Попоски: Решението за спорот за името е неизбежно
23 септември 2011Со активно и конструктивно учество во процесот на решавање на спорот со името решението е неизбежно, изјави шефот на дипломатијата Никола Попоски по вчерашната средба на премиерот Никола Груевски со медијаторот во македонско-грчкиот спор, Метју Нимиц.
Токму волја за конструктивно и активно учество во разговорите од македонска страна била искажана на средбата. Според Попоски, важно е да се поддржи позитивен пристап во процесот.
„Сметаме дека е многу битно да се поддржи еден позитивен пристап, една транспарентност. Во тој дух многу ќе ни се помогне и ќе ни се олесни ситуацијата за да се надминат некои пречки кои ни се наметнати, а не се реални. Ние мораме да пристапиме со оптимизам, тоа е во интерес на нашите стратешки интереси“, изјави Попоски.
Шефот на дипломатијата, исто така, посочи дека медијаторот Нимиц има отворена покана да го посети Скопје. Средбата на Нимиц со Груевски, одржана на маргините на 66-то Генерално
Собрание на Обединетите Нации следува по двете одвоени средби на медијаторот со шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Попоски и Ставрос Ламбринидис. Според информации во македонските медиуми, средбата на Груевски и Нимиц траела невообичаено долго.
Автор: БГ/макфакс
Редактор: Жана Ацеска