1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последниот претседател на ВМРО?

5 септември 2020

Како што стојат работите, оставка или менување на Христијан Мицкоски е недостижна работа за оние што бараат тој да си оди. Ним ќе им треба многу повмрежена структура, повеќе енергија и вистинска порака за да го симнат

Nordmazedonien Wahlen Hristijan Mickoski VMRO-DPMNE Partei
Фотографија: Petr Stojanovski

Два паралелни политички процеси се одвиваат во овој момент во државава кои се како поврзани садови. Едниот е етаблирањето на владејачката структура, во која иако седат досегашните партнери односите меѓу нив допрва треба да се калибрираат за да не летаат искри на сите страни и за да може да испорачаат успех. Вториот е подгревањето на кашата во ВМРО-ДПМНЕ. Нејзиното евентуално зовривање во голема мерка директно ќе зависи од успехот на владата.
На прв поглед оваа влада изгледа дека може да биде подобра од претходната, затоа што е направена по три години искуство на социјалдемократите во власта, откако заборавија што значи да се владее по толку многу горчливи порази за нив, по едно исфрлање на клоци од парламентот, по потрагата за одговор на вмровското владеење и окупацијата на секое можно прозорче за политичко дишење, по тоа што буквално преживеаја по дивјачкиот упад на 27 април. Првата влада за нив беше како некаков „тим на слободата“, кој за три години некако научи како функционираат лостовите на владеењето, но кој едвај испорача половина од она што од него се очекуваше. Граѓаните покажаа извесна толеранција на изборите за неуспесите на првиот кабинет (и ги вреднуваа дострелите во надворешната политика), но прагот на прогледувањето низ прсти веќе е спуштен на многу ниско ниво. Веројатно тоа го имал на ум Зоран Заев, кога предложи помал кабинет и кога ги создаваше контурите на тимот. Помала, покомпактна екипа може да продуцира поголема енергија, но дали таа ќе биде искористена на вистински начин и ќе продуцира вистински резултати е веќе друго прашање. Јасно е само едно – оваа влада нема ни 10 дена за оценка на нејзината работа, а не како што вообичаено се вели – 100 дена, затоа што проблемите се толку големи, а има десетици и десетици одлуки (главно поврзани со корона кризата) кои мора да се носат веднаш.
Токму од успехот на новиот кабинет на Заев ќе зависи во голема мерка и судбината на Христијан Мицкоски на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Нема тука ништо необично – доколку се остварат оценките на вмровскиот лидер дека оваа влада е составена од „стари, истрошени, компромитирани транзициски кадри“, тоа ќе стави многу голем товар на неговата страна од вагата во внатрешните превирања во партијата и таа ќе може да се регрупира по трите последователни изборни порази. Доколку, пак, неговите прокламации се покажат за погрешни, ако есенва и официјално започнат преговорите со ЕУ (како што најави Ангела Меркел) и брзо се отворат повеќе поглавја, тоа ќе биде уште една промашена реторика на Мицкоски на ѓерданот околу неговиот врат и ќе може да се пофали дека бил политичар кој ништо не успеал да погоди и ништо не успеал да оствари. 
Искршен мозаик
Разврската во ВМРО-ДПМНЕ е многу важна за македонската политика и вербата на граѓаните во неа, а не само заради евентуалната промена на лидерството. Тоа, во конкретниот случај, и не е многу важно. Од јуни 1990 до декември 2017 година партијата беше водена само од двајца лидери кои со годините создаваа огромни лојалистички структури, од кои најголемиот дел имаа сериозна корист. Системот на функционирањето на партијата добиваше бетонска архитектура низ која не можеше да дувне ни демократски развигорец. Сѐ беше подредено на моќта на лидерот и на „трустот мозоци“ околу него. Тоа доби неверојатни внатрепартиски авторитарни размери во годините на Никола Груевски.

Други колумни од авторот:

Заев го чека тежок пат по калдрма

Универзални грешки – или како до нова концертна сала

Како автократите си честитаат едни на други

Мицкоски – човекот што помисли дека може да биде лидер
Изборот на Христијан Мицкоски за нов претседател на партијата требаше да биде нова отскочната штица не само за ВМРО-ДПМНЕ, заглавено во национализам, корупција, кронизам и неверојатно богатење. Македонската јавност на одреден начин треба да жали што Мицкоски не ја виде шансата што беше пред него. Или можеби ја виде, а не сакаше или не можеше да ја искористи. По поразот на изборите лидерството набрзина го свика Централниот комитет, по чија седница триумфално беше најавено дека ќе се усвојат измени на партискиот статут кои ќе ја демократизираат партијата. Втората одлука беше дека Централниот комитет го овластил Мицкоски да преговара за составување на новата влада.
Сето тоа сега е искршено на парчиња. Мицкоски беше далеку „20.000 милји под морето“ од составувањето влада. Тој го знаеше тоа, но мораше да ја одржи приказната во живот. Сега ќе чекал да види како владата ќе умира на рати. Надвор од класична политичка приказна е еден друг момент што го пропушти Мицкоски и оние околу него – изборот на првиот човек на партијата. Пред некој ден Зоран Заев најави дека СДСМ следниот лидер наредната година ќе го бира преку директни избори на целото членство на партијата. Официјална одлука за тоа треба да донесе конгресот на партијата што треба да се одржи најдоцна за еден месец. Доколку тоа се случи ваквата изборна постапка ќе значи премин преку рубикон во партиските демократии во земјава. И со тоа СДСМ ќе го постави образецот за другите партии што ќе биде тешко да се одолговлекува подолго време. 
Наместо ВМРО-ДПМНЕ да ја преземе палката во вантрепартиската демократија и тоа во комплицирани времиња за партијата, тоа му ја препушти на неговиот архи-непријател. Мицкоски и неговите портапроли уште зборуваат за тоа дека во архивата на партијата не било доставено барање за вонреден конгрес, за што треба да одлучува Централниот комитет, па тој со толку и толку членови треба да одлучи за тоа барање... и уште редица други објаснувања кои треба да ја зачуваат неговата позиција, затоа што е совршено јасно дека такво барање од лојалистите ќе биде отфрлено.
Игор Есмеров, поранешен амбасадор во Унгарија од вмровското време и поранешен член на раководството на партијата, пред неколку дена во интервју за „Локално“, малку катастрофично ја отслика сегашната ситуација во ВМРО-ДПМНЕ преку еден совет за Мицкоски: 
„Би му испратил еден пријателски совет, а тоа е да не дозволи да биде запишан во историјата како недемократ и последен претседател на ВМРО, партија која во 127-годишното постоење поминала низ многу премрежија и која единствена е заслужна што македонското прашање го држела отворено на меѓународната сцена сѐ до добивањето на целосна независност во 1990-та година, но и сега. Во спротивно, постои реална можност во историјата да биде опишан како човек, кој во само три години е најзаслужен за распад на партијата, а воедно и последен претседател на ВМРО“. 

Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski


Се разбира, ова се претешки зборови за судбината на една партија, а особено нa партија како ВМРО-ДПМНЕ. Но суштината на неговите оценки е патот кон кој е тргнато раководството на партијата. (Есмеров беше еден од оние што се залагаше пред две години да се излезе на реферeндумот и да се гласа, по што доживеа многу вербални, а и еден физички напад поради тие негови ставови.) Есмеров, професор на факултет, само предупредувачки ги кажа последиците од овој меѓусебен „вербален колеж“ меѓу членовите на партијата, иако и тој на одреден начин страда од истата болест - дека само ВМРО било заслужно за тоа што македонското прашање било отворено и го брише историскиот факт дека до македонска држава се дојде преку победата во Втората светска војна, каде на чело на борбата беа комунистите. 
Планот на Мицкоски
Но она што го кажува Есмеров за квалификациите на раководството кон оние кои бараат промени е суштествено за целата приказна околу превирањата во ВМРО-ДПМНЕ: „Јас сум просто фрапиран колку лоши квалификации дава (Мицкоски) за луѓето кои гласале за него и му ја дале довербата за тој да биде претседател, притоа нарекувајќи ги ‘криминалци и слуги на Заев’, што не му доликува на еден претседател на ВМРО... Тука се отвара и една дилема, а тоа е доколку на ваков недоличен начин им се обраќа на делегатите кои го изгласале, каков бил неговиот однос кон обичното членство во изминативе неколку години, што на некој начин ни го дава и одговорот за причините поради кои ВМРО на чело со Мицкоски изгуби четири изборни циклуси во четири години“.
Дали е во право Есмеров? Во голема мерка – да. Во обраќањето на 31 август откако беше формирана влада, Мицкоски (по двонеделно отсуство во јавноста), велејќи дека нема да поднесе оставка, тогаш го рече ова: „Оние кои толку многу пати се огрешиле кон ВМРО-ДПМНЕ и кон народот не се никакво решение, туку завршена приказна. Товар кој мора да отпадне за ВМРО-ДПМНЕ и народот да победи... Таа мафија, тој политички брак на власта и дел од политичкото криминално подземје, кое се нуди за опозиција на опозицијата за да ја спаси власта, кое направи милиони за себе со чиновничка плата ќе биде поразено. Хотелската коалиција или Зоран Заев не може да се иднината на Македонија“.
Мицкоски и неговите портпароли често зборуваат за „хотелската коалиција“, но веројатно и тој знае дека и луѓе од неговото најблиско опкружување во раководството одат во истиот озлогласен хотел и се среќаваат со различни луѓе, па и такви кои мислат сосем поинаку од него.
Планот на Христијан Мицкоски е едноставен – да се прегрми оваа контролирана бура на незадоволство, преку парлaментот да се покаже дека партијата има моќ и политичко знаење, ако може да се организираат некои поголеми протести и неговото раководење да се одржува на површина. Со последните именувања на претседатели на општинските комитети во изборните единици 1,2 и 3, како и со поставувањето на вистински лојалист на чело на Центарот за комуникации на партијата, тој го гради бедемот за негов опстанок. Со таков бедем, во кој треба да се вгрдат уште неколку кули, тој сака да ги пречека локалните избори следната есен. Доколку партијата има добар резултат редовниот конгрес што следи веднаш потоа ќе му даде можност да биде повторно избран. Доколу партијата загуби на локалните избори ќе може мирно да го дочека редовниот крај на неговиот мандат.
Во овој момент, овој план изгледа пореален и посилен од оној на „заговорниците“ во партијата. Доколку луѓето од иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес не направат некој поголем чекор напред (а меѓу нив се двајцата клучни градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – на Кавадарци и Илинден), нивните соопштенија и прес-конференции ќе имаат сѐ поблед одглас во јавноста и меѓу членството. Христијан Мицкоски има една особина што изгледа несфатлива за многумина во партијата кои копнеат да се вратат на власт – и поразите да ги претставува како победи и потоа да најавува нови такви „победи“. Тој, едноставно, не може да замисли да губи и како „Коцкарот“ на Достоевски ќе вложи сѐ, па ако треба и партијата, за еднаш да победи и со тоа да ја разгали својата суета. 
Како што сега стојат работите, оставката или менувањето на Христијан Мицкоски е недостижна работа за оние што бараат тој да си оди. Ним ќе им треба многу повмрежена структура, многу повеќе енергија и вистинска порака за да го симнат Мицкоски. И што е поважно – целата структура која се крепи на неговото лидерство. Нивните пораки сѐ уште не резонираат со дамарите на членството, на кое му требаше време да се навикне на новиот лидер за сега брзо да го менува. 
 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми