1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Португалските цариници во лов на „лимонада-мафија“

Јохен Фагет
15 октомври 2021

Данокот на шеќер во Португалија ја подигнува цената на освежителните газирани пијалоци во однос на другите земји од ЕУ. Затоа во земјата се шверцуваат сѐ повеќе сокови. Цариниците се сѐ повнимателни при претресите.

Portugal Die Portugiesische Polizei sucht an der Granze nach Limo-Schmugglern
Фотографија: Jochen Faget

„Добар ден, вашите документи. Што имате за царинење?“ Португалскиот цариник Хелдер Мендес запре уште еден камион. Ни самиот не знае кој по ред. Од седум часот утрото со пет колеги контролираат камиони кои влегуваат од Шпанија на граничниот премин Вилар Формозо, еден од најпрометните во Португалија. Денеска се во потрага по стока што сѐ повеќе ја запленуваат – станува збор за безалкохолни пијалоци. 

Во Португалија се плаќа дополнителен данок на шеќер,  а во Шпанија  таквите пијалоци се оданочуваат со нормална даночна стапка. Затоа преку граница илегално се пренесуваат сѐ повеќе засладени пијалоци. Акцијата на португалската царина која се одвива на сите гранични премини би требало да спречи илегален увоз. 

Професионално организиран шверц

„Од 2017 година сите безалкохолни пијалоци кои содржат шеќер, дополнително се оданочуваат“, објаснува Хелдер Фернандес, шеф на криминалистичко одделени во португалската полиција ГНР, која е исто така задолжена и за сузбивање на шверцот. „Веќе две години констатираме дека шверцот не само што расте, туку во меѓувреме е и професионално организиран.“

Пред еднаипол година, при царинска акција се запленети 600 хектолитри неоданочени газирани пијалоци. Данокот на таа количина би изнесувал 40.000 евра. Пијалоците биле наменети за продавници и гастрономијата на подрачјето на Лисабон.

Не постои ускладување на висината на данокот во ЕУ

„Проблем е што даночните стапки во рамки на ЕУ уште не се усогласени“, додава Фернандес. Тоа не важи само за данокот на дополнителна вредност, а камо ли за данокот на шеќер, чија смисла е да се конзумираат помалку пијалоци со штетна содржина на шеќер. „Данокот е релативно мал, но на голема количина се чувствува разлика“. Затоа, полицајци како Хелдер Мендес претресуваат еден по друг камион.

Полицаецот Хелдер Мендес врши проверка на камионФотографија: Jochen Faget

Се качуваат на приколки, проверуваат палети, потоа на комјутер ги споредуваат документите со даночните формулари. Температурата е речиси 30 степени, полицајците се потат.

„Не е лесно, мораме да проверуваме многу податоци за да заклучиме дали стоката е шверцувана или не“, вели Мендес. Прво се констатира дали шпанскиот данок на промет е изземен од цената, потоа дали е платен португалскиот данок. Се бара доказ за плаќање на португалскиот данок на шеќер.

„Лимонада-мафија“

Она што е проблем на границите, во самата земја се покажа како добро. Многу производители на сокови ја намалија количината на шеќер, а и конзумирањето на засладени пијалоци се намали. Тие мерки се успешни од аспект на борба против болестите  дијабетес и дебелина. И тоа иако данокот на шеќер изнесува само едно евро на хектолитар.

Сепак, некој вид „лимонада-мафија“ ги снабдува со евтини прокриумчарени шпански пијалоци оние Португалци кои немаат проблеми да го заобиколат законот. Хелдер Мендес вели дека во Шпанија не одат по пијалоци татковци кои организираат роденден за децата: „Тоа се професионалци кои работата на големо“. 

Добра заработувачка за криумчарите

Заработувачката на шверцерите не е лоша. „Во еден случај пијалок кој содржи кофеин беше продаван за 50 центи, а нормално чини едно евро“, се присетува Фернандес. „А извршителите и со таа цена имаат добивка.“ Фернандес вели дека не се контролираат само камионите на граничните премини, туку и продавниците и камиони во внатрешноста на земјата.

Царинскиот полицаец Хелдер Мендес во моментот контролира уште еден камион, не најде нелегални пијалоци во приколката. По околу 12 часа, акцијата за контрола на португалките граници е завршена, 48 полицајци проверија околу 500 камиони.

Овојпат немаше шверцувани пијалоци. Хелдер Мендес и колегите се повлекуваат, до следната голема котролна акција. Шверцерската дејност на португалските граници би можела да се запре единствено со усогласување на даночните стапки во Европската унија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми