Попоски во Берлин на средба со Вестервеле
20 март 2012На средбата меѓу сојузниот германски министер за надворешни работи Гидо Вестервеле и шефот на македонската дипломатија Никола Попоски се очекува двајцата соговорници да разменат мислења за политичките и економските односи меѓу двете држави, како и за процесот на интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО.
Во германскиот Бундестаг Попоски потоа треба да се сретне со претседателот на Комисијата за прашања на ЕУ, Гинтер Крихбаум, а планирани се разговори и со државниот секретар за надворешна политика во германската влада, Кристоф Хојсген.
Според најавите од македонското Министерство за надворешни работи, на средбите се очекува да бидат разменети мислења околу развојот на билатералните односи и соработка меѓу двете земји, како и за соработката на меѓународен план.
Посетата на Берлин министерот Попоски ја почна вчера (19.03) со средба со група германски парламентарци. За време на престојот во Германија, предвидена е и средба на министерот Попоски со претставници на македонската дијаспора во Берлин.
По Германија, Попоски заминува за Данска каде ќе оствари средба со данскиот министер за европски прашања Никоја Вамен, а во данскиот Парламент ќе се обрати на Конференцијата „Европските перспективи на Македонија“, во организација на данското Европско движење.