1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постигнат договор за Грција

Б. Георгиевски/афп/ап13 јули 2015

По маратонски 17-часовни преговори, утрово е постигнат договор меѓу земјите од еврозоната за нов пакет-помош за спас на Грција од банкрот. Атина ќе добие нови 86 милијарди евра, но под уште построги услови

Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Грција и лидерите на земјите од еврозоната утрово постигнаа нов договор за помош на земјата по 17-часовни маратонски преговори во Брисел. Договорот експресно беше прогласен за историски од водечките европски политичари, а претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер соопшти дека со него дефинитивно се отстранува опасноста од излез на Грција од еврозоната, ткн. „грекзит“.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас прифати нови, тешки реформи во замена за тригодишна финансиска поддршка во износ од 86 милијарди евра, што е истовремено и трет пакет за спас на земјата во последните пет години.

Иако целосните услови во новиот пакет не се докрај познати, извесно е дека мерките кои и‘ се наметнуваат на Грција ќе бидат дури и поостри од оние кои веќе беа одбиени од грчките граѓани на референдумот одржан на 5 јули.

Според договорените услови, Атина сега ќе треба да донесе уште построги закони и тоа до среда, вели финскиот министер за финансии Александар Стуб. Атина ќе мора да преземе длабоки реформи на пазарот на трудот, пензискиот систем, даноците и мерките за приватизација.

Дел од новиот договор е и обврската на Грција да остави како гаранција имот во вредност од 50 милијарди евра во приватизациски фонд во Луксембург.
Другите услови предвидуваат и враќање на ткн. „тројка“ во Атина која во иднина ќе има право да ја контролира и легислативата која се однесува на мерките од новиот пакет-помош.

Ангела Меркел вели дека ова е нова шанса за ГрцијаФотографија: Reuters/P. Wojazer

Олеснување, но не и простување

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека еврозоната и‘ одобрила на Грција олеснување на долгот, но не и простување. „Сѐ на се, сметам дека бенефитот е поголем од неповолностите... Сметам дека ова и‘ дава шанса на Грција да се врати на патот на растот“.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас оцени дека договорот ќе овозможи нови инвестиции за извлекување на земјата од рецесија и ќе спречи колапс на банкарскиот систем.

„Договорот е тежок но го одбегнавме барањето да го префрлиме нашиот имот во странство... Беше тешка битка, но успеавме да се изборите за реструктуирање на долгот“, рече Ципрас.

Францускиот претседател Франсоа Оланд најави дека грчкиот парламент треба уште денеска да заседава и да ги одобри новите мерки. Доколку еврозоната ја загубеше Грција, рече Оланд, ќе беше „како да сме го загубиле срцето на нашата цивилизација“.

Сепак, до конечното стапување во сила на новиот договор со Грција ќе минат уште најмалку неколку недели, вели претседателот на еврогрупата Јерун Дајселблом. Договорот ќе мора да ја добие согласноста на неколку парламенти, вклучително и оној во Атина. Во меѓувреме, додека мине парламентарната процедура, еврогрупата попладнево ќе одлучува за краткорочно, преодно финансирање на Грција.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми