1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Построги „сита“ за барателите на азил

Хајнер Кизел/ Ж.А.2 октомври 2015

Новиот закон за азил треба да биде донесен за неколку недели. Германската влада со тоа сака да ја совлада бегалската криза. Бегалците треба да добиваат помалку и да бидат построго контролирани.

Фотографија: DW/H. Kiesel

Пратениците во Бундестагот, кои треба да се изјаснат за владиниот предлог закон за забрзување на постапката за азил, донесен пред два дена, се свесни-времето притиска. Дневно во Германија стигнуваат 5.000 до 10.000 бегалци. Службите одвај стигнуваат со ова темпо, а кај населението се‘ погласно е незадоволството поради барателите на азил. „На собирите на граѓаните во општините се водат опширни дискусии, со љубопитство, загриженост и понекогаш и со лутина“, извести сојузниот министер за внатрешни работи Томас де Мезие, кој во Бундестагот го презентираше владиниот предлог-закон. Со еден удар сега треба да бидат ублажени и административните проблеми и јавното мислење. Министерот вети „итни адекватни, но и тврди одлуки“.

Стратезите во владејачките партии се надеваат во рок од еден месец планираниот закон да помине низ фазата на дебата, да биде усвоен и да стапи во сила. Томас де Мезие во својот говор не остави нималку сомнеж во намерата-ситуацијата за бегалците да се направи што е можно понеповолна. „Во тоа спаѓа сместувањето во прифатните центри и намалувањето на паричната помош и услуги!“ Министерот за внатрешни работи беше недвосмислен-не е пожелно дојденците да се движат низ Германија по своја желба, туку ќе бидат што е можно построго контролирани од властите. „Бегството и доаѓањето во Германија не значат слободен избор на местото на престој.“

Сојузниот министер за внатрешни работи Томас де МезиеФотографија: Reuters/A. Schmidt

Култура на добредојде визави култура на почитување

И сместувањето треба да биде од помош за одбиените подносители на барања за азил да можат побрзо и поефикасно да бидат изнесени од земјата. За многу од предложените мерки, германската влада се надева дека ќе продонесат Германија да загуби од атрактивноста како дестинација за бегалците. Мезие укажува посебно на неоподноста од категоризирањето на западнобалканските држави Црна Гора, Косово и Албанија како безбедни земји на потекло. Луѓето од овие земји би немале речиси никакви шанси за добивање азил. Оној кој е одбиен и мора да си замине, не би требало да добива ништо повеќе од „крајно нужното“ за своја издршка.

Од барателите на азил во Германија министерот Де Мезие бара „култура на признавање“, односно почитување на домашните традиции и закони. Оној кој добро ќе се приспособи и има добри шанси за останување, би требало според гледиштето на владата, побрзо да добие пристап кон можностите за интеграција и работа. Политичарот од ЦДУ Томас Штробл во дебатата го истакна аспектот на интеграцијата, констатирајќи: „Кај нас во Германија законите не ги прави Пророкот!“. Најавените ограничувања на обемот на услуги и помош за барателите на азил „не се резултат на немилосрдноста, туку на увидувањето на границите на нашите можности“, појасни пратеникот од покраината Баден Виртемберг.

Претседателката на пратеничката група на опозиционите Зелени, Катрин Геринг-ЕкартФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Безбедна земја на потекло со присуство на Бундесверот

Претседателката на пратеничката група на опозиционите Зелени, Катрин Геринг-Екарт не се согласи со стратегијата на прогласување „безбедни земји на потекло“. „Колку е безбедно Косово, кога таму во рамките на мисијата КФОР се стационирани 700 војници на Бундесверот?“ Геринг-Екарт цитираше резолуција на ОН, во која се зборува за „сериозна хуманитарна ситуација“ на Косово. Таа укажа на зголемено влошување на состојбата не само на бегалците во иднина. Тоа што тие наскоро нема да добибаат пари во кеш, а досега добиваа по 140 евра џепарлак, само ќе ги оптовари доброволните помагачи. „Тие сега покрај поставување кревети, обезбедување јадење и посредување во кавги, ќе треба да вршат уште и распределба на цигари или дезодоранси“. За Екарт, тоа е бесмислено и претставува шиканирање.

„Две третини од сите бегалци доаѓаат од воените подрачја“, потенцираше портпаролот на Левицата, Ула Јелпке, констатирајќи: „И сите други сепак имаат индивидуално право овде да достават барање за азил, кое исто така мора да биде индивидуално обработено“. Во предложениот закон политичарката од Левицата гледа „опасен микс од заострување на законите и противуставни ограничувања на помошта.“ Шефот на пратеничката група на Левицата Грегор Гизи предупреди пак на подобро сузбивање на причините кои луѓето ги тераат на бегство. Германија, според него, е соодговорна за страдањата во бројни воени региони. Повод за тоа се германските испораки за оружје на конфликтните партии, учество на Бундесверот во воени мисии во странство и погрешна извозна политика.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми