1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постигнат договор на самитот на ЕУ-„Историски ден за Европа“

ЖА /ДВ
21 јули 2020

Самитот на ЕУ, историски од повеќе аспекти, заврши рано утрово по маратонските преговори. Лидерите на 27 земји-членки постигнаа договор за пакетот корона-помош и буџетот на ЕУ во следните 7 години

Belgien I EU-Gipfel in Brüssel
Фотографија: Reuters/Pool/J. Thys

Во борбата против економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирус, членките на ЕУ постигнаа договор околу најголемиот буџетски и финансиски пакет во својата историја.

„Договорот ја покажува нашата доверба во заедничката иднина", изјави претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел. Тој беше домаќин на самитот и на Твитер со само еден збор: „Договор" објави крај на самитот и постигнување резултат. 

Пакетот е во вкупна вредност од 1,8 билиони евра – од тоа 1074 милијарди евра се за седумгодишниот буџет од 2021 до 2027 година, а 750 милијарди евра сочинуваат економска и инвестициска програма за борба против последиците на пандемиската криза. 

Фондот за опоравување од последиците на короната изнесува 750 милијарди евра, од него 360 милијарди се предвидени за кредити, а 390 милијарди евра за неповратна помош на земјите-членки.

Германската канцеларка Ангела Меркел изрази олеснување, истакнувајќи дека стануваше збор првенствено да се покаже одлучност. „Не беше лесно", призна Меркел. За неа најважно е што сепак на крајот е постигнат договор. Новата ситуација бара и нови методи, изјави Меркел, додавајќи дека ѝ е многу полесно што Европа по тешки преговори покажа дека „сепак може да дејствува заеднички." Германската канцеларка истакна – ова ја исполнува со надеж и ѝ дава сила.

Повеќе:

Самит на ЕУ: Новата дарежливост на Германија во корона-кризата

Казино Ројал: Почнува покерот на ЕУ околу корона-фондот

Следната генерација Европејци ќе плаќа за актуелната криза

„Штедливите“ контра Меркел и Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон пак изјави дека е ова „историски ден за Европа", а исходот на преговорите го нарече шанса за иднината.

Меркел и Макрон се појавија заедно пред новинарите по завршувањето на саитот, демонстрирајќи единство.

ЕУ првпат се задолжува

Со овој финансиски пакет Европската унија се „вооружува" против историскиот економски пад и сака да го зачува својот пазар. Истовремено треба да се инвестира во преодот кон дигитална и еколошка економија. Затоа ЕУ првпат се задолжува во толку голем обем. Долговите ќе бидат враќани заеднички, во децениите кои следат.

Т.н. „штедливи земји" конечно сепак прифатија заедничко задолжување, како и факт дека парите за земјите кои се тешко погодени од пандемијата на коронавирус, нема да одат само во форма на кредити, туку и како поддршка.

Клучни точки: износ на помошта, формула за владеење на правото

Утрово се разрешени двете најконтроверзни поединечни прашања, со што е расчистен патот за целокупниот договор.

Од една страна пронајден е компромис за сржта на програмата за корона-помош: т.н. „штедливи држави" прифатиле заедничко задолжување и неповратна помош за членките кои се најтешко погодени од кризата.

За возврат, Германија, Франција, Италија и Шпанија се согласија на намалување на вкупната сума на неповратна помош од првично предложените 500 милијарди, на 390 милијарди евра. Покрај тоа, постигната е согласност во рамките на корона-помошта 360 милијарди евра да бидат доделени во форма на кредити.

Другата клучна точка е разјаснета вечерта: пронајдена е формула за поврзување на фондовите на ЕУ со почитување на принципите на правна држава, која е усвоена од сите 27 земји-членки.

Претходно Полска и Унгарија жестоко се противеа на таков механизам, посебно што против обете земји е покрената постапка поради кршење на основните вредости на ЕУ.

Меѓутоа, неколку земји од ЕУ инсистираа на запирање на исплатата од фондовите на ЕУ доколку се кршат заедничките вредности.

Компромисната формула, односно клаузула ја развија неколку земји, а премиерот на Летонија Крисјанис Каринс ја претстави на самитот. Но, оваа клаузула различно се толкува: додека челниците на ЕУ ја опишаа како ефикасен механизам, полската новинска агенција ПАП цитираше извори од полската влада според кои се отстранети поврзниците меѓу почитувањето на владеењето на правото и исплатата на парите од фондовите на ЕУ. Унгарските медиуми го прославија договоорт околу таа клаузула како победа на премиерот Виктор Орбан.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми