1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Русија не напредува во Украина?

Дојче веле
27 март 2022

Лоша координација, фрапантни пропусти на тактичко ниво, проблеми со кодирана комуникација: еден месец по почетокот на војната во Украина, Русија на никаков начин не ги постигна воените цели, изјави воен експерт за АРД.

Ukraine-Konflikt - Mariupol
Фотографија: Evgeniy Maloletka/AP/dpa/picture alliance

Господине Гади, што постигна Русија за четири недели откако ја нападна Украина?

Франц-Штефан Гади: Апсолутно е јасно дека руските сили не ги постигнаа воените цели поставени на почетокот на војната. Идејата за соборување на владата на Володимир Зеленски и брза промена на режимот, беше воено нереална. Русија напаѓа на премногу страни, трупите се премногу расфрлани. Во раните денови, беше многу тешко да се разбере целиот концепт на акција, бидејќи беше во спротивност со руската воена доктрина.

Руските трупи очигледно не очекуваа дека ќе мора да водат толку интензивна војна против Украинците. Наместо тоа, тие се потпираа на сценарио како во Австрија во 1938 година - брза окупација поддржана од голем дел од населението. Наместо тоа, сега мора жестоко да се борат. 

Дали затоа руското раководство ги промени своите воени цели? 

Франц-Штефан Гади: Во моментов руските сили се прегрупираат. Сепак, одделни армиски групи се слабо координирани и очигледно имаат потешкотии со кодирана комуникација. Веројатно Русија ќе се обиде со нова офанзива да освои што повеќе територии за да го искористи тоа во преговорите. 

Руските трупи очигледно не очекуваа дека ќе мора да водат толку интензивна војна против УкраинцитеФотографија: IRINA RYBAKOVA/UKRAINIAN GROUND FORCES/REUTERS

Зарем не е чудно што руските сили не очекуваа такви тешкотии и таков отпор? 

Франц-Штефан Гади: Ако руската страна го очекуваше тоа, однапред ќе интегрираше различни системи и платформи за оружје за да постигне максимален успех против непријателот и да ги заштити сопствените трупи. Пристапот на Русија потсетува на ризичната тактика на американската војска против Багдад во 2003 година, кога отворено и без поддршка влезе на територијата на непријателот, бидејќи моралот на непријателската армија веќе беше скршен, а режимот немаше локална поддршка. На тактичко ниво во руската армија се откриваат впечатливи недостатоци. Ние воените аналитичари го преценивме влијанието на руските воени реформи од војната во Грузија во 2008 година. 

Може да се претпостави дека порано или подоцна руските единици ќе се соочат со логистички проблеми - за разлика од трупите на НАТО, на тактичките баталјони им треба повеќе логистика, бидејќи имаат поголема огнена моќ и затоа им треба повеќе муниција. Сепак, најмногу од сè, руските трупи не се подготвени за офанзивна војна со длабоко навлегување во непријателска територија - тие се поставени за одбранбено-офанзивна војна на руска територија, во која би можеле да се потпрат на руската железничка мрежа. 

Колку отпорот во Мариупол е важен за текот на војната? 

Франц-Штефан Гади: Во наредните денови ќе биде важно колку брзо ќе падне Мариупол и што ќе се случи во Донбас. Ова е најголемиот оперативен проблем на Украинците, бидејќи тие можат да бидат опколени. Руската армија започнува напади јужно од Харков и северно од Мариупол, но не знаеме колку украински единици има таму. Знаеме многу помалку за украинските војници отколку за Русите. Затоа е многу тешко да се предвиди колку долго ќе трае војната. 

Мариупол не се предава

02:27

This browser does not support the video element.

Доколку украинските единици во областа бидат отсечени и Мариупол падне, тоа ќе им овозможи на руските трупи да бидат испратени на други фронтови - на пример, во Николаев или Одеса, како и да се зајакне обрачот околу Киев. Можам да замислам дека порано или подоцна градот ќе биде опколен, но не можам да замислам дека Русите ќе можат да го преземат куќа по куќа - за таа цел се потребни многу војници. Наместо тоа, тие веројатно повеќе ќе се потпираат на артилерија и гранатирање на градот за да се поттикне владата на Зеленски да направи политички отстапки. 

Колку долго може да издржи украинската армија? 

Франц-Стефан Гади: Тоа е проблемот: не знаеме во каква состојба се украинските војници. Знаеме дека украинската воздушна одбрана се уште е неповредена, знаеме дека голем број единици се во готовност, дека има оперативни резерви. Но, немаме никакви информации за муницијата, не знаеме дали бараната помош навистина ќе пристигне од Запад и не знаеме до кој степен Украинците ќе можат да се прилагодат на новите тактички услови. На пример, премалку знаеме за борбената способност на украинските воздухопловни сили. Не мислам дека во блиска иднина руски или украински трупи ќе колабираат. Но, исто така не значи дека Украинците ќе победат. Од денешен аспект ситуацијата е во застој. 

Дали мислите дека со преговори може да се најде решение? 

Франц-Стефан Гади: Порано или подоцна ќе мора да има решение за кое двете страни ќе мора да направат компромис. И за двете страни ќе биде важно работите да се претстават како да победиле. Сепак, се сомневам дека тоа ќе доведе до траен мир. Во блиска иднина може да избие уште еден конфликт.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми