1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Популизам: анализа на еден феномен

Фолкер Вагенер
22 февруари 2017

Зборот е на сечии усни и му дава име на нашето време: живееме во време на популизам. Да се биде популист долго беше политичка стигма. Но, што е популизам и како тој ни се обраќа?

Frankreich Le Pen startet Wahlkampf mit Angriffen auf die EU
Фотографија: Reuters/R. Prata

Германскиот речник Дуден го дефинира популизмот како „опортунистичка политика која се обидува да ја придобие наклонетоста на масите“. Зборот потекнува од латинскиот populus - „народ“. Во политиката, ни објаснува Дуден, популизмот е полемички израз, обвинување на сметка на политичкиот противник во однос на јавните објави или акции. Популистите тврдат дека говорат во интерес на „народот“, со што имплицираат контраст во однос на елитите. Но кој точно е народот?

„Ние сме народот“!

Слоганот на демонстрациите во Источна Германија во 1989 година кој го кутна целиот режим на колена во последно време добива сосема ново значење. Со распадот на Источна Германија „народот“ се здоби со статус на херој. Но денес, „народот“- оние кои гласаат за десничарските популисти од Алтернативата за Германија (АФД), за Брегзит или за американскиот претседател Доналд Трамп, и кои наскоро би можеле да ѝ помогнат на Марин Ле Пен за француското претседателство - нѐ плашат. 

Многу популистички протести се фокусираат на странците и бегалцитеФотографија: picture-alliance/dpa/O. Killing

Кога популистите говорат за „народот“, тие говорат само за своите следбеници. Или како што рече Најџел Фараж, поранешниот лидер на британската УКИП, „вистинскиот народ“: во овој случај, 52 проценти кои гласаа за заминување од ЕУ. Според Фараж, останатите 48 проценти гласови не се од „вистинскиот“ народ. Трамп, користејќи малку поинакви зборови, редовно создава поделби меѓу американскиот народ на добри и неважни. Јарослав Качински, лидерот на полската Партија на правото и правдата, дури и ги опиша поддржувачите на опозицијата како „полоша сорта Полјаци“.

Популистите избегнуваат отворени, непристрасни дискусии. Тие веќе го „знаат“ вистинскиот одговор. И се сметаат за единствени вистински претставници на „народот“. Доказ за тоа е однесувањето на Виктор Орбан, унгарскиот премиер, кој по изненадувачкиот пораз на неговиот Фидес на изборите во 2002, изјави дека едноставно не е можно „народот“ да биде во опозиција. 

Востание на прекаријатот

Американското општество е длабоко поделено откако Трамп ја презеде функцијатаФотографија: picture-alliance/dpa/R. Bowmer

Истражувања за феноменот на популизмот има многу одамна, но заклучоците почнаа да привлекуваат внимание од неодамна. Политичкиот новинар Албрехт фон Луке верува дека се соочуваме со политичка контрареволуција, во смисла на брзи промени на стариот политички поредок кои се случуваат речиси насекаде низ светот. Конфликтот, вели тој, се води меѓу претставници на општеството подготвени на промени, и протагонисти на радикална култура на демаркација и исклучивост кои нудат враќање кон хомогено општество. Голем дел од индустриската работна сила им го сврте грбот на социјалистичките и социјалдемократските партии и се сврте кон десно - речиси насекаде низ Европа. Изборните анализи го потврдуваат тоа. Без разлика дали во САД, Полска или Унгарија, работниците - многу од нив синдикални членови - веќе извесно време гласаат за националистичките партии.

Никој не го објаснува тоа подобро од францускиот социолог и писател Дидие Ерибон - и тоа не во научна студија, туку во фиктивното дело објавено во 2009 година со наслов „Враќање во Ремс“. Книгата сега повторно стана бестселер, во Британија беше објавена во 2013, а во Германија во 2016. Во оваа автобиографска новела, нараторот се враќа во својот роден град Ремс, по 20 години минати во Париз, и се соочува со драматичната промена на интелектуалната клима и групните афилијации во неговото семејство, старите пријатели и соседите.

Против наднационалните сојузи

Комунистичките гласачи се во малцинство меѓу работниците. Меѓу нив доминира десничарскиот Национален фронт, и речиси и да нема солидарност со колегите од странство. „Нештата кои секогаш сме ги мислеле, сега се кажуваат гласно и заканувачки“, заклучува Ерибон. Атмосферата е непријателска.
Ремс е насекаде: во американскиот индустриски регион, во поранешните индустриски региони на централна и северна Англија, како и во источна Германија.

Повторното откривање на националниот идентитет како симбол на супериорност над другите, како безбедно место за развој на сопствените сили, кои наводно ослабнуваат во глобалниот натпревар, е во мода - во Полска, во Унгарија, но најмногу во САД под раководство на Трамп. Пренагласувањето на сопствената нација оди рака под рака со затворените граници, економскиот протекционизам и опасната, ксенофобна социјална клима. Популистичките партии, без разлика дали на власт или во опозиција, ги дискредитираат сите наднационални сојузи. Популистите прогласија сезона на лов за „акронимската збрка“ (ОН, НАТО, ЕУ)- децении на постигнувања во балансирањето на меѓунационалните интереси и конфликти. Сите тие сакаат нивните нации да ги стават сопствените национални вредности и интереси на прво место.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми