Попоски на министерска конференција ЕУ-Западен Балкан во Солун
8 мај 2014![](https://static.dw.com/image/15684651_800.webp)
Предвидено е Попоски пред почетокот на состанокот да се сретне со еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Дискусиите на министерскиот состанок во Солун ќе имаат политички и оперативен елемент и затоа се поделени во две сесии.
Попоски ќе учествува во првата сесија, со тема „2004-2014: Десет години од проширувањето и европската интеграција на земјите од Западен Балкан“, на која учесниците ќе ја потврдат посветеноста на ЕУ кон европската иднина на регионот и решеноста на земјите од Западен Балкан да продолжат по патот на реформите поврзани со ЕУ. Исто така ќе се дискутира за постигнувањата и предизвиците на политиката на проширување во поглед на понатамошно промовирање на европската агенда во Западен Балкан.
Втората сесија е насловена „Надвор од Солунската агенда: Транспорт и енергетско поврзување“, и ќе биде посветена на енергетскиот и транспортниот сектор, проценка на потребите од инвестиции во инфраструктурата во овие два сектори, а ќе се разменат и мислења за изгледите за воспоставување стратешка рамка за зајакната соработка и финансиска помош.
Министрите за надворешни работи меѓу двете сесии ќе имаат и работен ручек на кој ќе разговараат за тоа како да се зајакне европската интеграција на Западен Балкан во реални услови преку поврзување во енергетскиот и транспортниот сектор, во регионот и во ЕУ, во меѓувреме промовирајќи раст, конкурентност и вработување , паралелно со процесот на пристапување на секоја земја, а ќе се дискутира и за поврзување во пошироки геостратешки услови.