1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потребен нов импулс за германската политика во БиХ и на Балканот

Азер Слањанкиќ/ Симе Недевски26 мај 2014

Германскиот министер за надворешни работи пристигнува во дводневна посета на БиХ. Многумина од него очекуваат поактивна политика на Балканот и предупредуваат дека исходот од војната во БиХ има врска со кризата во Украина

Фотографија: DW

„Доколку Франк-Валтер Штајнмаjер сериозно мисли кога говори за нови насоки на германската надворешна политика, тогаш не може да го заобиколи проблемот БиХ, бидејќи тоа е едно од најголемите жаришта на Балканот“, предупредува Кристијан Шварц-Шилинг, поранешен Висок претставник на меѓународната заедница во БиХ.

Очекувањата од дводневната посета (26-27.05) на шефот на германската дипломатија на Сараево очигледно се големи. Посетата би требало да биде искористена за нов импулс за германската политика која во изминатите четири години изгледаше како да се има „простено“ од БиХ , наведува Ерих Ратфелдер, долгогодишен дописник од Сараево на германскиот весник „Тагесшпигел“.

„Од Германија се очекува повеќе. Тоа е земја која го има главниот збор во ЕУ. Министерот Штајнмајер и владата во Берлин говорат за преземање поголема одговорност, а токму во БиХ би можела да се преземе поголема одговорност. Ние и навистина сме одговорни, бидејќи сме една од земјите кои учествуваа во изработката на Дејтонскиот договор и носиме одговорност за постоењето на еден Устав кој е неодржлив“, додава Ратфелдер.

Кристијан Шварц-ШилингФотографија: picture-alliance/dpa

И Јосип Јуратовиќ, пратеник во германскиот Бундестаг, верува дека на БиХ и е потребен нов Устав, но негира дека владата во Берлин е недоволно вклучена во процесите во таа земја. И самиот, како што вели, повеќепати престојувал во БиХ, и се обидувал преку резговори со босанско-херцеговските политичари да ги придвижи нештата од мртва точка.

Тој верува дека Берлин во наредниот период поинтензивно ќе се ангажира во Босна и Херцеговина, но додава дека главната одговорност и натаму лежи во рацете на локалните политичари: „Мора да се тргне на патот кон ЕУ. Но тоа не може да го направи или нареди некој однадвор. Тоа значи дека 90 насто од работата на теренот мора да ја сработат политичарите во БиХ, а ние можеме да ги додадеме останатите 10 проценти. Неможе работите да течат така што ние однадвор би ги одработиле оние 90 насто, а потоа политичарите во БиХ да кажуваат 'ова го прифаќам, ова не' и да најдат десет изговори зошто нешто не функционира“, вели Јуратовиќ.

Лекција на населението за политичарите

Политичарот со хрватско потекло има впечаток дека катастрофалните поплави во БиХ како да ги обединиле граѓаните на земјата. „Секој му помага секому, без оглед на националната припадност и на ентитетските граници. Иако на некои луѓе, политичките структури им ги замрачиле умовите, ме радува дека не успеале да им ги замрачат и срцата“, вели Јуратовиќ.

Јосип ЈуратовиќФотографија: DW

Тој се надева дека сигналите кои ги упатија граѓаните ќе стигнат и до политичарите. „За жал мораше да се случи катастрофа за поединци да се освестат“.

Поради тоа се очекува за време на посетата на Сараево германскиот министер Штајнмајер да искаже подготвеност за давање помош за обновата на погодените подрачја: „Со оглед на природната катастрофа, која се случи во БиХ, најнапред мора да се пружи ефикасна помош. Ама не преку високите политички структури, преку државните и ентитетските власти кои меѓусебно се блокраат, туку директно во општините погодени од поплавите“, бара новинарот Ратфелдер.

Украина и БиХ како споени садови

Кризата во Украина не може да се набљудува одвоено од случувањата на Балканот, смета поранешниот дипломат Кристијан Шварц-Шилинг. „Првенствено Русија се обидува со своето влијание да го пополни 'политичкиот вакуум' во државите кои се наоѓаат меѓу неа и ЕУ. Колку побргу го сфатиме тој систем на споени садови од Украина до БиХ, толку побргу ќе ги решиме кризите во двете земји“.

Ерих РатфелдерФотографија: Erich Rathfelder

Ерих Ратфелдер пак истакнува дека во БиХ беше водена ужасна војна во која всушност победија националистите: „Доказ за тоа е поделбата по национална основа. Тој сигнал дека со национализам може да се дојде до победа е регистриран и во други делови на Европа. Повторниот подем на национализмот во Европа и тоа како има врска со војната во БиХ и нејзиниот исход. Тоа не смее да се потцени бидејќи во изминатите 20 години, разни националистички движења, од Унгарија па натаму го сфатија тој сигнал. Тие си рекоа: 'Повторно може да се води националистичка политика, а Европа не е доволно силна за да ја сузбие.' Мора да се препознае таа поврзаност и да се направи политички пресврт“, истакнува Ратфелдер.

Во таа смисла, борбата на германската дипломатија против резултатите на националистичката политика во БиХ воедно би била и борба против напредувањето на националистите и на десничарските партии внатре во ЕУ, верува новинарот на „Тагесцајтунг“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми