1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Популистите за првпат владеат со една голема ЕУ-држава

Бернд Ригерт
24 мај 2018

Протестното движење и десните националисти формираа влада која сака да потроши многу пари но и да си ги одмери силите со ЕУ. Лицето на промените е аполитичен професор по право.

Italien | Giuseppe Conte
Фотографија: picture-alliance/IPA/C. Morandi

Што се случува овде? Се прашуваат не само туристите од Индија туку и дел од локалните минувачи кои во средата навечер минуваа покрај претседателската палата Квиринале во Рим. Големиот плоштад со огромниот обелиск во нормални услови е обично отворен за пешаци. Но, вечерта карабинерите го затворија за еден посебен посетител. Претседателот Серџо Матарела го прими новименуваниот премиер Џузепе Конте на двочасовна средба за претставување. Претставниците на медиумите чекаа надвор. Само мал број приврзеници на двете коалициски партии, протестното движење „5 ѕвезди" и на екстремната десница „Лега“ се собраа пред претседателската палата. Тие аплаудираа исто како кога пред неколку дена, до тогаш анонимниот професор по право беше именуван за нов премиер. Џузепе Конте само кратко им мафна и потоа исчезна во темната лимузина во насока на „Палацо Чиги“, неговата резиденција во која симболично влезе уште вечерта.

Премиер без моќ

„Овде се случува историја“ се радуваше лидерот на „5 ѕвезди“, Луиџи ди Мало. Првата популистичка влада „ќе работи за народот во Италија“. Во неговото претставување Конте вети „влада на промени" и дека ќе биде „адвокат на сите Италијанци". Се разбира тој ќе ги почитува италијанскиот устав и обврските на Италија кон ЕУ. Но, тоа нема да го спречи да ја исполни долгата листа на желби кои произлегуваат од популистичкиот коалициски договор. Правникот Конте не ѝ припаѓа на ниту една од коалициските партии. Тој е совршен компромис, сметаат лидерите на партиите кои не сакаа меѓусебно да си ја доверат премиерската функција. Матео Салвини, лидерот на ксенофобичната „Лега“ јасно стави до знаење дека очекува Џузепе Конте да игра на свирчето на коалициските партии. „Тој е независен“, рече Салвини, „но, тој исто така знае дека ние можеме да покренеме мнозинство во парламентот."

Повеќе:

-Влада во Италија: Што ќе остане од шупливите повици?

-Преговори за влада во Италија: Се наѕира крај на агонијата

-Италија го покажува трендот во Европа

Долга листа на изборни ветувања

Конти може да владее само со гласовите на популистите во двата дома на парламентот. Следната недела новоименуваниот Конте и неговите министри ќе се соочи со гласање за доверба од „5 ѕвезди“ и „Лега“. Очекувано е дека ќе го положи овој тест. И лидерите на двете коалициски партии ќе влезат во владата како министри за внатрешни работи и за економија. Над 50% од Италијанците, кои гласаа за коалициските партии, очекуваат дека премиерот Конте ќе спроведе една длабока даночна реформа, ќе ја намали границата за одење во пензија, ќе воведе основен приход за невработени и ќе ја ослободи земјата од 500.000 мигранти, ќе преговара одново за договорите со ЕУ во корист на Италија, почитувајќи ги границите за дефицитот но и нема да дозволи Европската комисија да и наметнува прописи.

ЕУ повлекува црвена линија

Сето ова стои под мотото „Италија пред сѐ“, борбениот крик на новата коалиција што го потресува Брисел. Истовремено со формирањето на владата, Европската комисија објави дека Италија ги исполни сите фискални барања минатата година. Брисел очекува повеќе реформски чекори, кои треба да донесат околу 10 милијарди евра заштеди. Но, тоа е тешко возможно со новата влада. Таа сака во следните неколку години да потроши околу 100 милијарди евра повеќе. Долгот на Италија во моментов изнесува 2,3 билиони евра. Ако тој полека не се намалува, Европската комисија се заканува дека ќе покрене формална постапка.

Фотографија: Getty Images/V. Pinto

Здружението на претприемачи во Италија побара од новата влада да биде претпазлива за да не го загрози кредибилитетот на земјата. Доколку меѓународните финансиски пазари ја намалат довербата кон Италија земјата релативно брзо ќе западне во должничка криза. Сепак,  „Лега“ се потпира на големиот противник на заедничката валута, еврото,на кој му ја додели тешката улога на министер за финансии. 81-годишниот професор по економија, Паоло Савоне, сѐ уште не е официјално избран, но може да биде вистински проблем на состаноците на Еврогрупата во Брисел.

Краткотраен експеримент

Политичките експерти во Рим советуваат да се почека новата влада да почне со работа па потоа да се коментира. Раната критика од Брисел, Берлин или Париз е прилично контрапродуктивна, предупредува шефот на „Европскиот совет за надворешни односи" Силвија Франческон, во интервју за ДВ.

Дури и историчарот Џовани Орсина од Универзитетот ЛУИСС во Рим советува да се почека со оценките. Невообичаената коалиција на популисти веројатно нема да трае долго. „Тие ќе се обидат да спроведат некои работи, но јас не мислам дека ќе бидат многу ефикасни во тоа. Заедничко на двете партии им е само тоа што се против сѐ што е претходно етаблирано. Соработката нема да биде долготрајна“. Правничката Силвија Франческон на новиот премиер му дава една година – и тоа е под знак прашање. Потоа ќе има нови избори. „Сè друго би ме изненадило“. Џузепе Конте ја предводи 65-тата влада на Италија во 73 години по Втората светска војна. Според тоа, статистиката зборува за пракса на влади со прилично краток рок на владеење.

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми