1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постапката за Грујевски и Бошковски ќе трае од 4 до 6 недели

20 октомври 2017

Во изјава за ДВ, од грчкото Министерство за јавен ред и заштита на граѓаните, велат дека регуларната постапка за екстрадиција на двајцата избегани припадници на УБК ќе трае меѓу 4 и 6 недели. Дотогаш ќе бидат во притвор.

Griechenland zwei Ex-Geheimdienstagenten aus Mazedonien vor Gericht in Thessaloniki
Фотографија: Reuters/A. Avramidis

На крајот на ноември или во првите недели на декември годинава може да се очекува екстрадицијата на двајцата македонски државјани кои во средата вечер беа уапсени на аеродромот во Солун, во обид да ја напуштат Грција. Во изјава за ДВ, функционер на грчкото Министерство за јавен ред и заштита на граѓаните кој инсистираше на анонимност затоа што не смее јавно да го коментира случајот, рече дека целата постапка „по правило трае од 4-6 недели“. Дотогаш, двајцата обвинети ќе бидат во екстрадиционен притвор. 

Двајцата бегалци од правдата, 51-годишниот поранешен началник на Петтата управа на УБК Горан Грујевски и 35-годишниот вработен во УБК Никола Бошковски (35) во Македонија се обвинети од Специјалното јавно обвинителство во предметот „Тврдина и таргет“. Тие се гонат за незаконско прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на дел од таа опрема. Двајцата беа недостапни за органите на прогонот од моментот кога Апелацискиот суд во Скопје на 26 јули годинава издаде налог за нивно апсење. 

Престојот и целта - непознати

Од грчкото министерство и натаму одбиваат да дадат информација кога и на кој начин Грујевски и Бошковски влегле во земјата, колку долго и каде престојувале и која била целта на нивното следно патување. Двајцата беа уапсени на аеродромот во Солун во средата вечер, откако грчката полиција ги открила нивните фалсификувани бугарски пасоши. Дел од грчките медиуми наведуваат дека тие сакале да отпатуваат во друга земја-членка на ЕУ, додека некои попрецизно тврдат дека планот им бил да заминат во Будимпешта. Но, официјална потврда засега нема. Според неофицијални информации на ДВ, двајцата првично престојувале во вила на првиот крак на Халкидики, а потоа се префрлиле во стан во Солун. 
Грчкиот функционер кој зборуваше со ДВ тврди дека се уште немаат таква информација. Тој потврди дека двајцата вчера биле изведени пред обвинител во врска со екстрадициската постапка и таму тврделе оти се жртви на монтиран процес и оти не сакаат да се вратат во Македонија затоа што таму животот би им бил во опасност. Денеска Грујевски и Бошковски ќе присуствуваат на рочиште во судот во Солун каде се обвинети поради поседување фалсификувани патни исправи. 

Според грчките медиуми, Апелацискиот суд во Солун „во блиска иднина“ ќе одлучува заекстрадицијата на двајцата припадници на македонската Управа за безбедност и контраразузнавање. 

Постапката од македонска страна ќе ја води Министерството за правда. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска изјави дека Македонија „очекува да се испочитуваат сите меѓународни договори и стандарди во случајот и целата постапка ќе биде завршена во рамки на реални рокови“. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми