1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пораз на евроскептичарите во Европскиот парламент

Барбара Весел/ Жана Ацеска18 октомври 2014

По распадот на пратеничката група на евроскептичарите во Европскиот парламент, политичките карти наново се мешаат. За Најџел Фараж од партијата УКИП и неговите колеги тоа значи гонење во задните редови.

Фотографија: DW/B. Riegert

Најголемиот губитник без сомнеж е лидерот на Британската партија за независност, Најџел Фараж. Неговата партија по распадот на неговата пратеничка група при отворањето на Парламентот, имено, треба да земе место во задните редови. Оттаму, претопставуваат инсајдери, уште ќе има викање и тропање. Фараж никогаш не може да го заузда својот порив за навредување и одмазди. Но, правилата се јасни: една политичка група има статус на пратеничка група, односно парламентарна фракција, дури тогаш ако претставува најмалку седум европски држави. По заминувањето на пратеничката Ивета Григуле од литванската Селанска партија, во групата „Европа на слободата и демократијата“, меѓутоа, наеднаш останаа само уште шест.

Покрај 24 пратеници од УКИП, групата ја сочинуваа уште17 претставници од Партијата пет ѕвезди на Бепе Грило од Италија, како и неколкумина евроскептици од Шведска, Франција, Чешка и Литванија.

Фараж, кој го водеше зборот, покрај своето место во првата редица каде седат првите луѓе на пратеничките групи, загуби и време за обраќање и пред се‘-пари: групата евроскептици во 2015 година од бриселската каса ќе добиеше околу четири милиони евра, од кои речиси половината ќе се слееја во УКИП. Тоа би била добредојдена финансиска инјекција за изборната борба во Велика Британија напролет идната година. Британските конзервативци на летонската пратеничка веројатно ќе и‘ испратат благодарност, зашто се наоѓаат под притисок поради првите национални изборни успеси на партијата на Фараж.

Најџел ФаражФотографија: Getty Images/Carl Court

Дали е ова заговор?

Евроскептиците на својата веб-страница се пожалија на заговор. Тие тврдат-растурањето на нивната пратеничка група го исценирале големите партии во Европскиот парламент, намамувајќи ја летонската пратеничка со функција, за да ја убедат на истапување.

На спротивната страна во секој случај владее речиси отворена радост поради распадот на групата на евроскептиците. Социјалдемократот Џо Лајнен истакнува дека десните популисти ги поврзувала само одбивноста и ретроградни пароли. Него не го чуди што Фараж не можел да ја задржи дружината. Ниту Лајнен, ниту мнозинството негови колеги нема да жалат што во иднина Фараж ќе добие помалку време за обраќање пред пратениците, за на пример европолитичарите како Херман ван Ромпој да ги навредува како „мивки со харизма на банкарски службеници“. Демохристијаните исто така не го кријат задоволството и на Твитер објавија: „Прв пораз за евроскептиците! Нивната група исчезнува... радикалите и популистите се раскарани и не вршат никаква конструктивна работа“.

Бепе ГрилоФотографија: AFP/Getty Images/Filippo Monteforte

Но, зад кулисите сега се врши наново мешање на политичките карти. Во принцип, растурената пратеничка група мора да привлече само еден десно ориентиран пратеник од некоја земја на ЕУ меѓу околу 100 независни. Но, тоа не е толку едноставно, зашто заедницата на УКИП и групата на Бепе Грило беше повеќе „брак од нужда“ отколку вистинска љубов. Меѓу Италијанците има некои кои не се задоволни од радикалниот антиевропски курс на Британецот.

Остануваат уште францускиот Национален фронт и партијатана холандските десничарски популисти на Герт Вилдерс. Но, националистката Марин Ле Пен и пробританскиот Најџел Фараж не „мелат брашно“ заедно. Европскиот парламент никогаш не бил толку хетероген како во оваа изборна легислатива. На маргиналците, националистите, антиевропејците, заштитниците на животните и различните претставници на посебни интереси им е тешко да најдат заеднички политички јазик.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми