1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Шведскиот остров Готланд е подготвен на сѐ

3 февруари 2022

Сомневајќи се во територијални амбиции на Москва, Шведска се подготвува за најлошото можно сценарио. На островот Готланд повторно се распоредува војска за да се заштити регионот клучен за безбедноста на Балтичко Море.

Schweden - Soldaten patrouillieren in Gotland
Шведски војници патролираат на ГотландФотографија: Karl Melander /picture alliance/TT

Хенрик Хелвард го завршува ручекот во главниот град на островот Готланд, Визби. Се потсетува на задолжителниот воен рок кој го отслужил токму на островот пред многу децении, вежбајќи како да се бори против „непријателот”. Вели дека тоа „отсекогаш биле Русите“: „Ќе ги вперевме пушките и разговаравме за нив“.

Секогаш имало добри причини за вежби со цел - одбрана на оваа геостратешка скапоценост, зашто ако го освоите балтичкиот остров Готланд, го контролирате воздушниот простор и поморската врска до Естонија, Летонија и Литванија, како и Финска.

„Русите" никогаш не се обиделе да го освојат Готланд (со исклучок на неколку недели окупација во раните години на 19. век). Напротив, по завршувањето на Студената војна шведската влада ги оцени релациите со Русија како доволно солидни за да може целосно да го разоружа островот. Од 2005 година таму воопшто немаше перманентно стационирани воени единици.

Хенрик Хелвард: Стравот од Русите постоеше уште додека бев детеФотографија: Erik Landerdahl

Три години подоцна Русија ја нападна Грузија, но Никлас Гранхолм, директор на истражувачкиот оддел при Шведската агенција за одбранбени студии, вели дека млаката реакција на Западот не била соодветна за да послужи како предупредување. „Алармот се вклучи, но ние стиснавме ‘снуз’ и се вративме на спиење”, вели Гранхолм за ДВ. Дури во 2016, откако Москва илегално го анектираше Крим, шведската влада повторно распореди воени сили на Готланд. „Проценката за ситуацијата ја смени фактот што Русија покажа дека е подготвена да употреби воена сила против помалите соседи“, објаснува Гранхолм.

„Подготвени сме да ја одбраниме Шведска“

Таквата проценка на ситуацијата дополнително се промени во текот на изминатите месеци, откако Русија почна да распоредува војска на границата со Украина. Руски воени бродови изведуваат воени вежби во Балтичкото Море. Шведскиот министер за одбрана, Петер Хултквист, вели дека не може да се исклучи напад и врз неговата земја.

 „Русија има 100 илјади војници околу Украина и директен комплетен воен пристап во Белорусија. Има историјат на хибридни напади врз Литванија и Полска, а тука е и многу бруталната реторика на Кремљ“, објаснува тој. „Сето тоа реално влијае на безбедносната ситуација. Сакаме да бидеме многу јасни дека сме подготвени да ја браниме Шведска и поради тоа и постапуваме така на островот Готланд."

Но, Шведска не брза да го смени статусот на незаземање страна и да се зачлени во НАТО. Хултквист лично е против и вели оти не е неопходно членство, посочувајќи на дваесетина договори за соработка во областа на одбраната што Шведска ги има потпишано со повеќе земји, меѓу кои и САД, како и на безбедносните гаранции во рамки на ЕУ и „многу блиските релации” со соседна Финска.

„Подготвени сме за ситуација во која би била потребна интероперабилност и можност за соработка со други“, вели Хултквист за ДВ. „Ако нешто се случи овде во регионот, сите земји ќе бидат директно засегнати и НАТО исто така, па ќе мора заедно да се справуваме“, заклучува тој.

Добрите соседи не се доволно добри?

Земјата не може да се потпира на тоа дека НАТО од свои причини би војувал во име на Шведска, критикува претседателот на парламентарната комисија за одбрана, Пол Јунсон. „Може да се надеваме, може да претпоставуваме, може да посакуваме да ја добиеме поддршката од НАТО, но не може да бидеме сигурни во тоа додека не се зачлениме во Алијансата“, вели тој за ДВ. „Може да имаме соработка по прашање на одбраната, но тоа е нешто квалитативно сосем различно од членство во Алијансата. Тоа пак е клучно за Шведска, бидејќи безбедносната ситуација страшно е променета во текот на последните години.“

- повеќеКонфликт со Москва: Загриженост во Скандинавија

Јунсон како примери за зачестени закани посочува на зголемен број сајбер напади, дезинформации, пропаганда и странски директни инвестиции во критична инфраструктура. Тој смета дека поради наведените околности шведската јавност „значително“ ги променила своите гледишта во однос на НАТО во споредба со времето пред неколку години. „Денес една третина поддржува членство во НАТО, една третина се неодлучни, а една третина се против“, вели тој. „Нештата се развиваат во правец на нашите ставови”, вели Јунсон, кој лобира кај колегите за да добие мнозинство во шведскиот парламент за зачленување на земјата во Алијансата.

Никлас Гранхолм од Шведската агенција за одбранбени истражувања верува дека ако Владимир Путин направи некои избрзани потези во Балтичко Море, „ние многу брзо би можеле да аплицираме за членство во НАТО, зашто во тој случај би имале многу поинаква појдовна ситуација и мислам дека многу брзо ќе се формира некаква про-НАТО коалиција.“
Каков ќе биде исходот?

Гранхолм: За жал, се движиме во правец на некаков сударФотографија: Anders Grudd

Но, засега дури ни долгогодишниот познавач на Русија, Гранхолм, не се осмелува да ги процени следните чекори на Кремљ. „По малку личи играта 'кој прв ќе се откаже', во која еден од возачите - во случајов Русија - само што го фрлила воланот низ прозорец. Според мене, за жал, се движиме во правец на некаков судар", вели Гранхолм.

На прашањето - како да си го претставиме тој „судар”, Гранхолм вели: „Непредвидлив е, а штом еднаш почне конфликт, нема веќе сигурно обложување на исходот."

На Готланд, Хенрик Хелвард купува мебел за својата нова летна резиденција. Вели дека не е „загрижен”, но признава оти е помалку оптимист за ситуацијата отколку пред шест месеци, кога ја купил куќата. „Не сме навикнати шведската војска да е толку присутна”, вели тој. Истовремено посочува дека заканата од Русија отсекогаш била тука. „Стравот од Русите постоеше уште кога бев дете, па всушност и не е нешто ново за нас.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми