По примањето на иницијативата за собраниска седница, Вељаноски треба да свика координација за да се договори составот на Комисијата за избори и именувања и дневниот ред. Партиите од мнозинство тоа го очекуваат денеска.
Според политички и дипломатски извори, ова е линијата од која ќе се набљудуваат неопходните чекори за поместување од сегашното статус-кво и за ефектуирање на волјата на мнозинството преку демократски и функционални институции.
Од иницијаторите вчера било побарано да дадат доказ дека имаат поддршка од најмалку 61 пратеник за продолжување на седницата, па иницијативата поткрепена со 67 пратенички потписи утрово ќе биде доставена до претседавачот Трајко Вељаноски. Од Собранието вчера потенцираа дека нема рокови кога Вељаноски треба да ја закаже седницата. Според правни експерти, ваквото „потсетување“ е непотребно, освен ако нема некоја друга тенденција, бидејќи се подразбира дека седницата треба да се закаже во најбрз можен рок, како што сведочи и досегашната собраниска практика.
По примањето на иницијативата, Вељаноски треба да свика координација за да се договори составот на Комисијата за избори и именувања, која треба да го предложи новиот собраниски претседател, и да се одреди дневниот ред на седницата. Според партиски информации, ВМРО-ДПМНЕ инсистирала на мнозинство и на претседател во Комисијата, односно да има 6 члена, СДСМ - 5, а ДУИ и Беса по еден. Предлогот на СДСМ бил тие и ВМРО-ДПМНЕ да имаат по 5 членови, ДУИ два и Беса еден.
Двојни аршини за судството и медиумите
Но, засега тоа е најмалиот проблем. Од ВМРО-ДПМНЕ претходно најавија дека немаат намера да го блокираат одржувањето на седницата и изборот на претседател, но последните соопштенија оставаат неизвесност за натмошните чекори на партијата. Поводот за поинакво дејствување беше навестен во реакцијата по изречената мерка притвор за бизнисменот и сопственик на ТВ „Нова“, Сеад Кочан, кој е осомничен од СЈО во преметот „Труст“.
„Доколку се подлегне на притисокот и на политичките влијанија од СДСМ и незаконски се потврди притвор, сѐ додека тој трае, ВМРО-ДПМНЕ во знак на протест против обидот за загушување на овој медиум и на демократијата и слободата на медиумите, и истовремено закана кон останатите медиуми во кои во некои од нив веќе се врши тортура од СЈО, ќе ги преземе сите расположливи политички и демократски мерки и чекори во правец на спречување на недемократско однесување на СДСМ, која е на власт во СЈО и целосно управува со него и го контролира. Незаконското одредување притвор под притисок на СЈО, СДСМ и Заев, на сопственикот на овој медиум дополнително и многу сериозно ќе ја продлабочи политичката криза во земјата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ, и покрај декларативните заложби за независно судство во кое партиите нема да се мешаат, со ова изврши најдиректен притисок врз судот“, коментираат судии. Според нив, „аргументацијата“ за наводна одбрана на слободата на медиумите е лицемерна, бидејќи токму ВМРО-ДПМНЕ во случајот со Велија Рамковски и ТВ „А1“ тврдеше дека „нема никакви обиди за загушување на кој било медиум, ако неговиот сопственик е осомничен за незаконски активности“. Одлуката на скопскиот Апелациски суд, кој вчера одлучуваше по жалбата и го потврди притворот за Кочан, според партиски извори, сега може да биде искористена како изговор за „преземање други мерки“ од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а кои може да се одразат и на процесите во парламентот.
Капацитетна личност
Од партиите во мнозинството велат дека не очекуваат одолговлекување на овој процес и дека сѐ ќе се реализира во согласност со законите и добрите практики. Но, доколку Вељаноски реши да тактизира со закажување на седницата, таа може да биде свикана и од најстариот пратеник во новиот состав - Бранко Манојловски од ДУИ.
Договор за претседател наводно сѐ уште не е постигнат, а предлози за спикерското столче имале сите партии. Неофицијално, за еден од најсериозните кандидати за таа функција се смета Талат Џафери од ДУИ.
Одговарајќи на новинарско прашање дали е договорено претседател на Собранието да биде Албанец, минатата недела Заев потенцираше дека нема предрасуди за етничката припадност ни на претседателот на Собранието, ниту на која било друга институција.
„Она што го очекувам е капацитетност, личност која ќе отвора дебати, ќе разговара со опозицијата и ќе консолидира идеи“, рече лидерот на СДСМ.
Лицата на македонската политика
Ниту предвремените парламентарни избори не донесоа нови лица на македонската политичка сцена. Излезот од политичката криза останува неизесен. Таа сега се заканува да прерасне во меѓуетничка криза.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Ѓорге Иванов- претседател на државата
Иванов е на средината на својот втор мандат. Некогаш почитуваниот професор на Правниот факултет во политиката често е предмет на остри критики, а и самиот е извор на бројни контроверзи. Ќе остане запаметен по амнестијата за сите политичари против кои се водеа постапки, по што избувнаа масовни протести. Во јуни 2016 година, по силен домашен и меѓународен притисок, Иванов ја повлече аболицијата.
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca
Христијан Мицкоски- ВМРО-ДПМНЕ
По катастрофалниот пораз на локалните избори, Мицкоски го замени дотогаш неприкосновениот Никола Груевски на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Огненото крштевање Мицкоски го имаше на антивладиниот митинг одржан на 2 јуни во Скопје. Оттаму порача дека нема да поддржи промена на Уставот заради промена на името на државата и побара предвремени парламентарни избори заедно со претседателските следната година.
Фотографија: Petr Stojanovski
Зоран Заев - СДСМ
Скандалот со прислушувањето го издигна Заев во водач на фронтот против власта. Долги години мина во сенка на Бранко Црвенковски во СДСМ, кој го аболираше за „случајот Глобал“, а Заев му се одолжи со времено „греење“ на партиската фотелја. Од 2005 е градоначалник на Струмица, а во мај 2013 беше избран за претседател на СДСМ.На чело на Владата застана во мај 2017 година.
Фотографија: DW/K. Ozimec
Али Ахмети- ДУИ
Ахмети во 2002 година ја замени воената униформа на ОНА со интегративниот „костум“ во ДУИ. Со исклучок на периодот од 2006 до 2008 година, неговата партија е постојан придружник во сите македонски влади. Ниту скандалот со прислушкувањето не го убеди да ја раскине коалицијата со Груевски. Во меѓувреме. под силен внатрепартиски притисок, го смени ставот.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Мендух Тачи - ДПА
Иако формално, тој и неговата партија се во опозиција од 2008 година, прислушуваните разговори и начинот на делување на ДПА укажуваат дека Тачи е во постојан дослух со врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Долги години во сенка на Арбен Џафери, по неговата смрт во 2012 целосно ја презеде партијата. Од медиумите и опозициските политичари во земјата ја доби титулата „војвода“ поради наводната блискост со ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: MIA
Здравко Савески- Левица
Докторот на политички науки веќе со години е активен во политиката, не само како член на Президиумот на Левица, туку и како синдикалец и активист за човекови и социјални права. Во политичкото „СиВи“ запишано му е и едно апсење и повеќемесечен домашен притвор под обвинение за учество во толпа. Неговата партија- Левица остана надвор од парламентот.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Андреј Жерновски- ЛДП
Иако формално ја напушти лидерската позицијата во Либерал-демократската партија за да им се посвети на општинските задачи, се очекува градоначалникот на скопската општина Центар високо да котира на опозициските листи на парламентарните избори. Со победата во Центар, на изборите кои беа повеќе пати повторувани, доби шанса да стане симбол на движењето против власта.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Африм Гаши- Беса
Гаши е висок функционер и еден од иницијаторите за формирањето на Беса- партија која претендира да го урне „дуополот“ на ДУИ и ДПА кај албанската етничка заедница. Партискиот лидер Билал Касими веќе најави дека целта на партијата е да стане водечка кај Албанците, но и да иницира промена на Уставот за редефинирање на државата. Тој ги отфрла шпекулациите дека Беса се финансира од Турција.
Фотографија: Katerina Blazevska
Љубчо Георгиевски - ВМРО-НП
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ на политичката сцена е активен единствено во пресрет на избори. Неговата ВМРО-Народна партија долго соработуваше со опозицијата и беше критична кон власта, но во пресрет на вонредните парламентарни избори одново ја актуелизираше можноста за соработка со некогашните сопартијци од ДПМНЕ. По изборите остана вон парламентот.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Ивон Величковски - Либерална партија
Претседателот на Либералната партија се обидува да игра меѓу „два огна“ позиционирајќи ја својата партија како алтернатива и на власта и на опозицијата. Остар критичар на власта, но и на пазарењата меѓу четирите водечки партии. Бараше опозициски договор за изолација на ВМРО-ДПМНЕ по изборите, но наиде на молк. На изборите оствари незначителен резултат.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Зијадин Села - Движење за реформи во ДПА
Специјалистот по интерна медицина го предводи Движењето за реформи во ДПА откако се одвои од матичната Демократска партија на Албанците и расчисти со некогашниот партиски соработник Мендух Тачи. По изборите стана клучен играч за формирање на ново владино мнозинство. Локалните избори ќе дадат одговор на прашањето дали Села и натаму ќе може да управува со Струга како градоначалник.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Љубе Бошкоски- Обединети за Македонија
По излегувањето од затвор, Бошкоски не е многу активен на политичката сцена. Првите месеци ги мина во изолација, а неговата Обединети за Македонија не се прослави на предвремените избори. По изборите повторно, речиси целосно се повлече и ретко се појавува во јавноста.