Да се биде најсилна партија е убаво. Но во еден сѐ пофрагментиран партиски систем тоа не е гаранција за стабилна влада. Затоа, крајно време е ЦДУ да размисли за својата иднина, оценува Феликс Штајнер.
Реклама
Ангела Меркел во неделата доживеа голем пораз, но се чини како оваа порака да не е стигната до сите. Уште вечерта по изборите, многу тв-гледачи, со оглед на френетичниот аплауз на подмладокот на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) во партиската централа во Берлин, иритирано се прашуваа „на каква дрога“ се младите луѓе. Потоа, во понеделникот, следуваше стоичката изјава на канцеларката пред новинарите во главниот град дека навистина не би можела да каже што би направила поинаку.
Можно е за ваквото искривено восприемање на стварноста да придонесле и пренагласените честитки од страна на Жан-Клод Јункер и Емануел Макрон. Двајцата би требало веројатно да знаат дека Германците во неделата - како што предвидува Уставот - гласаа само за составот на Бундестагот, а не е за реизбор на канцеларката.
Квадратура на кругот
Таа, за да остане на чело, каде е веќе 12 години, ќе мора - поради тоа што социјалдемократите веќе не сакаат да играат - првпат да состави коалиција од четири партии: ЦДУ, ЦСУ, ФДП и Зелените. Што, со оглед на тоа како стојат работите, е еднакво на квадратура на кругот. Многу поважно меѓутоа е што ваква коалиција би била опасна програма за натамошен пораст на десните популисти на наредните и парламентарни избори, доколку АфД дотогаш не се распадне одвнатре, за што истапувањето на Фрауке Петри од партијата веќе остава простор да се претпоставува.
Но, дотаму нема да дојде. За тоа ќе се погрижи баварската ЦСУ. Загубата на гласови за ЦСУ во Баварија во неделата беше многу поголема отколку загубата на ЦДУ во другите покраини. Затоа во Минхен владее огромен страв од загуба на апсолутното мнозинство на покраинските избори што ќе се одржат за една година. Иако воопшто не стоеше на избор, во Баварија е казнет дезориентираниот шеф на партијата Хорст Зехофер. Оној кој свесно ја обвинува канцеларката за прекршување на правото и не постигнува успех со своите пентрантни и ултимативни барања за воведување горна граница за бегалци, тој мора да излезе од коалицијата, а не непосредно пред избори повторно да изигрува „милозлив Хорст“. Во ваква ситуација не треба да зачудува големиот плус гласови за АфД. Но, Зехофер не извлекува поуки. Тој сега сака да покаже „јасни граници“ и да го покрие „десниот бедем“. И тоа во коалиција со Зелените и ФДП. Каква шега!
Проблемот за Меркел е во тоа што ако во минатиот мандат, со голема коалиција и двотретинско мнозинство, можеше лесно да го преболи губењето на Баварија, сега таа ѝ е насушно потребна за мнозинство. Значи, сите ќе се прикажуваат државнички, ќе ја повторуваат определбата за преземање одговорност, долго ќе сондираат мислења, уште подолго ќе преговараат - но на долгиот крај нема да дојде и резултат.
Задната вратичка на Мартин Шулц
И тогаш? Пред да се одлучат за сосема непредвидливи нови избори, во ЦДУ сигурно некој ќе се сети на зборовите на Мартин Шулц од неделата: СПД - цитат - „нема да оди во нова коалиција под раководство на Ангела Меркел“! Стариот лисец Шулц при заминувањето во опозиција си остави подотворена задна вратичка. Зашто, и тој знае дека ниту народот ниту избирачите на ЦДУ по 12 години владеење на Ангела Меркел не ѝ се толку приврзани, како што тоа одвреме-навреме го сугерираат некои истражувања на јавното мислење. Нејзе безгранично ја ценат пред сѐ оние кои или ѝ се благодарни за своите функции или кругови, во кои Унијата и онака никогаш не се преферира, зашто конечно и ЦДУ си има сопствен светоглед.
Отворени остануваат две прашања: кој од ЦДУ може да биде канцелар и кој ќе биде првиот кој ќе го каже неизбежното? Доколку ЦДУ како динамична народна партија сака и во иднина не само да управува, туку и активно да обликува, тогаш за двете работи ќе треба да се најде по еден. Имаше времиња во кои таа улога ја преземаа генералните секретари. Се сеќавате?
Ангела Меркел, незаменливата
По 16 години поминати како претседател на политичката партија ЦДУ и единаесет години на чело на германската влада, се чини дека ерата на Меркел може да има уште едно продолжение.
Фотографија: Reuters/M. Rehle
Првата заклетва
„Сакам да и служам на Германија“ беше ветувањето на Меркел за време на кампањата за канцелар на земјата. По тесната победа, на 22 ноември 2005 година Меркел даде заклетва и стана првата жена канцелар, но и првиот шеф на влада кој доаѓа од Источна Германија. Таа застана на чело на широка коалиција составена од ЦДУ и СПД.
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Bergmann
Кој се плаши од кутрето на Путин?
На дипломатскиот фронт, Меркел мораше да се соочи со моќен противник. Таа е позната поради својата сталоженост и смиреност. Но, Владимир Путин очигледно сакаше да го стави на тест нејзиното трпение за време на приемот во 2007 година. Тој набрзо ја најде нејзината слабост: Меркел се плаши од кучиња.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Astakhov
Фонд за црни денови
Меркел вообичаено е смирена што и помогна за време на кризите. Колабирањето на финансиските пазари во 2008 година предизвика проблеми за германската економија. Поради тоа, Меркел презеде акција. Таа беше инволвирана во планирањето на фондовите за спас на еврозоната. На крајот, германската економија се извлече речиси без последици, но мерките за штедење најмногу ги почувствуваа Грците и Шпанците.
Фотографија: picture-alliance/epa/H. Villalobos
Втор мандат
Иако резултатот на ЦДУ/ЦСУ на парламентарните избори во 2009 година беше вториот најслаб резултат за партијата во повоениот период, тоа сепак беше победа за Меркел. По широката коалиција со социјалдемократите во претходниот мандат, овој пат Меркел можеше да состави влада со посакуваниот партнер - про бизнис либералите од ФПД.
Фотографија: Getty Images/A. Rentz
Брзо исклучување
Иако по професија е физичар, инцидентот во Фукушима во 2011 година ја претвори Меркел од поддржувач - во силен противник на нуклеарната енергија. Веќе одобрените планови за продолжување на работниот век на германските нуклеарни централи беа откажани и спротивно на нејзините предизборни заложби, Германија наскоро го сопре производството на нуклеарна енергија.
Фотографија: Getty Images/G. Bergmann
„Првиот маж“ на Германија
Дали некој го препознава? Го чул неговиот глас? За време на десетгодишното владеење на Меркел, нејзиниот сопруг Јоахим Зауер, остана незабележан. Професорот по хемија на универзитот Хумболдт во Берлин стапи во брак со Меркел во 1998 година. Тој секогаш останува во позадината кога неговата сопруга е во официјални посети, но во нивниот приватен живот се чини дека е обратно.
Фотографија: picture alliance/Infophoto
Пријателство ставено на тест
Објавувањето на информациите дека блискиот сојузник САД ги пресретнува телефонските разговори на врвните германски политичари отвори голема афера пред меѓународната јавност. Ниту мобилниот телефон на Меркел не бил безбеден од тајните служби на САД. Аферата предизвика проблеми во домашната и меѓународната политика на Меркел.
Фотографија: Reuters/F. Bensch
Грчкиот пациент
Меркел има обожаватели низ целиот свет, но во Грција нивниот број е значително помал. На ниту едно друго место во светот Меркел не била толку демонизирана како што беше во Грција за време на должничката криза во еврозоната. Старите анимозитети беа повторно нагласени по барањата на канцеларката за штедење, економски реформи и кратење на трошењата од властите во Атина.
Фотографија: picture-alliance/epa/S. Pantzartzi
Емотивна, барем еднаш
Иако е воздржана и позната по минималните гестови и изрази на лицето, Меркел не можеше да се воздржи за време на финалето на Светското првенство во фудбал во Рио кога заедно со германскиот претседател го бодреа националниот тим. Во тој период Меркел беше на врвот на својата популарност, исто како и германската репрезентација, со која заедно влијаеа на градењето на меѓународниот имиџ на Германија.
Фотографија: imago/Action Pictures
Ние можеме да го направиме тоа, зарем не?
Кога стотици илјади бегалци пристигнаа во Германија канцеларката изјави дека законот за азил нема лимит. „Ние можеме да го направиме тоа!“ беше мотото на Меркел за време на бегалската криза. Таа тврдеше дека има план. Но, во меѓувреме многумина Германци се прашуваат дали навистина „можеме да го направиме тоа?“
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe
Што е следно?
По терористичките напади во Париз на 13 ноември минатата година Франција објави вонредна состојба. Ангела Меркел на соседите им понуди „целосна поддршка“. Сепак, стравот од тероризам беше сеприсутен. Без сомнеж, Меркел беше соочена со најголемиот предизвик во нејзиното владеење токму на десетгодишнината од нејзиното стапување на функцијата...
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka
Критични сојузници
На партискиот конгрес на ЦСУ во ноември 2015 година канцеларката беше критикувана од баварските сојузници. Хорст Зехофер ја обвини Меркел дека загубила контрола над границите со нејзината политика кон бегалците. Тоа беше понижување кое мораше да го истрпи стоејќи без можност да возврати на обвинувањата.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Hoppe
Зарем не може да остане подолго?
Меркел би сакала трет мандат за Барак Обама, иако скандалот со прислушувањето од страна на НСА беше причина за резервираност од нејзина страна. Сепак, Обама ја напушта политичката сцена и му го отстапува местото на Доналд Трамп. Весникот „Њујорк Тајмс“ ја нарече Меркел „последниот чувар на либералниот Запад“.