1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последно предупредување на Ердоган до демонстрантите

ЖА/дпа/афп/ртре13 јуни 2013

Две недели по почетокот на протестите на плоштадот Таксим во Истанбул, турскиот премиер Ердоган ултимативно побара завршување на собирите. „Трпението ни е на крај. Ве предупредувам последен пат“, рече тој.

Фотографија: Reuters

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган изјави дека во следните 24 часа властите ќе го расчистат истанбулскиот плоштад Таксим од „нередите“.

Предупредувањето доаѓа за помалку од еден ден откако происламската партија на Ердоган, Партијата на правдата и развојот, предложи план за одржување референдум за проектот за реконструкција на паркот Гези, кој се наоѓа до плоштадот Таксим, што доведе до масовни протести.

Според турските медиуми, премиерот веќе му издал наредба на Министерството за внатрешни работи „во рок од 24 часа да им биде ставен крај на дејствата на провокаторите кои се судираат со полицијата“. Пред градоначалниците од својата партија Ердоган денеска изјави дека нема да ја прифати резолуцијата на Европскиот парламент за случувањата во Турција.

Вчера Ердоган се сретна со претставници на демонстрантите, по што во опција беше внесена можноста за референдум.

Фотографија: Reuters

Ситуацијата на плоштадот Таксим ноќеска беше мирна. Полицијата повеќе пати употреби водени топови и солзавец против демонстрантите. Во текот на протестите животот го загубија четири лица и еден полицаец, илјадници се повредени.

Антивладините демонстрации започнаа во Истанбул со митингот за заштита на паркот Гези во близина на плоштадот Таксим кој треба да се реконструира, односно на местото од Културниот центар посветен на основачот на современа Турција, Мустафа Кемал Ататурк, да биде изграден деловно-станбен комплекс, наводно опера и џамија.

Истовремено, протестите прераснаа во општи безредија и спротивставување на политиката на владејачката Партија на правдата и развојот на премиерот Реџеп Таип Ердоган, којашто се потпира на исламско конзервативната доктрина. Партијата и самиот Ердоган на власт се од 2002 година, период во кој економијата на земјата која беше во криза ја трансформира во најбрзо растечката во Европа. Ердоган и натаму е најпопуларниот политичар во Турција, меѓутоа сe‘ почесто му се префрла за авторитарен начин на владеење.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми