Потврдена смртната казна за Канаѓанец во Кина
10 август 2021
Кинески суд денеска ја потврди смртната казна за канадски државјанин осуден за трговија со дрога. За Роберт Лојд Шеленберг судот ја потврди смртната казна во жалбена постапка.
Шеленберг, кој претходно бил осуден во Канада за трговија со дрога, тврди дека е невин и оти во Кина отишол како турист.
Пресудата е изречена еден ден пред изречувањето на пресудата за Мајкл Спејвор, еден од двајцата канадски државјани обвинети за шпионажа, кои се притворени од декември 2018 година.
Повеќе:
-Уапсена финансиската директорка на Хуавеи
-Како САД ја принудија Бугарија да се откаже од Хуавеи
-Хуавеи и ЕУ: Без забрана, но со ограничувања
Спејвор и уште еден Канаѓанец, поранешниот дипломат Мајкл Ковриг, се обвинети за шпионажа и оддавање државни тајни. Нивното приведување беше потег кој се сметаше како притисок врз Отава да ја ослободи уапсената финансиска директорка на Хуавеи, Менг Ванжу.
Апсењето на директорката на Хуавеи, а потоа и на двајцата Канаѓани, предизвикаа дипломатска криза без преседан меѓу Отава и Пекинг.
Инаку ,првично, Шеленберг во Кина беше осуден на 15 години затвор во ноември 2018 година за шверц на 222 килограми метамфетамин. Меѓутоа, два месеци подоцна, постапката беше повторно отворена: Шеленберг беше осуден на смрт во еднодневен судски процес.
Во меѓувреме, кинеската државјанка Менг Ванжу беше уапсена во Ванкувер, Канада. Канадските власти со тоа одговорија на американската потерница против финансиската директорка на Хуавеи. Во САД, таа е обвинета за кршење на трговските санкции против Иран. Менг се уште е во домашен притвор во Канада, а конечната одлука за екстрадиција во САД сѐ уште се чека. Кинеската влада јавно го критикуваше случајот како политички мотивиран обид да го попречи индустрискиот развој на земјата.