1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постои ли паралела меѓу Косово и Ј.Осетија?

Иван Џековиќ19 август 2008

Кога западните сили во февруари годинава му дадоа благослов на Косово за независност, се слушаа оценки дека тоа може да биде поттик за останатите сепаратисти ширум Европа. Сега се појави проблемот во Грузија.

Фотографија: AP GraphicsBank

Западните земји се залагаат за зачувување на територијалниот интегритет на Грузија, а Русија го поддржува правото на Абхазија и Јужна Осетија на самоопределување. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров дури изјави дека територијалниот интегритет на Грузија, по судирите со Јужна Осетија е „ирелевантен“, а лидерот на Абхазија, Сергеј Багпаш отворено проговори:

„Знаете дека постои преседан. Тоа е Косово. Можноста за отцепување постои и нема потреба сега тука нешто да измислуваме.“

Илиќ: се работи за сосема поинаква ситуација

Мирела Илиќ од минхенскиот Институт за применети политички стражувања за Дојче Веле оценува дека сепак не може да се повлече паралела меѓу Косово и Кавказот: „Косово на 17 февруари 2008 година прогласи независност и голем дел од земјите на ЕУ ја прифатија таа декларација за независност. Тоа значи дека се работи за сосема поинаква ситуација отколку во Осетија.“

„Косово не е на Кавказот“

И коментаторот на германскиот весник „Зидојче Цајтунг“ во текстот под наслов „Косово не е на Кавказот“, ваквиот став го потврдува низ три тези. Прво на Косово, пишува авторот, пред војната и отцепувањето, екс диктаторот Милошевиќ го протера населението од таму за да ја прошири српската територија, а во Осетија, Русите ги прогонија Грузијците. Второ, се вели во текстот, западните сили со години се обидуваа да пронајдат модус вивенди со Србија, преку различни предлози, додека Русија во Осетија издаваше руски пасоши и спречуваше секакви договори.

И трето, ЕУ на Србија секогаш и ветуваше помирување со Косово под капата на Брисел, додека Русија полага малку надежи во помирување. Сепак коментаторот на „Зидојче Цајтунг“ заклучува дека сега Русија ја контролира територијата поради што се поверојатна е опцијата отцепување. Но, нагласува дека споредбата со Косово е погрешна.

Односите на Кавказот нема да бидат исти

Мирела Исиќ од минхенскиот Институт пак смета дека нема да дојде до отцепување на бунтовничките области од Грузија и констатира: „Русија сега вели: ние на Косово бевме подготвени на компромиси, сега ЕУ и ОН мора да бидат подготвени на компромиси во Јужна Осетија и Грузија.“

Во секој случај, како и по 1999 година на Балканот, така и сега по случувањата во 2008 година, сигурное е дека односите на Кавказот, но и меѓу Москва и Вашингтон, нема да бидат исти.


Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми