1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потрага по гробот на Александар

Синоличка Трпкова
19 јануари 2018

И еве нѐ, пак се вртиме во круг. Барањето и посочувањето виновници денес е исто како барањето на гробот на Александар. Ниту ни значи нешто, ниту ќе нѐ однесе некаде, ниту пак ќе ни помогне да станеме држава!

Sinolicka Trpkova
Фотографија: Privat

Години ни требаа за да направиме исчекор кон слободата. Режимот ги поседуваше сите медиуми и имаше платени поддржувачи и гласноговорници. Од друга страна, граѓанското движење олицетворено во различни НВО, долги години беше финансиски помагано од различни фондови. Потоа движењето стана помасовно. Се приклучуваа обични, освестени луѓе, од различна вера и етничка припадност коишто беа жртви на режимот или не можеа да молчат пред секојдневните неправди и газењето врз оновните човечки права и слободи. Граѓанското движење беше ветер во грб на опозицијата, којашто беше само бледа сенка во парламентот. И сите обединети, не бевме доволно моќни да ѝ се спротивставиме на злосторничко-криминалната коалиција на власт.

Безброј пати заминував од протести, средби, маршеви,  без надеж дека имаме сила и капацитет да промениме нешто. Да бидам искрена, чувствував дека бевме мала критичка маса и не можевме во континуитет да се справуваме со мафијашката машинерија. Кога излегоа бомбите надежта повторно се врати. Се придружија нови луѓе. Но ни таа „експлозија” не беше доволна да го дигне народот. Власта ги купи и необразованите, ограбените, заборавените. Дел од луѓето не се бавеа со политика, а си тераа работа. За сето тоа време образовани луѓе, луѓе на позиции, со искуства, титули, комотно и срамно молчеа или се ставаа во служба на режимот. Државата “шлајфуваше” во место. Преовладуваа стравот, полтронството, апатијата, дефетизмот. Потребни беа Пржинските договори, директната интервенција на САД и ЕУ за да мрднеме од мртва точка. Но и изборите што конечно следеа не покажаа убедлива разврска. Новата, со мака создадена влада немаше мнозинство без верните партнери на криминалната дпмне - ДУИ, па така наместо итно расчистување на криминалот, вистински почеток на реформите и демонтирањето на мафијашките структури, нови приоритети станаа албанската платформа и законот за јазици. На многумина ни стана јасно дека одново бевме вклештени во долг, неизвесен и мачен процес.

Владините „јасли“

Со формирањето на новата влада, антагонизмот меѓу луѓето од режимот почна да спласнува. Многумина од оние што се бореа против режимот, се сместија во владините јасли и се стишија. Луѓето од „невладините” се преселија во „владините” и само го променија работодавачот. Дел од членовите на СДСМ, по партиска заслуга добија местa во власта, а на добар дел од оние што соработуваа со режимот им се прогледа низ прсти, заради мир во куќа. Оние пак што сето време молчеа - конечно проговорија и сега храбро јуришаат против секоја одлука на новата влада. Сега, освен слобода на говор, имаат и сила и свежина повеќе од сите, зашто го преспаа Груевски, чиј „дух”, благодарение и на нив, тешко ќе се искорени. Албанските коалициски партнери, како секогаш, си ја тераат прво својата агенда. 

Претходни колумни: 

И животот чека свој термин

Историјата се повторува, уметноста - не

Се плашам дека овој народ иако географски сместен во Европа, не покажа капацитет да менува и казнува влади, да строи министри, да крои политики, да држи часови по демократија,  да создава и движи држава – колективно, за заедничка иднина за подоброто утре за сите. Суштински реформи нема, зашто или не се сака, или нема кој да ги спроведе. Промените донесоа повеќе демократија, но ветуваниот живот за сите го нема, како што немаше ни обединет фронт за спас на земјата - никој не сакаше да направи отстапки за изборите, за конечно сите обединети да расчистиме со криминалот во државата. Им пречеше Заев, го мразеа Села, тагуваа по Љубчо и Бранко, сонуваа за Путин, се надеваа на Трамп, името не го даваа. На крајот стигнавме овде кај што сме - политички вклештени одвнатре и однадвор. Но најмногу од самите себеси. А сепак навидум сѐ уште имаме простор за маневрирање и анализирање, стомакот ни е полн и сметките платени. Единствено време кога покажуваме сложност е во освојување на плажите на нашиот „крвен непријател”, за на есен со нови сили, повторно да се закрвиме во име на љубовта кон татковината, со чашка ракија во биртија, со пивце пред „гранап” или на ФБ.

Тапкање во место

Верував дека криминалното владеење на ДПМНЕ ќе ни биде последна шанса да ја совладаме транзициската лекција, да создадеме нова влада без учество на ниеден остаток од претходната криминална власт. Но тоа не се случи. Еве нѐ во осмиот месец од „победата” се уште во преговори за функции, позиции, бројност, застапеност, проценти – наместо со конкретни решенија и промени. Теоретски се ослободивме од режимот, но практично - тапкаме во место. Можеби и вака ќе влеземе во НАТО, ним ионака им е важно стратешкото влијание. Но за влез во ЕУ (а и воопшто за државност) прво ни треба поставување, градење и негување на нов вредносен и правен систем, освен решавањето на проблемот со името. Зашто само граѓанска еманципираност, образованост, зрелост и колективна одговорност, можат да ни обезбедат влез во Унијата, па можеби и име без придавки – сето она што пропуштивме да го направиме во минатото. Но тоа нашиот „напатен” народ никогаш не го разбра, а нашите омилени и омрзнати „политичари” никогаш не се ни потрудија да му го објаснат, па дури и да му го наметнат. Наместо тоа изгубивме 27 години во поделби во партиски табори, во незрели, криминални, популистички и националистички политики и во водење преговори за името. И еве нѐ, пак се вртиме во круг. Барањето и посочувањето виновници денес е исто како барањето на гробот на Александар. Ниту ни значи нешто, ниту ќе нѐ однесе некаде, ниту пак ќе ни помогне да станеме држава!

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми