1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попоски: Членството во ЕУ и НАТО - стратешка цел

ЖА/миа24 декември 2012

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски на годишната средба со македонските дипломати ги истакна приоритетите на државата во следната година.

Фотографија: AP

Засилена дипломатска активност во делот на остварување на стратешките цели - членството во НАТО и ЕУ и особено задачите доделени од ЕК пред пролетниот извештај, како и промоција на можностите за инвестиции во државата остануваат клучни насоки и приоритети во кои ќе делува македонската дипломатија во следната година, изјави денеска во Скопје министерот за надворешни работи Никола Попоски по отпочнувањето на дводневниот традиционален Амбасадорски совет.

„Задржување на досието на реформи кое ни обезбедува повисоко ниво на примена на стандарди кои се значајни за членството, да се подготвиме што е можно подобро за процесот на преговори со ЕУ. Во делот на НАТО - да останеме посветени како во делот на форумите каде се носат одлуки, така и во делот на мисиите, што е наш најсилен аргумент, и воедно да се посветиме на билатералните односи со сите земји во Европа и светски рамки“, рече Попоски.

На новинарско прашање за нормализирање на релациите со Бугарија и можноста од нови средби на високо ниво, тој посочи оти во досегашната преписка со шефот на бугарската дипломатија е заклучено дека и двете земји имаат интерес да бидат активни во овој процес.

„Во следниот период ќе бидеме целосно посветени таа динамика на комуникација да се одржи врз основа на симетричност, заемно почитување и посветеност на она што е европска рамка на регулирање на билатералните односи“, рече Попоски, додавајќи оти очекува зголемена комуникација и во брзо време и можност за средби на повисоко ниво.

За него, „нема оправдување зошто не би се нормализирале односите меѓу двете земји до пролетниот извештај на ЕК“, а Македонија, вели е посветена и проактивна.

Во врска со посетата на медијаторот во спорот за името Метју Нимиц на Атина и Скопје, најавена за почетокот на јануари, посочи оти не би зборувал за очекувањата пред тој да ги презентира неговите видувања. Македонија, пак, рече ќе остане конструктивна во тој дијалог.

За барањата на македонското малцинство во Албанија за нов попис, Попоски со став дека она што е значајно за секоја земја од регионот е при спробедување на такви операции да внимава на политичката чувствителност во тој контекст.

„Примена на тоа што е евростат методологија може секогаш да помогне. Знаме дека во овој дел од светот повеќе политичка отколку математичка тежина се дава на операцијата попис. Не би сакал да се остави какво било чувство на непочитување на определени процедури. И затоа во регионот државите треба да пристапат со определно ниво на политичка чувствителност, бидејќи сите имаат мулткултурна и мултиетничка димензија“,  рече Попоски.

На редовниот Aмбасадорски совет присутни се 30-тина шефови на дипломатско - конзуларните претставништва на Македонија. Денешните раговори се фокусираат на политичката компонента, а за утре тема ќе биде економската компонента и координацијата на активностите на дипломатско - конзуларните претставништва на Македонија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми