До распуштањето на парламентот на 11-ти февруари на сцена е последниот обид за донесување на Законот за јавното обвинителство. Времето е кратко, волјата неизвесна
Реклама
Во наредниве денови работните групи на власта и на опозицијата ќе направат последен обид за усогласување на ставовите околу предлогот на Закон за Јавното обвинителство. За овој закон преговорите почнаа во почетокот на минатата година, но завршија без успех. Она што сега е на маса, е трета верзија на законот. Времето до распуштањето на парламентот (11-ти февруари) е кратко, ставовите на власта и опозицијата се неусогласени, па голем дел од експертите сметаат дека во такви услови подобро е да не се носи законот, отколку да се донесе набрзина. Но наспроти ваквите ставови, се очекувањата на власта со Законот за Јавното обвинителство да се заокружат реформите во правосудството, битни за интеграцискиот пат на земјата. Последен што ја актуелизираше потребата од овој закон беше новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархелји, кој минатата недела во Скопје изрази надеж дека овој парламентарен состав ќе го изгласа законот. Според вицепремерот за евроинтеграции, Бујар Османи, иако законот не е наведен како услов од Европскиот совет или од Комисијата, важно е тој да биде донесен.
„Советот не ни рече имате уште еден бенчмарк, но индивидуално, одредени земји членки сметаат дека овој закон е важен предуслов за воспоставување на правна држава“, порача Османи.
Сега, во „5 до 12“, темата повторно се тркала на меѓупартиски терен. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оцени дека „тоа што е предложено од СДСМ е закон што треба во иднина да ги штити криминалните структури на СДСМ што после 12-ти април ќе заминат во опозиција". Според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, „овој закон ќе ги донесе сите под еднаков третман и никого нема да стави во привилегирана положба, без разлика дали е опозиција или власт“.
Нема трансфер, има конкурс
Како и во претходните случаи, и за овој предлог копјата се кршат околу обвинителите и предметите на СЈО. Во член 108, став 3 од предлогот на законот, се вели дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презема надлежностите од СЈО, а во став 4 дека обвинителите од СЈО кои постапувале по предметите од надлежност на ова јавно обвинителство, продолжуваат да постапуваат по тие предмети кои се предадени на Јавното обвинителство. Членот 109 предвидува во рок од 30 дена по влегувањето во сила на законот, Советот на јавни обвинители по предлог на јавниот обвинител на Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да донесе одлука за зголемување на бројот на јавните обвинители во тоа обвинителство, а во рок од 15 дена од донесувањето на одлуката, да распише оглас за избор на јавни обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која има голем број функционери засегнати од истрагите на СЈО кои ги презеде ЈО, сметаат дека овој предлог прејудицира „вдомување“ на обвинителите од тимот на Јанева во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција
„Ние сметаме дека контроверзиите што ги следеа овие обвинители и ова обвинителство, особено противзаконското земање високи хонорари спротивно на Законот за обвинителска служба и Законот за плати на обвинители, не би требало да им даде повластен третман за таква една привилегија“, рече Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа не е точно“, вели министерката за правда, Рената Тренеска Дескоска.
„Секој што ќе го прочита законот, ќе види дека тој предвидува проширување на бројот на обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, за кои потоа ќе се распише конкурс и секој обвинител што исполнува услови ќе може да да конкурира. Значи, тоа не е трансфер на обвинителите од СЈО. Целта беше да се создаде капацитет во Обвинителството за гонење организиран криминал, кој ќе ги има сите предуслови, вклучувајќи ги и човечките капацитети, за да ги преземе зголемените надлежности кои ги има според овој закон“, објаснува Дескоска.
Од опозицијата имале и забелешки за „строги“ одредби за разрешување на обвинители, но засега никој на прецизира конкретно на кои критериуми се однесуваат тие забелешки.
Подобро е со консензус
Во моментов владее воздржаност околу прогнозите дали овој обид да се донесе законот ќе заврши успешно. Според Дескоска, шансите да се донесе законот зависат од вистинската волја на ВМРО-ДПМНЕ, односно од нивната подготвеност да ги стават интересите за евроинтеграција пред интересите на одредени нивни партиски членови, за кои се водат постапки од редовното обвинителство, а беа почнати од СЈО.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.-P. Strobel
14 фотографии1 | 14
„Она што го слушам како најави од страна на ВМРО-ДПМНЕ за одредени забелешки, ако се остане навистина на тоа што е, може да дојдеме до договор. Но, јас не можам да прејудицирам сè додека не ги видиме написмено нивните ставови и забелешки, бидејќи честопати она што декларативно го кажуваат и она што ќе го напишат како конкретен амандман се разликува, и честопати во тие амандмани се кријат одредени задни намери особено за случаите на СЈО“, рече Дескоска.
Социјалдемократите досега неколкупати излегоа со став дека системски закон каков што е овој за Јавното обвинителство, е добро да се донесе со консензус со најголемата опозициска партија, но во меѓувреме работат и на обезбедување двотретинско мнозинство и без неа.