1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

021109 Merkel USA

2 ноември 2009

Канцеларката, пред да поднесе владина изјава во Бундестагот, во Вашингтон ќе има чест да зборува пред пратениците на двата дома на американскиот парламент. Какви промени се очекуваа во германско-американските односи?

Ангела МеркелФотографија: AP

Високата чест што и’ се укажува на германската канцеларка Ангела Меркел со говорот пред двата дома на американскиот парламент има и своја цена. Вашингтон очекува Германија да преземе поголема надворешно-политичка одговорност на светската сцена. Конкретно тоа значи, на пример, зголемување на ангажманот на Бундесверот во Авганистан. Германците се веќе трета земја по големината на контингентот во рамките на НАТО мисијата, но мандатот што го имаат 4.400 војници на Бундесверот е ограничен. Тие, имено, според одлуката на парламентот имаат право само да се бранат, а не и да вршат офанзивни дејства. Исто така германските „торнадо“ авиони само помагаат при извидувачките активности, но не смеат да се користат активно во борбените дејства.

Американската администрација посакува посилно германско учество во Авганистан

Иако претседателот Барак Обама не ги дефинирал ни целите на светската супер сила што се однесува до мисијата во Авганистан, јасно е дека американската администрација посакува Германија поактивно да се вклучи во воената операција на НАТО силите во оваа земја. Обама во повеќе наврати посочи дека САД не се во состојба самите да излезат на крај со талибанците и борците на Ал Каеда. Директорот на Трансатлантската академија при германскиот Маршалов Фонд, Штефен Сабо, оценува: „Американската влада посакува Германија да ги укине задршките и ограничувањата за ангажманот на Бундесверот, како и да признае дека станува збор за воена мисија, а не за помош во обновата на земјата.“

Германија игра важна улога за САД и во обидот да ги постави на нови темели односите со Русија. Не само поради добрите односи на Берлин со Москва, туку и затоа што во САД неретко се гледа со неприфаќање на тесната економска соработка меѓу Германија и Русија. Поранешниот советник за безбедност на американскиот претседател Џими Картер, Збигњев Бжежински, предупредува од преголеми отстапки и компромиси кон Русија, кои би имале економска мотивација: „Сакаме добри односи со Русија, но не сакаме такви коишто би ги вратиле чекор назад придобивките од крајот на студената војна. И исто така не сакаме од добрите односи со Русија да произлезат негативни последици за Украина, Белорусија, Грузија или пак за земјите од Средна и Источна Европа.“

Германија е најголем европски извозник во Иран

Економскиот аспект игра важна улога и кога се во прашање односите на САД и Германија кон Иран. Германскиот извоз во оваа земја, наспроти намалувањето, сепак изнесува повеќе милијарди евра годишно и Германија останува најголем европски извозник во Иран. Би било логично и консеквентно кога Германија би водела сметка за спроведување на меѓународни санкции против Иран, за кои се залага во шестпартитните преговори на Западот со официјален Техеран околу спорната атомска програма.

Во секој случај, експертот Штефен Сабо смета дека е дојдено времето Германија да преземе и меѓународна одговорност, што и’ доликува на нејзината географска и економска големина: „Германците мораат да сфатат дека Америка се измени, таа стана послаба. Таа нова Америка многу повнимателно ги донесува одлуките и влегува во помалку обврски од претходно. Затоа и’ требаат силни партнери од Европа за да ги надмине проблемите!“

Според Сабо Германија нема многу време за позитивно да одговори на ваквата понуда од Вашингтон, бидејќи Американците не се многу трпеливи, а би можеле да си најдат и друг сериозен партнер на „стариот континент“.

Автор: Кристина Бергман / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми