1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попоски: СДСМ намерно ја одложуваше седницата на Собранието

БГ
17 март 2017

Никола Попоски во интервју за „Стандард“ тврди дека СДСМ намерно одолговлекувал со конститутивната седница на Собранието за да се одложат локалните избори. Нема ништо против јазичните права на Албанците.

Mazedonien Nikola Poposki Außenminister
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Kisbenedek

„Претседателот даде предлог: оној кој има мнозинство, да го свика парламентот и да избере претседател на парламентот. Тоа треба да биде основа за потоа да добие мандат за состав на влада. Тоа можеше да се случи и пред една недела, доколку се сакаше“, вели во интервју за австриски „Стандард“, шефот на македонската дипломатија Попоски.

„Јасно е дека ВМРО во моментов нема мнозинство во парламентот. Следниот чекор е да се избере претседател на парламентот. Но Заев не сака тоа да го стори. Една од директните последици е што без парламентарен спикер не може да се распишат избори, а локалните избори треба да се одржат во мај. Затоа е легитимно да се праша дали СДСМ намерно го одложува формализирањето на мнозинството во парламентот, само за да не се одржат локалните избори во предвидениот рок“.

Попоски во разговорот како „многу негативни“ ги оценува последиците врз односите меѓу Македонија и Албанија поради вмешувањето на премиерот Еди Рама во создавањето на платформата на албанските политички партии.

„Премиер на една соседна земја повикува на чисто етничка основа изработка на една платформа, која треба да биде услов за формирање влада во соседна држава. На фотографиите од официјалната презентација од оваа среда може да се види Рама во средината и лидерите на албанските политички партии околу него. Зад нив е карта, која пластично ја илустрира идејата за Голема Албанија. Понекогаш сликите говорат повеќе од зборовите“, вели Попоски. Шефот на македонската дипломатија вели дека не може да биде оправдување ниту тоа што Рама на овој начин можеби сакал да заработи поени во пресрет на изборите во Албанија.

„Се сомневам дека некој му ставил пиштол на чело на Рама за да ги направи тие фотографии“, додава Попоски.

Во разговорот, тој не ги отфрла барањата на албанските политички партии за поголеми јазични права, но вели дека не може да се разговара за промена на границите и редефинирање на односите.

„Граница треба да биде законот. Сѐ што им го олеснува животот на луѓето и ја збогатува нашата мултикултурна држава, може да биде позитивно за зајакнување на заедништвото. Во однос на јазикот Македонија е подобра од која било околна земја. Но сега вештачки се заговара редефинирање на односите меѓу заедниците, па дури се споменуваат и нови граници. И не се работи само за мешање на соседите, туку тоа како тема го отвораат и некои американски конгресмени и поранешни британски дипломати“.

На прашањето дали Балканот станува ново геополитичко поле за пресметки меѓу големите сили и засиленото вмешување на Русија во регионот, Попоски вели дека е против чие било мешање во внатрешните работи на земјата.

„Кога велам дека не сакаме ничие мешање, тоа го мислам за сите, без исклучок. Ничие мешање, без оглед дали се работи за премиер на соседна земја или светска сила, не ги решава нашите проблеми“, вели Попоски за „Стандард“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми