ЕУ и Велика Британија се договорија за преодна Брегзит-фаза до крајот на 2020. година, соопшти британскиот министер Дејвид Дејвис во Брисел на заедничка прес-конференција со ЕУ-преговарачот Мишел Барние.
Реклама
Преодната фаза би важела 21 месец од Брегзит во март 2019. година, време во кое Велика Британија ќе мора да се придржува на правилата на ЕУ, но затоа ќе го задржи пристапот кон внатрешниот пазар на ЕУ и ќе остане во нејзината царинска унија, како што соопшти Мишел Барние, преговарачот на Брисел. Оваа точка е посебно важна за фирмите од двете страни на Ламанш, кои на овој начин ќе можат без прекин да продолжат со деловната работа. Но, Лондон нема да учествува во процесите на донесување одлуки на ЕУ во Брисел. Компромисот ѝ даде поттик на британската фунта - британската валута порасна за речиси еден процент на 1,4087 долари.
Преговарачите постигнале сосгласност и во финансиските прашања, како и во поглед на правната сигурност на граѓаните. Со тоа, околу 4,5 милиони луѓе во ЕУ и Велика Британија, засегнати од Брегзит, можат да бидат поспокојни, рече Барние. Договорено е луѓето кои ќе се доселат во ЕУ или Велика Британија по преодниот период, да ги имаат истите права како и претходните доселеници.
Камен на сопнување во преговорите било и тоа како да се избегне гранична контрола помеѓу ЕУ-членката Ирска и британска Северна Ирска. На ова посебно притиска Даблин, во неопходен случај да се пропише дека северниот дел од островот и по Брегзит ќе мора да се придржува на ЕУ-регулативата, ако не се најде друго решение. Британската премиерка Тереза Меј упорно се противеше на ваков исход. Во предлог-текстот на договорот оваа точка ќе остане отворена.
Зелено светло за компромисот ќе треба да дадат шефовите на држави или влади на ЕУ на самитот на крајот на неделата. Се очекува тие да ги усвојат и одредниците за следните фази од преговорите. Тоа ќе биде уште потешко, зашто во прашање ќе биде идниот трговски договор. До наесен треба да бидат завршени сите отворени точки во идните односи меѓу Велика Британија и ЕУ по „разводот“.
Збогум Британија, ние си заминуваме...
Британските компании многу пати предупредуваа за потенцијалните негативни последици по економијата од Брегзит. По референдумот за напуштање на ЕУ, некои компании размислуваат да ги релоцираат компаниските седишта.
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm
Водафон
Втората по големина компанија за мобилна телефонија во светот ја разгледува опцијата да го премести своето седиште надвор од Британија по Брегзит. Диселдорф би можел да биде една од опциите за новото седиште на компанијата. Водафон веќе е присутна во германскиот град каде вработува околу 5.000 луѓе, исто така, Германија е најголемиот пазар на компанијата.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Hayhow
Рајанер
Најголемата авиокомпанија за ефтини летови во Европа официјално е регистрирана во Ирска, но голем дел од нејзината флота е лоцирана во Британија. Но, тоа може наскоро да се смени – од Рајанер најавуваат дека своите летала повеќе нема да ги стационираат таму.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Scholz
Изиџет
Втората по големина авиокомпанија за ефтини летови во Европа е базирана во Лондон, но, до кога? „За тоа ќе видиме“, изјави извршната директорка на компнанијата Керолин Мек Кол во телевизиско интервју. Изиџет е една од најпрофитабилните компании во Европа.
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Guillot
Вирџин
Ричард Бренсон е еден од најпознатите бизнис личности во Британија. За Брегзит тој изјави: „Британија е насочена кон економска катастрофа“. Неговиот конгломерат изгуби една третина од вредноста по референдумот во земјата. Бренсон ја повика владата да организира втор референдум.
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Leal-Olivas
ЏејПиМорган Чејс
Најголемата банка во САД вработува околу 16.000 луѓе во Лондон. Но, менаџментот сега разгледува повеќе можности да премести дел од операциите надвор од Британија. Извршниот директор на банката, Џејми Димон, пред референдумот изјави дека помеѓу 1.000 и 4.000 работни места може да бидат преместени надвор од Лондон доколку се случи Брегзит.
Фотографија: Getty Images/C.Gillon
Виза
Оваа компанија ќе нема голем избор освен да го намали бројот и обемот на активностите во Британија, што ќе доведе до кратење на стотици работни места. Според регулативата на ЕУ, компанијата мора да одржува центар за податоци во земја на ЕУ. Што практично ќе значи крај за податочниот центар на компанијата во Лондон.
Фотографија: Imago
Форд
Од Форд неколку пати изјавија дека Британија е „клучен пазар“ за компанијата во Европа. Фабриката на Форд во Дагенхам произведува делови и мотори за филијалите на компанијата во Германија. По одлуката за напуштање на ЕУ, од Форд изјавија дека компанијата ќе ги преземе сите потребни мерки да остане конкурентна на пазарот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Јагуар Ленд Ровер
Сепак, сите компании не се песимисти. „Ние сме Британци и стоиме зад Британија“, изјави Едријан Халмарк, одговорен за стратегии во Јагуар Ленд Ровер. Нема промени во нашите бизнис планови, уверува Халмарк за периодот од следните две години во кои Британија со сигурност ќе остане дел од ЕУ.