1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последното патување на Хелмут Кол

ЖА
1 јули 2017

По европската комеморација во Стразбур, вечерва во Катедралата во Шпајер беше одржан реквием за екс-канцеларот. Кол потоа е погребан на блиските гробишта во присуство на најтесен круг од семејството и пријателите.

Speyer Dom Trauerfeierlichkeiten für Altkanzler Kohl
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert

По комеморацијата во Европскиот парламент во Стразбур, ковчегот со посмртните останки на Хелмут Кол со хеликоптер беше пренесен во Германија, со брод по Рајна до родниот Лудвигсхафен, а потоа и во Шпајер, во двата града последна почит по улиците му оддадоа илјадници граѓани.

Со брод ковчегот беше пренесен близу ЛудфигсхафенФотографија: picture-alliance/AP Photo/U. Anspach

На посмртната миса во Катедралата во Шпајер, меѓу 1.500 поканети гости,  присуствуваа истакнати политичари од Германија и од светот. Освен германската канцеларка Ангела Меркел и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, тука беа и претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, како и поранешниот американски претседател Бил Клинтон.

Бил Клинтон и Маике Кол-РихтерФотографија: Getty Images/S. Gallup

Бискупот од Шпајер, Карл-Хајнц Виземан потсети на животното дело и заслугите на поранешниот германски канцелар.

„Се простуваме од вистински голем државник“, истакна бискупот во реквиемот. За Кол, Катедралата во Шпајер била место каде постојано се навраќал, и како канцелар, и приватно, уште од своето детство, рече бискупот. „Кол од Шпајер направи светска бина“, рече Виземан, потсетувајќи дека тука канцеларот беше домаќин на бројни странски гости.

Воени почести за Хелмут КолФотографија: picture-alliance/dpa/U. Anspach

По мисата, пред Катедралата беше организирана воена почесна церемонија, по што ковчегот со посмртните останки на екс-канцеларот е пренесен на блиските гробишта. Хелмут Кол е погребан во присуство на најтесен круг од семејството и пријателите. Освен неговата вдовица Маике Кол-Рихтер, на погребот, како и на церемонијата во Стразбур, не присуствуваа неговите двајца синови.

Хелмут Кол, кој 16 години беше германски канцелар, почина на 16. јуни годинава на 87-годишна возраст.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми