Португалија по примерот на Ирска
8 јануари 2014 Потпретседателот на Европскиот парламент Отмар Карас е убеден, како што кажа во текот на посетата на Лисабон, дека Португалија во мај ќе ги исполни условите од програмата за помош. Т.н. Тројка, која ја сочинуваат Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Европската комисија и Европската централна банка, на 17. мај пред изборите за Европскиот парламент, ќе може да се повлече од Португалија.
Меѓународните кредитори на Португалија во мај 2011. ѝ ветија итни кредити во висина од 78 милијарди евра. За возврат побараа од португалската влада спроведување строга политика на штедење. Следуваа протести на десетина илјади граѓани. Шефот на владата Педро Коељо веќе во средината на декември 2013. соопшти оти на Португалија нема да ѝ биде потребен уште еден пакет за помош.
Ирците речиси успеаја
Ирска за првпат по напуштањето на „чадорот" за спас на еврото (ЕСБ) сака да се врати на пазарот на капитал. Оваа островска земја сака да издаде државна обврзница чиј рок истекува за 10 години, пренесува агенцијата за финансии НТМА, не наведувајќи го рокот и обемот на планираниот трошок. Новинската агенција Ројтерс ги цитира „изворите упатени во трансакцијата", дека тоа треба да се случи веќе во наредните денови. Ројтерс исто така наведува оти обемот ќе изнесува околу 3 милијарди евра.
Оваа земја, за да избегне банкрот, пред 3 години, доби помош од ЕУ и од ММФ во висина од 85 милијарди евра. Оттогаш Ирска усвои строги мерки на штедење за повторно да ги стабилизира своите финансии.
Во 2015. државниот дефицит, според проценката на Европската комисија, би требал да изнесува дозволени 3 проценти. Ирска важи како пример за Грција, Португалија и Кипар, кои исто така со повеќе милијарди мораа да бидат спасени од банкрот. Покрај тоа, и Шпанија доби многу пари за да ги санира своите пропаднати банки. Од сите овие земји, Ирска во моментов се наоѓа во најдобра состојба.