1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смрт на ѕидот

М. фон Липке-Шварц/Б. Георгиевски5 февруари 2014

20-годишниот Крис Гуфрој загина на 5. февруари 1989. година како последна жртва на Берлинскиот ѕид. 25 години подоцна сѐ уште се утврдува колку точно луѓе загинаа на германско-германската граница

Фотографија: Stefan Richter

Под заштита на темнината, двајца млади таа ноќ се провлекуваа низ градините на Источен Берлин. Беше 5. февруари 1989. година, кусо пред полноќ. Нивната цел беше каналот Бриц кој го поврзуваше поделениот град. Крис Гуфрој и неговиот пријател Кристијан Гаудиан се надеваа дека на тоа место ќе успеат да ја минат, во тоа време, една од најдобро чуваните граници во светот.

Се одлучиле за бегството откако слушнале дека на граничарите во ГДР им е даден налог да не употребуваат сила, што дотогаш било пракса при обидите за бегство. Храбро го прескокнале три метри високиот „заднински“ ѕид, а потоа стигнале до жичената ограда. Но, тука почнуваат проблемите. Еден од нив го активирал алармот и во тој момент комплетната „линија на смртта“ била комплетно осветлена.

Очајнички двајцата се обидуваат да стигнат до последната пречка: три метри високата жичена ограда. Но веќе е предоцна. Граничарите ги откриле и пукаат кон нив. Во дожнот куршуми Гуфрој умира, а Гаудиан е тешко ранет и одведен е во притвор.

Истрелите одекнале во ноќта. Ги слушнала и Карин Гуфрој, мајката на Крис. Но дури следниот ден дознала дека нејзиниот син е убиен на границата. Тоа е последната жртва на ткн. „линија на смртта“, пред неговото конечно паѓање есента таа година.

Непознат број на жртви

Колку луѓе вкупно загинале поради смртоносната политика на ГДР, до денес не е точно утврдено. Берлинскиот ѕид, од северната до јужната точка на околу 1.400 километри долгата германска граница го надгледувала граничната служба на ГДР. На Слободниот универзитет во Берлин започнат е проект кој треба да даде одговори на некои неразјаснети прашања.

Заштитата околу Берлинскиот Ѕид се состоела од повеќе зониФотографија: ullstein bild - Blume

„Во моментов работиме на 1.036 случаи на лица чиј идентитет не е познат, а тука се и уште 192 случаи на целосно непознати лица“, вели научникот Јан Костка за ДВ. Во ГДР не била водена евиденција на лицата убиени на границата кон Западот. Напротив, таквите случаи биле прикривани.

Дури и на членовите на семејството на Гуфрој им било речено дека тој настрадал во напад врз заштитена воена зона. Две недели по смртта, семејството објавило некролог во кој се говори за „несреќен случај“.

Но на погребот на Гуфрој дојдоа и голем број новинари од Западот. Тогашното радио РИАС, кое емитувало програма од Западен Берлин, јавило: „Таа нејасна формулација за трагичната смрт на Крис повторена е и на погребот. Повеќе од тоа не можеше да се слушне. А на гробиштата од утрото можеа да се видат припадници на службата за државна безбедност“.

Ова медиумско внимание го прави исклучок случајот на Гуфрој. Мнозинството други случаи, Штази успешно ги прикривал и ги заплашувал семејства на убиените. Сѐ до денес.

Убиствен систем

Дури неодамна беше утврден точниот број на жртвите на самиот Ѕид: 138. Пресметката се заснова на сознанијата на Слободниот универзитет во Берлин, дополнети со проект на Меморијалниот центар Берлински Ѕид и Центарот за современа историја во Потсдам. Се работи за лица кои загинале во рамките на режимот за „чување на границата“, значи оние кои се обиделе да избегаат, но и оние кои страдале во близина на Ѕидот под непознати околности. Статистиката не ги зема предвид оние кои си го одземале животот поради затвореноста во недемократскиот систем.

Крис ГуфројФотографија: DW

Според Марија Ноке, заменик-директор на Меморијалниот центар Берлински Ѕид, многу поважни се животните приказни на оние кои страдале отколку нивниот број. „Решавачкото прашање е: што преживувале овие луѓе. Зошто се одлучувале на така рискантни потези и кои биле причините кои ги поттикнале на такво нешто“. Крис Гуфрој има само 20 години кога им подлегнал на истрелите на 5. февруари 1989. година.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми