1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потомак среде Европа

13 јули 2017

Пловејќи низ политичкиот Потомак, ќе стигнеме до нејзиниот извор, на брегот на кој е сместен Пентагон, низ кој сѐ уште одекнуваат зборовите на Доналд Рамсфелд за „Старата Европа и Новата Европа“. Колумна на Арсим Зеколи.

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Наместо надеж, долго очекуваниот Самит Г-20 во Хамбург заврши како епизода на самопреиспитување за смислата на ваквите грандиозни собири во кои магнанимноста на учесниците однапред ја прави скромна секоја успешна одлука. Самит кој како и многу други би потонал во заборав, доколку не се немирите на модерните политички лудист-анархисти во поход на бесмислена одмазда кон капиталистите преку горење на автомобилите на недолжните граѓани на Хамбург.

Втората причина зошто историјата ќе го запамети овој настан всушност се случи ден претходно, по заслуга на Доналд Трамп и неговиот „Ich Bin Nicht Ein Berliner“- говор одржан сред полското ново „срце на Европа“. За волја на вистината, ерупцијата на заемни емоции на љубов помеѓу Трамп и полските домаќини не е инцидент, туку повеќе континуитет на блискоста помеѓу двете земји, како поради големата полска заедница во САД, така и заслугите во борбата против Советскиот Сојуз уште од времето на полковниокот Ричард Куклински, па сѐ до движењето Солидарност. Но говорот на Трамп не би толку важен доколку искажаните пораки не беа сместени во контекст на континуитетот на взаемните односи, кои се подлабоки, политички попрагматични и геостратегиски побитни од од бело-националистички паролашења на „the Donald”.

Всушност, во сета сценографија на фамозниот говор, Трамп беше најнемаркантната личност на сцената. Гледано отстрана, ставовите изнесени пред восхитената публика не се ништо друго освен колаж на баук-идеи, мисли и желби кои одамна, долго пред него, кружат над европското поднебје, чекајќи вистински момент и човек за да бидат искажани од позиција на моќ. Зборовите на Трамп не би биле ниту вредни за помен, уште помалку анализа доколку од нив не цутеа духовите на Јозеф Пилсудски, Александар Кожев, Хантигтон и други реал-мислители скриени сред редови и паузи меѓу зборови и прескокнати срцебиења.

За да се разберат пораките на Трамп од Варшава (и пост-Хамбург) неопходно е да се отфрли линеарното читање на службените победнички историии и прифати цикличното навраќање на духовните болки на минатото. Констатацијата на западноевропските медиуми дека пораките на Трамп целат кон поделба на Европа се неодоволни за да ја отсликаат комплексноста на состојбата и реперкусиите врз иднината. Но затоа можат да послужат како појдовна точка за добивање целосна слика за потенцијалните драматични разврски кои ќе уследат во не толку далечната иднина.

Американскиот претседател Трамп и полскиот претседател Дуда во Варшава (06.07.2017)Фотографија: Reuters/C. Barria

Крајот како почеток

По таа линија на анализирање, учеството на Трамп во Иницијативата за Трите Мориња е своевидна завршна етапа на прелевање на реката Потомак низ срцето на Европа, или пак огнената Балтик-до-Балкан линија, именувана од екс-секретарот Џон Кери. Пловејќи низ политичкиот Потомак, ќе стигнеме до нејзиниот извор, на самиот брег на кој е сместен Пентагон, низ кој сѐ уште одекнуваат зборовите на Доналд Рамсфелд за „Старата Европа и Новата Европа“ со кои ја опишуваше призмата на Вашингтон кон старите сојузници од капиталистичкиот Запад и новите сојузници од посткомунистичкиот Исток.

Не брзајте во лоцирањето на адресата да го најдете и крајот на приказната. Кажано со шекспировска лежерност, тој крај е почеток, првична етапа во цикличниот круг на историјски премрежија. Доколку говорот на Трамп беше зачеток на следење на американскиот континуитет во односот кон Источна Европа, настанот на кој присуствуваше е зачеток на другата половина на цикличната историја со кој се заокружува целината. Настанот, Самитот на Трите Мориња одржан под покровителство и иницијатива на Полска, Хрватска (и со учество на Унгарија, Чешка, Словакија, Румунија, Литванија, Естонија, Латвија, Словенија и Австрија) е секако настан кој ветува нови прегрупирања на стариот континент и прилагодување кон современите реалности, преку црпење историски искуства скинати во корен како последица на големата светска војна и железната завеса на поделена Европа. Иницијативата за Трите Мориња е современо надополнување на планот Интермариум (Międzymorze – Меѓуморје) од почетокот на 20-тиот век, замислен од полскиот политичар и воен стратег Јозеф Пилсудски, со цел создавање на федерација на централни и источни европски земји (вклучувајќи ги, освен погоре наброените, уште и Финска, Југославија и Белорусија). Двете светски војни, поделбата на Европа помеѓу Западот и Истокот, но и одбивањето на идејата од страна на Литванија, Украина и повеќето западни земји (со исклучок на Франција), го оневозможија заживувањето на иницијативата. Она што сепак е недоволно разјаснето во врска со наречената иницијатива е тоа дека таа е продолжение на првичната замисла и геостратешка платформа на Пилсудски наречена „Прометејанизам“, со која се целеше разнебитување на Руското царство и спречување на руските замешателства во соседните словенски земји.

Следењето на цикличната историја налага сензибилно читање на старо-новите идеи и способноста истите да се согледаат во новите реалности и отфрлат застарените првични вдахновенија. Колку и да е атрактивна за конспиративно толкување, читањето на Иницијативата Три Мориња низ призма на првичната, столетие-стара офанзивна антируска карактеристика на Интермариумот е сосема погрешна и залажувачка. Напротив, современата Иницијатива е целосно по природа и ефект прогресивна по замисла и дефанзивна по природа, замислена како заокружување на геополитичката реалност предизвикана од агресивната наворешна и атавистичната внатрешна поставеност на Руската Федерација под Путин. Долгото чекање на либерализација на политичкиот дух на Русија и отворањето на Москва како партнер од доверба ја изабе трпеливоста на соседите, но и ја зајакна потребата за создавање нов словенски пол на соработка врз принципите на уважување, соработка и споделени вредности. И во тој дел, именувањето на Полска како срце на Европа не е воопшто чин на митингашка еуфорија на Трамп, туку реал-политичка констатација на геополитичката поставеност на Варшава, но и потребата на севкупниот источен блок.

Сѐ поизразена блискост помеѓу Трамп и новиот француски претседател МакронФотографија: Reuters/J. MacDougall

Флертот на Макрон со Трамп

За жал, позитивната димензија на таа иницијатива останува недоречена во однос кон поставеноста кон (делимично) трансатланските и посебно паневропските димензии во кои е вклучена. Стабилизирачката Потомак-компонента за источниот блок би прераснала во оксиморонична пародија доколку наместо елемент на поврзување прерасне во фактор на разјадување на обединетата во Унија - Европа. Соработката и комплементарноста во односите со Западна Европа, посебно Германија, се и ќе продолжат да бидат гаранти на просперитет на заемно задоволство и камен темелник на сите досегашни и идни замисли за силна и обединета Европа и трансатлантска солидарност. Секаква заборавност за овој историски поучен аспект е однапред осудена на самодеструктивност, без оглед на добрите намери на дневната политика.

Дотолку повеќе што дневната политика на современа Варшава и Вашингтон е оптоварена од десно-конзервативно линеарно читање на цивилизациската хантингтонштина и културен-конзервативизам на Штраус, чие надминување е тест како за односите со (сѐ уште) доминантниот либерален курс на Западна Европа и особено Германија, но и превенција за можни триења во постоечките или перспективни сојузи. Нескриената симпатија помеѓу администрацијата на Трамп и десно-конзервативната влада на Качински е само дел од тој веќе евидентиран и јасен предизвик. Но она што интригира и побудува љубопитност е сѐ поизразената блискост и флерт помеѓу Трамп и новиот француски претседател Макрон, кој по првичните еуфоричните поздравни аплаузи како спас од заканата Марин ле Пен, за жал не се прославува со последните расно оптоварени изјави. Доколку таквото екстрем-десничарско залетување на Макрон цели да ја привлече симпатијата на Трамп, тоа е проблем со согледиви последици за него лично и земјата која ја претставува и секако нема да придонесе кон јакнење на двотакниот франко-германски мотор на ЕУ. Заминувањето на Велика Британија од ЕУ секако дополнително ја зајакнува улогата на Франција како легитимен претендент за одлучувачки фактор во политичките, економските и безбедносни иднини на Европа. Прашање е дали таквите легитимни аспирации ќе бидат диктирани од билатералната усогласеност со Берлин или пак ќе бидат искористени за поствоените замисли на Кожеве за Франција како пиемонт на некое современо Латинско царство.

Каде е Македонија?

Како и да е, Европа допрва ќе треба да докаже дали поствоениот мир е само нус-продукт на доминацијата на САД, или пак самата Европа е помпезна верзија на балканскиот порив за произведување повеќе историја отколку што може да проголта. И затоа неефективноста на Самитот во Хамбург и севкупната лангсзам-лангзам атмосфера на Брисел е потсетник зошто дипломатската мултилатерала е потребна како никогаш досега. Подеднако како што е ефективно неизводлива како речиси секогаш досега.

На крај, ќе прашате каде е Македонија среде сите овие струи? Лаконски кажано, клекната некаде среде вербалната бучна присутност и политичката тапкаџиска замаеност на Брисел и Берлин во Македонија. И под безбедносен чадор на новиот USPREDEP.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми