1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последната битка на Ангела Меркел

10 декември 2020

Расправата за буџетот всушност требаше да биде повод за канцеларката да извлече позитивен биланс од нејзините 15 години на функцијата. Но, пандемијата промени сѐ, оценува Кристоф Штрак.

Deutschland l Bundestag, Haushaltswoche - Rede von Kanzlerin Merkel
Фотографија: picture alliance / ASSOCIATED PRESS

Каков говор! Опивен, опоменувачки, со молба, со барање. Канцеларката Меркел во Бундестагот јасно како никогаш досега побара построг курс во борбата против короната. Стана речиси и саркастична: ако луѓето „сега, пред Божик, имаат премногу контакти и потоа прославата биде последната со баба и дедо, тоа значи секако дека нешто сме погрешиле. Тоа не би требало да го сториме.”

Последна прослава бидејќи на бабите и дедовците нивните деца и внуци не им донесле само подароци и љубов, туку со себе го донесле и вирусот. Меркел го спомена бројот на официјално пријавени смртни случаи од корона во Германија:590 за 24 часа, тажен рекорд. Таа одлучно застана зад препораките на Академијата Леополдина и други научни експерти, пред Божик училиштата во Германија предвреме да се затворат; да има што е можно помалку контакти - најдобро никакви надвор од семејството, да има дисциплина, многу повеќе од досега.

Црната нула е минато

Во основа таа ги премина границите, бидејќи покраинските премиери се задолжени за своите покраини, додека на државно ниво се регулираат деталите за корона-мерките.

Така канцеларката, која инаку се води строго по правилата, со сиот свој авторитет се бори против пандемијата и за оние кои се загрозени како ризични групи.

Потоа од местата на пратениците на Унијата (ЦДУ/ЦС) имаше долг аплауз. Можеби имаше и зачудени од настапот на канцеларката, која во тој пленум држела веќе стотици говори, а ќе и останат уште само неколку до крајот на мандатот.

Кристоф ШтракФотографија: DW/B. Geilert

Во воздухот всушност веќе лебди проштално расположение. 16 пати досега канцеларката го претставувала буџетот, го бранела, го промовирала и учествувала во носењето. Во средата го одржа последниот таков говор. Тој аспект во основа го опфатија само говорниците на деснопопулистичката АфД: секој од нив слави на свој начин што Меркел следната година нема да биде одговорна за буџетот. Но, тие слават сами.

Веќе со години во буџетот сѐ се врти околу црната нула. Долго време Меркел различните коалиции ги оставаше да работат стремејќи се кон таа цел. Од 2014-та, таа гордо можеше да се пофали дека нема нови задолжувања, дека се намалуваат постоечките и дека расте просторот за маневар. Но, тоа се минати времиња. Шефот на пратеничката група на демохристијаните, Ралф Бринкхаус, вели дека се работи за „корона-буџет”; пратеничката група сакала тоа да биде поинаку.

И претседателството сѐ уште трае

Не оди само буџетот во различен правец од посакуваниот. И темата Европа која и' лежи на срце на Меркел е на климави нозе.Европската куќа крцка и деновиве уште повеќе пропаѓа отколку што сме навикнати од изминатите години.

Германија до крајот на годината претседава со ЕУ, Берлин го води и координира Советот на Европа. И сега? Меркел во краткиот дел одсвојот говор што се однесува на надворешната политика се осврна на ЕУ-самитот и сите нејаснотии. „Речиси сѐ виси”, вели таа.

Како Брегзитот, истапувањето на Велика Британија од внатрешниот пазар на ЕУ до крајот на годината, треба да функционира, е сѐ уште отворено прашање. Како ќе изгледа буџетот на ЕУ во следните седум години е исто така отворено, со оглед на отпорот од Полска и Унгарија. Конфликтот уште подлабоко може да ја разниша ЕУ. Политиката на глобално ниво се прераспоредува со сѐ посилна Кина, со Русија како повторно сигурен противник и САД како повремено непресметлив сојузник, со Турција како застранет партнер на Европа. Германското престедателство не може да реши ништо од тоа.

Можеше да биде толку убаво за канцеларката деновиве: нејзиниот кабинет можеше да пишува говор во предизборна кампања, која е веќе наголемо почната, со Меркел која би можела да ја прославува својата цел - „црната нула“ и растечки простор за инвестиции. А, и претседавањето со Советот на ЕУ можеше да се билансира позитивно. Но, се' е готово. Се' уште не знаеме кој за само еден месец ќе ја предводи нејзина а партија ЦДУ.

Почит за моќниот впечаток

Сепак, со својот возбудлив настап полн со емпатија, емоции, па дури и патетика, 66-годишната канцеларка покажа дека таа се бори за Германците! Меркел се бори против пандемијата и симболично за животите на илјадници стари луѓе. Таа се бори за иднината на својата земја. Таа се бори, бидејќи и покрај тешките преговори со покраинските премиери, директно им се обрати на луѓето кои и понатаму се собираат на дружба за да испијат традиционално греано вино. Таа навистина заслужува почит за моќниот впечаток што го остави.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми