Попушта сајбер-конфликтот меѓу САД и Кина?
2 јуни 2013САД и Кина, според извештај на весникот „Њујорк Тајмс“, во иднина ќе водат редовно разговори на високо ниво околу сајбер-безбедноста и индустриската шпионажа. Средбите би требало да почнат во јули, наведува весникот. Тоа се смета за дипломатски обид за намалување на тензиите меѓу двете земји. Тензиите, како што тврди Вашингтон, се создадени поради кинески хакерски напади и крадење владини тајни и тајни на фирми.
Вашингтон претпоставува дека зад нападите стои Кина, додека Пекинг објаснува дека и самиот е жртва на хакерски напади. Вчера (01.06) американскиот министер за одбрана Чак Хејгел ја критикуваше Кина поради постојани сајбер-напади врз институции на САД. Земјата стои зад долга низа сајбер-напади и саботажи, изјави Хејгел за време на посетата на Сингапур. Кинеските сајбер-напади станаа сериозен воен проблем и мора да се разјаснат итно, нагласи Хејгел.
Хакерските напади треба да бидат една од централните теми на неформалната средба на американскиот претседател Барак Обама и кинескиот претседател Ши Џинпинг во Калифорнија, што ќе се одржи в петок (07.06), тврди „Њујорк Тајмс“. Друга важна тема за разговор е Северна Кореја и нејзината атомска програма, која ги загрижува не само САД и Јужна Кореја, туку на тоа критички гледа и Кина.