот список, а додава, сега „апсолутно ќе мораме да го спроведеме, бидејќи и Европа ќе го бара тоа од нас“.

„За да може политичките партии да потпишат каква декларација, треба да се сигурни за квалитетот на методологијата и за содржината на законот според кој ќе се спроведе пописот. Предлогот на Пендаровски е како да се гради куќа од покрив, а не од темели“, вели Илија Димовски, поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, во изјава за Плусинфо, во врска со предлогот на претседателот политичките партии да потпишат декларација.

„Фајненшл тајмс“ - неопходен е попис

Лондонскиот весник во текст под наслов „Северна Македонија се соочува со демографски предизвик“ потсетува дека ЕУ конечно одобри почетокот на преговорите за членство, но и наведува дека зачленувањето во Унијата нема да го реши проблемот со намалување на бројноста на населението, посочувајќи на примерите со Бугарија и Хрватска

Најновата членка на НАТО, Северна Македонија, според некои статистичари, можеби загуби и до една четвртина од своето население откако беше единствената земја што мирно се одвои од Југославија во 1991 година, наведува лондонскиот весник. „Со пописот во 2002 година во земјата се регистрирани речиси 2,1 милиони луѓе. Анализата на регистрите на родени и на починати, како и на даночните и други бази на податоци, наведоа повеќе експерти на заклучок дека реалното население сега е близу до 1,6 милион“, наведува лондонскиот весник пренесувајќи го ставот на претседателот Стево Пендаровски дека трендовите се прилично јасни и никој не предвидува дека падот на населението ќе запре или ќе забави.

Пописот во минатото беше одложуван поради неподготвеноста да се потврди прецизно етничкиот состав на населението меѓу Македонците, Албанците и другите малцинства. Пописот од следната година во Северна Македонија треба да обезбеди важни податоци за стапките на вработување и природниот прираст, смета авторот на статијата.

Опозицијата бара да биде вклучена

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски неодамна во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 рече дека ВМРО-ДПМНЕ неможе да поддржи попис во којшто не е вклучена партијата во изработка на закон или во телата, од проста причина што, според него, „комплетно игнорантскиот однос од страна на власта е најголем проблем во оваа држава“.

Пописот во Македонија што успева секоја година

07:00

This browser does not support the video element.

„Понудивме многу пати во минатото и сега не брзајте, дајте да седнеме да разговараме. Нас не ни е потребна операција на попис заради исполнување на било какви бројки. Нас ни е потребно операција за дефинирање на статистички параметри во државата“, нагласи Мицкоски.

Попис по нов метод

Првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски најави дека пописот ќе биде реализиран по сосема нов метод во нивната практика. „Пописот ќе биде по сосема нов метод во нашата практика, не е нов во светот. Истовремено ќе се прашува на терен, ама ќе се користат и податоци коишто ги имаме задржани во базата на податоци коишто постојат во државата, тука мислам на официјалните бази на податоци. Пописот нема да оди на хартиени прашалници, туку на електронски прашалник“, изјави Симовски.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ најави дека до крајот на годината ќе биде донесен Закон за попис, кој ќе претрпи мали измени во однос на претходното решение кое беше во собраниска процедура пред изборите и тоа во делот на одредбата за стапување во сила, за пописот да може да се одржи во април 2021 година пред локалните избори. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми