Постигната спогодба во Мерцедес
23 јули 2004Кризата во германскиот авто концерн Дајмлер Крајслер околу мерките за штедење е надмината. По ноќешниот преговарачки маратон претставниците на раководството на фирмата и на работниците постигнаа спогодба за начинот како да се заштедат по 500 милиони евра годишно, за Дајмлер Крајслер да не ги пресели производните погони во странство. Гаранцијата важи само до 2012-та година.
“Пред осум дена пред печатот реков дека сум уверен дека ќе постигнеме решение, а денеска можеме да ве известиме дека и го најдовме“ - изјави шефот на концернот Јирген Шремп. Тој додаде дека е неопходно на луѓето во Германија да им се стави јасно на занење дека делумно ќе мораат да се откажат од нешто, но затоа ќе добијат нешто друго, многу, многу важно. Имено, подобрување на производството и со тоа долгорочна перспектива на благосостојба.
“Сакам на ова место јасно да кажам: на Германија не и треба паушално продолжување на работното време, ниту дискусија за намалување на празниците или одморите. На германските претпријатија им треба само поголем простор за маневрирање и прилагодување кон циклусите на побарувачка. Со други зборови ни треба флексибилност!“ - нагласи Шремп.
Претседателот на Работничкиот совет, Ерих Клем, вака ја оцени постигнатата спогодба:
“Зад нас се сега тешки конфликти. Ова го сторивме за да го обезбедиме работните места во Германија и во овие конкретни фабрики. Уверен сум дека со спогодбата ќе го смениме делумно и расположението во Германија, така да не може секој да каже дека е неопходна 40-часовна или дури 50-часовна работна недела или пак скусување на една недела одмор како единствено средство за спасување на работните места.“
Во првата реакција, министерот за економија и труд Волфганг Клемент изјави дека спогодбата е добра за германското стопанство, особено што се одбегнати натамошните штрајкови.