1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Со бетон против обвинувањата за злоставување

21 јануари 2022

Извештајот за начинот на кој надбискупијата Минхен-Фрајзинг се однесувала кон злоставувањето е „биланс на хорор“, а пензионираниот папа Бенедикт се дезавуира самиот, оценува Кристоф Штрак.

Papst Benedikt XVI. und Reinhard Marx
Кардиналот Рајнхард Маркс (д.) е надбискуп во Минхен од 2007 година, папата Бенедикт Шеснаесетти (л.) тоа беше во периодот од 1977 до 1982 годинаФотографија: maria grazia picciarella/infophoto/picture alliance

Пред да биде избран за папа во април 2005 година, Јозеф Рацингер од своите критичари беше нарекуван „кардинал-тенк“ поради неговата острина. Се сметаше за човек кој решително ги решава проблемите во теологијата и црквата. Непосредно по неговиот избор почнаа да стигнуваат извештаи дека наводно цврстиот Рацингер може и да се смее, дека е наводно мек. Насекаде чудење.

Сега Јозеф Рацингер добива уште еден атрибут. Еден од правниците чија канцеларија со месеци се занимаваше со злоставувањата во поранешната диоцеза на Рацингер во Минхен, оценува дека неговото однесување било „слично на бетон“. Бетон против обвинувањата дека прикрива злоставувања.

„Биланс на хорор“

Извештајот на околу 1900 страници, кој една адвокатска канцеларија во Минхен го направи во врска со односот на надбискупијата Минхен-Фрајзинг кон случаите на сексуално злоставување, се „биланс на хорор“. Еден од правниците тоа го кажува буквално така и тоа повеќепати. Извештајот е и документ за црковното минато, тој е знак за нова димензија, за нова етапа во расчистувањето на проблемите.

Кристоф ШтракФотографија: DW

Надбискупијата од 1952 година досега ја воделе шестмина надбискупи. Сите веќе претходно или додека биле на функцијата биле унапредени во кардинали. Сите шестмина, без исклучок, погрешно се однесувале и постапувале во различен број случаи на сексуално злоставување. Тројца од нив се сѐ уште живи. А, од 1977 до 1982 година, еден од нив бил и Јозсеф Рацингер, кој потоа направи кариера во Рим и беше избран за папа - Бенедикт Шеснаесетти. Затоа, сиот католички свет вчера (20.01) вџашено гледаше кон Минхен.

Во петте години додека бил надлежен за диоцезата Минхен-Фрајзинг, според оценката на вештаците, Рацингер не постапил во четири случаи во коишто морал да преземе мерки. На пример, четворица свештеници за кои биле познати дела на злоставување, сепак биле оставени да работат во делот на „грижа за душата“. Рацингер својот став го изложува на 82 страници. Во својата изјава тој ги отфрла „тврдењата“, наведува дека „немал сознанија“ или - „доколку било важно“ - има многу конкретни сеќавања. И, решително демантира дека присуствувал на седница на која се разговарало за особено тежок случај на прикривање. Вештаците, пак, со веродостојни детали докажуваат дека Рацингер сепак бил присутен на седницата.

Црквата не може сама да се соочи со проблемот

Писмената изјава на Рацингер е срамен, а истовремено и трагичен документ. Човек не сака веќе да чита кога овој голем теолог објаснува дека како предуслов за канонска постапка би било потребно „завршено кривично дело насочено кон побудување сексуална желба“. Да нема неодразбирања, притоа се работи за однос кон малолетници!

Во врска со извештајот, остануваат четири работи:

(1) Многу е важно што правниците повеќепати, многу јасно зборуваат за значењето на жртвите на сексуализирано насилство, им се заблагодаруваат, ја истакнуваат нивната храброст, нивната отвореност. Особини кои не му ги припишуваат на ниту еден свештеник. И, имаат право кога бараат избор на омбудсман. Треба да се има соодветен пристап кон жртвите, кој црковните претставници тешко дека можат да го имаат. 

(2) Важно е црквата да ги има во фокус црковните заедници каде работеле свештеници обвинети за сексуално злоставување. Поради сомневања и разочарувања се веќе распаднати многу заедници, пријателства, семејства. И, тука важи: црквата е во грев кон својата база.

(3) Црквата очигледно не може самата да се соочи со проблемите - државното правосудство ќе мора да се вклучи порешително во тоа. Тоа го докажува не само студената изјава на Јозеф Рацингер. Два дена пред објавувањето на Минхенскиот извештај, во Келн, кој исто така е хотспот на црковно прикривање, првпат пред суд се најде еден надбискуп - во улога на сведок! Сведок во постапка против осомничен свештеник. Хамбуршкиот надбискуп Штефан Хесе одеднаш беше исправен пред судија и мораше да одговара кратко, прецизно, а, според оние кои беа присутни на судењето, црковниот достоинственик одговарал и „како попарен“. Тоа покажува дека обвинителите и судиите треба да продолжат со расчистување. Државата, доколку тоа воопшто го сака, би морала да го преземе во свои раце процесот на обработка. Меѓу другото и за жртвите да не мораат веќе да се аранжираат со извршителите или организацијата на извршителите.

И, конечно (4): Оваа свештеничка и бискупска црква, која се преувеличува за да ја прикрие својата нечистотија, веќе не е црква на сегашноста. Ако воопшто може да се препознае некаква линија во изјавите на папата Франциско кои понекогаш чудно звучат, тогаш тоа е напорот да се одржи жив копнежот за Бога. А црквата? И таа е тука. Но, (себе)преувеличувањето е веќе минато. Дали католичката свештеничка црква ќе го поднесе тоа?

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми