1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Посета во невреме

Гунар Коне/превод:БГ19 октомври 2015

Посетата на Меркел на Истанбул беше погодна за владејачката АКП, но не и за демократските сили. Дали земјата е навистина подготвена на соработка во бегалската криза е големо прашање, смета Гунар Коне

Фотографија: Reuters/T. Bozoglu

Сликата требаше да испрати силна и јасна порака: на едната страна е молителот, а на другата моќникот кој ја има контролата. Со намуртен поглед, една рака опуштено префрлена преку позлатената фотелја, седеше турскиот претседател спроти германската канцеларка Меркел, не погледнувајќи ја притоа.
Дали посетата на германската канцеларка навистина беше замолница, која пред сѐ ќе и користи на владата во Анкара ќе покажат следните недели. Досега слушнавме само формални декларации без конкретни чекори. Анкара соопшти дека е подготвена да ги задржи бегалците кои заминуваат кон Европа. Со пари и помош од ЕУ.
Како тоа ќе успее, станува мистерија со само еден поглед кон картата. Границата кон Сирија во должина од 800 километри е речиси неконтролирана, слично како и егејското крајбрежје меѓу Турција и Грција. И идејата, да се формираат заеднички транзитни кампови во кои на одреден број бегалци ќе им биде дозволено да го продолжат патувањето кон Европа, е нереална. Само еден мал дел од двата милиони сириски бегалци во Турција сѐ уште живеат во бегалските кампови долж границата, повеќето својата среќа ја бараат во големите турски градови, или сакаат да продолжат натаму. Како ќе ги вратат тие луѓе назад во камповите? Насила?

Ништо повеќе од симболика

За соработката на Турција во бегалската криза, канцеларката нуди олеснување на визниот режим за турските граѓани. Таа веќе постои за одредени професии како бизнисмени или уметници. Меркел понуди и продолжување на преговорите за членство на Турција во ЕУ, кои практично беа замрзнати- уште годинава треба да се отвори уште едно поглавје. Тоа е само симболика. Клучно за процесот на приближување не е колку поглавја ќе бидат отворени, туку колку од нив успешно ќе бидат затворени. Во досегашните 10 години преговори затворено е едно единствено.

Анкара не сака да биде прогласена за безбедна трета земја, во која бегалците би можеле повторно да бидат вратени, туку за земја со сигурно потекло. Но дали е Турција тоа? Според мислењето на Ангела Меркел- Да- за време на нејзината посета на Турција таа тоа јасно го кажа. На крајот на краиштата се работи за НАТО партнер и кандидат за членство во ЕУ. Но, притоа се заборава дека Турција беше членка на НАТО и за време на воената хунта во 1980-те години. А преговорите за членство во ЕУ започнаа во една време (2004) кога Турција спроведе длабоки реформи и владата на Ердоган преговараше за мир со Курдите.
Но 11 години подоцна сликата е сосема поинаква. Граѓанската војна меѓу забранетата Курдска работничка партија и државата повторно се разгоре, а притисокот врз медиумите е толку голем што меѓународните организации се алармирани. И конечно: теророт на улиците се заканува од Турција да направи „нормална“ земја за блискоисточни прилики.

Гунар КонеФотографија: DW

Игнорирани апели

Така не изгледа „земја со сигурно потекло“, велат и 100 критични турски интелектуалци, кои претходно со отворено писмо и се обратија на канцеларката. Тие апелираа до неа да не го игнорира прекршувањето на европските вредности како слободата на мислата и печатот, заради сопствени внатрешно политички интереси. „Не дозволувајте вашата посета да делува како поддршка во изборната кампања“, апелираа тие. Но и тие, како и многу други турски демократи, останаа разочарани. Зборот човекови права канцеларката воопшто не го изусти на прес-конференцијата. А премиерот Ахмет Давутоглу потоа задоволен можеше да се упати на својот предизборен собир.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми