1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потежок и посоцијален буџет - колку е реално остварлив?

Костадин Делимитов 24 септември 2014

Буџетот за 2015 утре (25.09.) е на расправа во собранието-повторно без опозицијата. Развоен или не, остварлив или оптимистички - експертите се поделени, бизнисмените внимателни оптимисти.

Фотографија: MAKFAX

Повеќе пари за плати и пензии, речиси идентично ниво на капитални расходи, благо намалување на дефицитот. Буџетот за догодина ќе тежи безмалку три милијарди евра. Најмногу пари и овој пат ќе се трошат за социјалните трансфери чија ставка се искачи на ниво од 1,34 милијарди евра. Административците цела година ќе добиваат за 4% повисоки плати, пензионерите и корисниците на социјална помош ќе имаат повисоки примања за 5%. Иако вкупниот буџет е зголемен за речиси 5%, кај ставката која треба да ја обезбеди развојна компонента-капиталните раsходи, зголемувањето е само за околу 2 милиони евра, односно во овој сегмент се планираат вкупно 345 милиони евра. Развоен или не, остварлив или преоптимистички? Експертите се со поделени ставови.

Според универзитетскиот професор Кире Наумов и овој пат се предлагаат неостварливи бројки: „Од сите небулози, онаа која најчесто се повторува, е планираниот раст на капиталните расходи. И тука министерот како и за другите проекции секогаш паушално ги вади од ракав и предлага капитални расходи од 21,2 милијарди денари, иако под негово министерување тие никогаш не поминале повеќе од 18,7 милијарди денари. Тоа се случи во 2012 кога истиот министер се фалеше дека капиталните расходи ќе изнесуваат цели 27 милијарди денари, а се остварија 18,7. Ако одиме според тие бројки, министерот не предлага зголемување на капиталните расходи, туку евидентно намалување на проекциите во однос на пример на 2011 кога проектираше 23,3 милијарди или 2010 кога ни предлагаше 22,8 милијарди денари. Сето тоа испаднаа финансиско политички халуцинации, како што ќе биде и ова за 2015. Доказ за тоа се и остварувањата за 2014, а податоците покажуваат дека реализацијата ќе биде повторно околу 75% од планираното. Она што станува најзагрижувачки момент во последните три години е постојаното зголемување на дефицитот. Од 2012 па наваму, Македонија излегува надвор од критериумите од Мастрихт со дефицит над 3% од БДП. И овој единствен критериум по кој можеше да се пофалиме, веќе три години по ред е нарушен. Пострашно е и тоа што дефицитот е далеку повисок, а воедно и вака претставен тој во релативен однос со БДП изнесува над 4% во 2013, и сигурно повторно над 4% во 2014. Буџетот за 2015 е копија на сите претходни во последните неколку години. Од таму, тој е нерелаен и неразвоен“, коментира Наумов.

Фотографија: Fotolia/ WimL

Дел од експертите пак сметаат дека социјалната и развојна компонента на буџетот ќе ја поттикне потрошувачката и ќе влијае позитивно на економијата.

„Растот на платите, пензиите и социјалната помош ќе го подобри стандардот на граѓаните но, ќе ја поттикне и економијата. Ќе има пораст на личната потрошувачка кој би требало да се манифестира во поголема побарувачка на стоки и услуги што би повлекло зголемено индустриско производство што во крајна линија треба да резултира во остварување на планираната стапка на раст на БДП“, смета универзитетскиот професор Томе Неновски.

И покрај изразената социјална компонента, за бизнис заедницата е важно што капиталните инвестиции не се намалуваат. Од Стопанската комора која веќе подолг период заговара политика на инвестиции во инфраструктурата се задоволни што нивото на нивна реализација ќе се задржи и догодина. „Политиката на префрлање на тежата на социјалните трансфери можеби ќе има негативен импакт на извозот, но од друга страна ќе влијае позитивно на домашното производство со оглед на зголемувањето на потрошувачката што се очекува со зголемувањето на платите, пензиите и социјалната помош. Клучно е дека не очекуваме какви било корекции или ребаланси на буџетот, но и потенцираме дека евентуалното заговарање предвремени избори до крајот на годината би било многу поразително за економијата. Ако влеземе во избори буџетот ќе се блокира“, коментираат од најголемата бизнис асоцијација во земјата.

Од Сојузот на стопански комори сметаат дека проектираниот економски раст од 4% е остварлив: „Продолжувањето на владините политики за инвестиции во инфраструктурата и натаму ќе генерира раст, а дополнителен стимул ќе биде и личната потрошувачка поради зголемувањето на платите на административците, примањата на пензионерите и субвенциите на земјоделците. Буџетот има развојна компонента и 4% е многу реално остварливо. Заедно со Владата со дополнителни мерки и политики, но и самото стопанство сметаме дека оваа бројка е остварлива“, сметаат од ССК.

Освен делот за капитални инвестиции предвидени во државната каса кои во најголем дел се планираат за патниот и железничкиот дел на Коридорот 10, за инфраструктурата догодина ќе се издвојуваат пари и од јавните и државните претпријатија. Во делот на изградбата на автопатите Скопје – Штип и Кичево – Охрид преку Агенцијата за државни патишта, односно инвестиции во енергетиката преку ЕЛЕМ и МЕПСО.

Буџетскиот дефицит е понизок од годинава и е предвиден на ниво од 3,5% од БДП, а само по основ на камати предвидени се околу 100 милиони евра. Министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека Владата има пари да го финансира дефицитот и зацртаните проекти без нови задолжувања. Собраниската расправа за државната каса за догодина стартува утре на матичната комисија за финансирање и буџет. Со оглед дека власта е „осамена“ во Собранието, речиси без опозиција, не е исклучено неговото усвојување да помине по брза постапка, по теркот на последниот ребаланс на буџетот за 2014.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми